• понеделник, 13 јануари 2025
МИА Радио флеш

13 јануари 2025 

Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за финансирање и буџет и Законодавно - правната комисија.    

На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за платежни услуги и платни системи, во прво читање. 

Скопје - Најмногу снег во изминатото деноноќие наврна на Попова Шапка 64 сантиметри, во Маврови Анови снежната покривка е 57, во Круешево 36, Дебар 34, Штип 32, Демир Капија 31, Тетово 30, Берово 27, Прилеп 20, Охрид 17, Струмица 15, а во Скопје 11 сантиметри, информира УХМР.

На Попова Шапка утрово е и најстудено 10 степени под нулата, -8 се измерени во Маврови Анови и Крушево, -5 во Берово, -4 во Крива Паланка, Битола, Прилеп, Охрид и Претор, -3 Тетово, Дебар и Виница, -2 во Скопје, Куманово и Штип, -1 во Велес, Кавадарци, Струмица и Демир Капија, а 0 во Гевгелија.

Вевчани - Со традиционалното дефиле под маски денеска напладне почнува официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.

Маскирани, вевчанци на сатиричен начин, зачувувајќи ја речиси 15-вековната традиција ќе ги прикажaт случувањата од изминатата година во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство. Се верува дека преку маските Василичарите го бркаат злото и прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар, испраќајќи порака за промена на негативните случувања во општеството И како што е добро познато, вевчанци, кои важат за љубезен и гостопримилв народ, верни на традицијата, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Сан Салвадор - Салвадорските власти заплениле 4,3 тони кокаин во рација на четири бродови на отворено море на Тихиот Океан и уапсиле осум Еквадорци и еден Колумбиец, изјави вчера салвадорскиот претседател Наиб Букеле, цитиран од француските медиуми.

-Нашата национална морнарица нанесе историски удар против шверцот со дрога во првите денови на 2025 година, правејќи четири заплени во една мисија на отворено море, рече Букеле.

Атина  – Основните и средните училишта во повеќе општини во северниот дел на Грција денеска ќе бидат затворени поради снежната бура што од вчера ја зафати земјата, а на одредени патни правци постои забрана за сообраќај на тешки возила, јави дописничката на МИА од Атина.

Научната Комисија за проценка на опасности од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита вчера одржала вонреден состанок и, според грчките медиуми, издадена е препорака за забрана за сообраќај на тешки возила до денеска во 14 часот на одредени патни правци во северна Грција, а ланци за автомобилите се задолжителни низ мрежата на регионите Епир, северна Грција, Тракија и западниот дел на областа Тесалија.

Вашингтон - Американскиот министер за одбрана во заминување, Лојд Остин, препорача зголемување на буџетот за одбрана за околу 50 милијарди долари повеќе од сегашните проекции за 2026 година, потег што може да ги поттикне трошоците за одбрана на повеќе од билион долари во наредниот период. објави денеска Блумберг.

Во писмото од 27 ноември до Канцеларијата за менаџмент и буџет, во кое увид имал Блумберг, секретарот Остин и препорача на администрацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп петгодишен одбранбен буџет што предвидува 926,5 милијарди долари во фискалната 2026 година, во споредба со предвидената распределба од 876,8 долари милијарди долари.

Ријад - Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати ги повика регионалните и меѓународните сили да спречат Сирија да стане центар на терористичките групи кои ќе го загрозат регионот, пишува весникот „Ал Ахрам“.

Во обраќањето на министерскиот состанок за иднината на Сирија во Ријад, Абделати ја истакна потребата од регионална и меѓународна соработка за да се осигура дека „Сирија нема да стане извор на нестабилност или засолниште за терористичките организации“.

Загреб - Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ (58) во својот победнички говор синоќа рече дека победата во вториот круг од претседателските избори ја гледа како признание за досегашната негова работа и додаде дека и подава рака на Владата.

-Ова е голем ден за мене, оваа победа ја гледам како признание и одобрување на мојата работа, рече Милановиќ во изборниот штаб во Фабриката за култура во Загреб, каде беше пречекан со овации и скандирања „Зоки“.

