МИА Радио флеш
- 13 јануари 2025
13 јануари 2025
Скопје - Приходите и расходите во Буџетот за 2024 година се реализирани на ниво над 96%, што е согласно со планираното. Притоа растот на приходите и расходите во однос на претходната година е околу 10%, а буџетскиот дефицит е понизок од планираното за 2,5 милијарди денари и е на ниво од 4,4% од БДП, соопшти Министерството за финансии (МФ).
Вкупните приходи во Буџетот за 2024 година се реализирани во износ од 306,3 милијарди денари или 96,3% од планираното. Приходите од даноци и придонеси се реализирани во целост односно 99,7%, додека само од даноци остварувањето е 99,2%. Кај данокот на личен доход има остварување од 101%, данокот на додадена вредност 103,8%, кај данокот на добивка има оставрување од 95,6% и увозните давачки се со остварување од 95,3%.
Скопје - Министерството за транспорт и врски информира дека дежурните екипи на ЈП Македонијапат и во текот на ноќта во континуитет биле на терен и вршеле расчистување на сите државни патишта со цел да ги оддржат проодни за сообраќај. -Сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот. Службите на ЈП Македонијапат со целокупната механизација и работна сила продолжуваат со расчистување за нормално одвивање на сообраќајот на државните патишта, велат од Министеството.
Апелираат до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќај во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби.
Белград – Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ изјави дека механизмите вградени во санкциите против рускиот сопственички удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) се темелно правнички осмислени и дека ќе биде многу тешко за новата американска администрација да ги укине овие санкции без комплексна конгресна процедура.
- Тимот од српското Министерство за финансии денеска почнува технички разговори со Министерството за финансии на САД за условите. Многу наскоро ќе разговараме и со нашите руски партнери за да го најдеме најдоброто можно решение за Србија, изјави Ѓуриќ за РТС, додавајќи дека е оптимист во врска со Нафтената индустрија на Србија. Тој оцени дека нема да има потреси на енергетскиот пазар во Србија.
Подгорица - Во успешна операција координирана преку Оперативно-комуникацискиот центар 112, во соработка со службите за заштита и спасување во Никшиќ и Жабљак, во неделата во три операции беа спасени 14 лица кои беа заглавени во снегот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Црна Гора.
„На територијата на општина Жабљак се спасени седум државјани на Бангладеш и двајца државјани на Руската Федерација, а во областа Крново се спасени петмина црногорски државјани. Заглавените лица се лоцирани преку системот 112 Оперативен центар за комуникации и испратени се информации до службите, а благодарение на брзата реакција на Службата за заштита и спасување сите се безбедно евакуирани“, соопшти МВР.
Москва - Многу земји изразуваат подготвеност да бидат платформа за потенцијални преговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, но прерано е да се зборува за тоа, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека се уште нема суштински подготовки за средбата Путин-Трамп, но додаде дека постои политичка волја за тоа. -Ваквите контакти се многу неопходни и препорачливи, нагласи Песков, пренесоа руските медиуми.
Москва - Русија денеска соопшти дека соборила девет украински беспилотни летала што се обиделе да нападнат дел од инфраструктурата на гасоводот „Турски тек“, преку кој рускиот гас тече кон Турција и Европа, пренесуваат британските медиуми.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот бил насочен кон компресорска станица во јужна руска област Краснодар, но објектот работи нормално и нема жртви. Британските медиуми забележуваат дека не може да се потврди точноста на информацијата од независни извори и дека засега Украина не излезе со коментар.
Исламабад – Спасувачи извлекле тела на 11 рудари кои загинале минатата недела откако експлозија на гас метан предизвикала уривање на рудник за јаглен во југозападен Пакистан.
Локалните власти соопштија дека по уште еден рудар се уште се трага.Во рудниците во Пакистан безбедносните стандарди најчесто се игнорираат, што доведува до несреќи и експлозии.
Гома - Неколку градови кои беа под контрола на вооружени групи во провинциите Северен Киву и Јужен Киву во источниот дел на Конго се повторно заземени од владините сили, изјави портпаролот на армијата на Конго.
Во исто време, бунтовниците напредуваа и во други области од регионот. Во источно Конго, владата со децении е во конфликт со повеќе од 100 вооружени групи, од кои повеќето се борат за територија во регион богат со минерали во близина на границата со Руанда. Овие конфликти доведоа до една од најголемите хуманитарни кризи во светот и повеќе од седум милиони раселени луѓе.
Њу Делхи - Милиони луѓе се собираат во северниот индиски град Прајаграж во државата Утар Прадеш за да учествуваат на фестивалот Маха Кумб Мела, најголемиот собир на луѓе во светот, јавува Би-Би-Си.
Побожните Хиндуси од целиот свет ќе се капат во Сангам - сливот на светата индиска река Ганг и Јамуна - во следните шест недели. Според официјалните лица, се очекува најмалку 400 милиони луѓе да се соберат во градот Прајаграж (официјално Алахабад) во следните 45 дена, повеќе од целото население на САД или на Европската унија.
Бангкок – Тајландската влада денеска одобри нацрт-закон за легализирање на казината, како што е наведено, со цел да се поттикне туризмот и да се зајакне економијата.
Некои облици на коцкање, како што е обложувањето на трки со коњи, досега беа дозволени, но казината останаа нелегални во оваа југоисточна азиска земја. Во предлог-законот се наведува дека на казината ќе им биде дозволено да работат во комплекс кој вклучува хотели, конгресни сали, трговски центар или тематски парк.
Каиро - Американските и арапските посредници постигнаа значителен напредок во посредувањето за прекин на огнот во војната меѓу Израел и палестинската група Хамас и ослободувањето на десетици заложници кои се уште се држат во Појасот Газа, но конечниот договор сè уште не е постигнат, изјавија денеска официјални лица.
Според тројца функционери, наредните денови ќе бидат клучни за ставање крај на борбите кои траат повеќе од 15 месеци и го дестабилизираа целиот Блиски Исток.
Како што пренесуваат агенциите, во текот на ноќта е постигнат напредок во преговорите и изготвен е нацрт-договор, а преговарачите на Израел и Хамас ќе им го вратат на нивните лидери за конечно одобрување.