МИА Радио флеш
- 13 јануари 2025
13 јануари 2025
Скопје - Од ноќеска поскапуваат бензините, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, а цената на мазутот се намалува. Според најновата Одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се зголеми за 1,50 денар, а на ЕУРОСУПЕР БС-98, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголеми за еден денар. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, пак, ќе се намали за 0,426 денари.
ЕУРОСУПЕР БС ќе чини 95 79,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС 98 ќе се продава по 81,50 денари за литар, а дизел горивото по 73,50 денари за литар. Екстра лесното мало ќе чини 73 денари за литар, а мазутот 45,285 денари за килограм.
Скопје - Пратеничката на Алијансата за Албанците дел од „Европски фронт“, Илире Даути во пишана изјава до медиумите нагласува дека изгласаната интерпелација минатиот петок поднесена од Левица според донесениот заклучок значи нејзино разрешување или дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ.
-Изгласаната интерпелација во Собрание, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме, вели Даути.
Скопје - Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во врска со интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за труд, социјална политика и млади Илире Даути од Европскиот фронт, рече дека имаат забелешки за нејзината работа, но оти не поддржуваат иницијатива од Левица.
-Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисија и ќе остане претседател на Комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица ние сме против и затоа ќе ја поддржиме, рече Меџити.
Скопје - Одбраната на екс министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска задоволна од ослободителната пресуда за случајот со уништувањето на опремата за прислушување во УБК. Јанкуловска, според адвокатот Влатко Илиевски, кој е сопруг и нејзин бранител, вели дека таа е една од најголемите жртви на прислушкувањето и се надева дека ако „не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушкувањето и да се надомести нематеријалната штета која што Гордана Јанкуловска ја има претрпено“.
Илиевски, во изјава за медиумите пред Кривичниот суд во Скопје, посочи дека од она што го слушнале при објавување на пресудата може да се заклучи дека Судот ги прифатил наводите на одбраната дека кај Гордана Јанкуловска воопшто не постоело ниту умисла, ниту намера да се уништи конкретната опрема, а уште помалку да се причини каква било штета на државата и на Министерството.
Скопје - Собраниската комисија за финансирање и буџет на денешната седница констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи е прифатлив и треба да се даде на натамошно, второ читање.
Со предложените измени, како што објасни заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, се предвидува допрецизирање на дел од одредбите од постојниот Закон за пристапување на земјава во Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). Законот во голема мера е усогласен со оној во ЕУ, но Европската комисија констатирала одредени регулаторни недостатоци кои треба да се доуредат. Сепак, се очекува, рече Јанкуловски пред Комисијата, Северна Македонија да се приклучи кон СЕПА најдоцна до март 2025 година.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денесka ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во земјава, Паоло Палминтиери.
За време на средбата, министерот Муцунски му посака успешна мисија на новиот италијански амбасадор, изразувајќи уверување дека неговото дипломатско искуство и личен ангажман ќе придонесат значително кон продлабочување на односите и доближување на двете земји, МНРНД. Тој се заблагодари за посветеноста на Италија и нејзината проактивна улога во забрзување на процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија.
Скопје - Министерот за правда Игор Филков најавува дека Министерството за правда наскоро ќе излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое, како што нагласува, треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.
-Дефиницијата на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ е од суштинско значење за функционирањето на правосудниот систем, но, исто така, и за борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните функции. Согласен сум дека сегашниот опис на ова кривично дело може да создаде прашања во однос на примената, особено кога станува збор за неговата широкоприменливост и потенцијалoт за злоупотреба во контекст на политички мотивирани постапки, вели Филков во интервју за Плусинфо.
Скопје - Управата за јавни приходи соопшти дека во тек на месец декември 2024 година, согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, спроведе контроли кај 696 објекти. Од вкупно извршените контроли кај 512 даночни обврзници не се утврдени неправилности, а кај 140 даночни обврзници се утврдени неправилности за кои се изречени соодветни поднесоци.
Изречени се 80 глоби за сторен прекршок неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, 29 глоби за неводење книга за дневни финансиски извештаи, 16 глоби за незакупени и нерегистрирани резервни фискални апарати, осум глоби за прекршок за некоористење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања, една глоба за неиздавање парагон - блок за извршениот промет на добра, односно на услуга. Изречени се и две глоби за тоа што не прикажувале промет од македонски производи, две глоби за неистакнување на видно место соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка, и две затоа што не ги чувале и одржувале фискалните апарати во исправна состојба.
Скопје - Во организација на Здружението Хуманитарни акции утре ќе биде отворен Василичарски хуманитарен пункт за донирање на социјално ранливите категории, на кој ќе се потпишува петиција за државна рефундација за бебешки пелени за самохрани родители и родители од социјално ранливата категорија.
Како што информираше денеска претседателот на Здружението Хуманитарни акции Владимир Чолаконски Преспански, процентот на самохрани родители во последните десет години е значително зголемен, додека цените на бебешката исхрана и бебешките пелени се зголемени за 100 до 150 отсто.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска му ја честиташе победата на Зоран Милановиќ во вториот круг од претседателските избори во Хрватска, јави Бета.
„Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ му ја честиташе победата на Зоран Милановиќ на претседателските избори во Хрватска“, се наведува во кусото соопштение од кабинетот на Вучиќ.
Букурешт - Романскиот премиер Марсел Чолаку денеска изјави дека поништувањето на првиот круг од претседателските избори е одлука на Уставниот суд, која треба да се спроведе, а не да се коментира.
„Немам објаснување да дадам, бидејќи не бев јас тој што ги поништи изборите“, одговори Чолаку на новинарско прашање дали добил повеќе објаснувања зошто се поништени изборите, со оглед на тоа што властите се уште јавно не објавиле што довело до ваквата одлука.
Москва - Кремљ ги критикуваше новововедените американски санкции како обид за поткопување на позициите на руските компании со регулативи кои ја нарушуваат конкуренцијата.
-Во исто време, таквите одлуки секако мора да доведат до одредена дестабилизација на меѓународните енергетски и нафтени пазари, рече денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Ерусалим - Данска разбира дека САД имаат безбедносни интереси на Арктикот и е подготвена да разговара за тоа со администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, изјави денеска шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен.
Расмунсен на прес-конференција во Ерусалим рече дека Данска е подготвена да ги продолжи разговорите со Трамп, во тесна соработка со Гренланд, со цел да се осигураат легитимните американски интереси, пренесоа британските медиуми.
Брисел - Европска комисија донесе одлука за доделување на нова хуманитарна помош за Украина и за Молдавија во износ од 148 милиони евра намената за најранливите категории на украински граѓани погодени од руската агресија врз нивната земја.
Како што соопшти ЕК, од оваа сума 140 милиони евра се наменети за Украина за хуманитарни проекти за обезбедување на храна, сместување, чиста вода, здравствена заштита и за справување со зимата. Дополнително, останатите осум милиони евра се одвоени за поддршка на украинските бегалци во Молдавија и нивните молдавски домаќини во форма на паричната помош, како и за обезбедување здравствената заштита, образованието и психосоцијална поддршка.
Техеран - Иранско-германската активистка за правата на жените Нахид Тагави е пуштена од затвор и се вратила во Германија по повеќе од четири години зад решетки во Иран, соопшти денеска Амнести интернешнал.
Таа беше ослободена поради загриженост за нејзиното здравје и повикот на групите за човекови права до германската влада да изврши притисок врз Техеран во врска со случајот.
Пекинг - Кинескиот извоз нагло се забрза во декември, а во текот на 2024 година, испораките на индустриски роботи и 3Д печатачи скокнаа особено силно, покажаа податоците на царината.
Извозот изразен во долари е зголемен за 10,7 отсто во декември во однос на истиот месец во 2023 година. Во ноември е зголемен за 6,7 отсто. Увозот се зголеми за еден процент, најсилен од јули.
Атина - Годишната инфлација во Грција во декември била 2,6 отсто, наспроти 3,5 проценти споредбено со истиот период во 2023 година, меѓутоа одредени производи и услуги се значително повисоки, како што се на пример авионските билети што за една година се за 47,7 отсто поскапи, согласно месечните податоци од Службата за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се анализираат официјалните податоци, со исклучок на одредени прехранбени продукти и нафтата за греење, останатите производи и услуги се поскапени во период од една година.
Минхен - До десет дронови од непознато потекло се забележани над воен аеродром во јужна Германија, соопштија денеска баварските власти.
Инспекторите велат дека не ја отфрлиле можноста за шпионажа како можна причина, веројатно поврзана со војната на Русија против Украина.
Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен добро се опоравува од пневмонијата од која боледуваше и се наоѓа во нејзината куќа во Хановер, информира денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Таа соопшти дека Фон дер Лајен уште оваа недела ќе отсуствува од своето работно место во Брисел, поради што побарала со заседанието на Колеџот на комесари в среда да претседава извршната потпретседателка на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за конкурентност Тереза Рибера.
Доха - Претставници на Катар кои посредуваат во преговорите денеска на претставници на Израел и Хамас им го претставија конечниот нацрт договор за прекин на огнот во Појасот Газа, откако на полноќ беше постигнат напредок во разговорите, во присуство на претставник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, изјави за светските агенции официјален претставник запознаен со преговорите.
Официјалниот претставник рече дека текстот на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците бил дефиниран со разговорите во Доха во кои се вклучени шефовите на Мосад и Шин Бет, катарскиот премиер, шефот на египетската тајна служба и Стив Виткоф, кој ќе биде американски претставник кога Трамп ја презема функцијата. Се верува дека учествувале и претставници на американската администрација во заминување.
Токио - Силен земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди југозападниот дел на Јапонија, соопшти Јапонската метеоролошка агенција.
Издадено е предупредување за цунами со максимална висина од еден метар за префектурите Мијазаки и Кочин, соопшти Агенцијата.
Москва - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ќе пристигне во официјална посета на Русија на 17 јануари, кога ќе разговара со неговиот руски колега Владимир Путин, соопшти денеска прес-службата на Кремљ.
Предвидено е разгледување на перспективите за идното проширување на билатералната соработка во трговската, инвестициската, транспортната, логистичката и хуманитарната сфера, како и актуелните прашања од регионалната и меѓународната агенда“, се вели во соопштението на Кремљ.