Загреб - Светските и регионалните новински агенции во своите извештаи од вчерашните претседателски избори во Хрватска оценија дека победата на актуелниот претседател Зоран Милановиќ претставува историски триумф, пренесе Хина.

Австриската агенција АПА наведува дека актуелниот хрватски претседател Милановиќ со убедлива победа си го обезбедил вториот мандат. Тој во вчерашниот втор круг од изборите влезе со голема предност пред неговиот конзервативен противкандидат Драган Приморац и оствари историски триумф. Ниту еден хрватски претседател никогаш не бил избран со поддршка од над 70 отсто, а Милановиќ победил со 74,5 отсто, пренесува австриската агенција.

Москва - Русија нема намера да ги напаѓа земјите на НАТО и не прави такви агресивни планови, изјави Владислав Маслеников, директор на Одделот за европски прашања на руското МНР. 

„Односите меѓу Русија и НАТО во моментов не се само на најниската точка од крајот на Студената војна. Алијансата зазеде недвосмислен курс кон конфронтација со нашата земја и задржување на наводната 'закана' што доаѓа од нас. Ова се случува во сите сфери и во сите географски правци“, рече претставникот на руското Министерство за надворешни работи во интервју за весникот „Известија“.

Стокхолм - Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави денеска дека неговата земја „не е во војна, но нема ниту мир“, мислејќи на хибридните напади и прокси војната што се водат на нејзина територија, пренесоа француските меидуми.

-Шведска не е во војна, но не е ниту во мир. Вистинскиот мир е слобода и отсуство на сериозни конфликти меѓу државите, рече тој за време на годишниот форум за одбрана во централниот град Селена.

Сеул – Најмалку 300 севернокорејски војници кои се бореле на страната на Русија против Украина се убиени во борбите, а околу 2.700 се ранети, соопшти утрово јужнокорејската Национална разузнавачка служба (НИС).

Информацијата била соопштена за време на состанокот зад затворени врати на парламентарната комисија за разузнавање, рече пратеникот Ли Сеунг-Квон од владејачката Партија на моќта на народот. Ли изјави дека НИС исто така информирала дека Северна Кореја им наредила на своите војници да се самоубијат за да не бидат заробени живи од украинската војска. Пратеникот рече дека еден од двајцата севернокорејски војници заробени од украинските сили во регионот Курск во Русија, одбил понуда за азил во Јужна Кореја.

Киев – Контроверзното патување во Москва на словачкиот премиер Роберт Фицо го предизвика украинскиот претседател Володимир Зеленски дополнително да го критикува својот сосед, пренесе ДПА.

- Беше јасна грешка за Фицо да верува дека може да ги продолжи своите матни зделки со Москва на неодредено време, напиша Зеленски на Х.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Киев е подготвен да ги предаде севернокорејските војници на нивниот лидер Ким Џонг Ун, доколку тој може да обезбеди нивна размена за украинските војници заробени во Русија.

„Покрај првите заробени војници од Северна Кореја, сигурно ќе ги има повеќе. Прашање на време е кога нашите војници ќе успеат да заробат и други“, напиша Зеленски на X.

Брисел - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте попладнево ќе учествува на заеднички состанок на членовите на три тела на Европскиот парламент - Комитетот за надворешни работи  (АФЕТ), на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) и на Делегацијата за односи со Парламентарното собрание на Алијансата. 

Како што соопшти Европарламентот, цел на состанок е размена на мислење меѓу Руте и европратениците за руската агресија врз Украина, за очекувањата од претстојната американска администрација, како и за други регионални и глобални безбедносни закани за кои е потребна тесна соработка меѓу ЕУ и НАТО. 

Брисел - Заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска денеска ќе престојува во шведскиот град Селен, каде ќе учествува на Годишната национална конференција на здружението „Народ и одбрана“ насловена „Ковање на иднината: Стратешката визија на НАТО под новото раководство“. 

Предвидено е Шекеринска да има обраќање на конференцијата, по што, како што соопшти НАТО, ќе следи размена на мислења со присутните. 

Остани поврзан