• вторник, 14 јануари 2025
МИА Радио флеш

14 јануари 2025 

Скопје - На Попова Шапка е формирана снежна покривка од 62 сантиметри, во Маврови Анови 57, во Крушево 39, Битола 33, Берово 26, Тетово 25, а во Скопје девет сантиметри, соопшти УХМР.

Најстудено утрово е на Попова Шапка -10 степени, во Маврово и Крушево е -7, Берово -4 Берово, -1 во Скопје, а над нулата е само во Гевгелија со два степена.

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со провејување на снег претежно во јужните и југозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе ја пушти во употреба делницата Градско-Дреново (дел од експресниот пат Градско-Фариш).

Делницата Градско-Дреново е во должина од 15,5 километри плус еден километар од делницата Фариш-Дреново, или вкупно 16,5 километри од експресниот пат.

Вредноста на проектот, како што соопшти владината прес-служба, е 37.300.000 евра од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра се обезбедени од Буџетот.

Делот што се пушта во употреба содржи три клучки Градско, Росоман, Дреново, четири вијадукти, еден мост, четири надпатници и три подпатници.

Скопје - Неизвесно е дали Илире Даути ќе остане или ќе биде сменета од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади откако во петокот помина нејзината интерпелација поднесена од Левица. Политичките партии вчера излегоа со свои ставови околу ова прашање откако во петокот по изгласаната интерпелација, од Кабинетот на претседателот на Собранието излегоа со став дека изгласаната интерпелација нема правно-обврзувачки карактер. 

Од опозициската СДСМ побараа од претседателот на Собранието Африм Гаши да ги каже следните чекори што ќе ги преземе, а од Движењето ЗНАМ, кое е дел од владината коалиција, побараа од Европскиот фронт да предложи нов претседател на Комисијата бидејќи претседателското место во оваа Комисија му припаѓа на Европскиот фронт. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која исто така гласаше за интерпелацијата на Даути, вчера рекоа дека нивниот став го кажале во петокот со чинот на гласањето. 

Вевчани – Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во дворот на Мултикултурниот центар во Вевчани, попладнево ќе заврши годинашното издание на Вевчански карневал.

Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј.

Пореч – Со натпреварот Италија – Тунис, вечер од 17:30 часот во Пореч, Хрватска ќе почне 29-от ракометен Мундијал.

Покрај Хрватска, ко-домаќини на Светското првенство ќе бидат и Данска и Норвешка.

На шампионатот што ќе трае до 2 февруари ќе учествуваат 32 репрезентации поделени во осум групи. Помеѓу нив е и македонската репрезентација. 

Берлин – Германија, Полска, Велика Британија, Франција и Италија што е можно поскоро ќе ги имплементираат новите цели на НАТО за вооружување и бројот на вооружени сили, кои ќе бидат договорени летово, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

Зборувајќи по состанокот со четворица негови колеги во полскиот град Нова Вис, Писториус ја поздрави одлуката на НАТО да се договори за новите цели на алијансата во јули наместо во октомври како што беше првично планирано, додавајќи дека потегот е поттикнат од барањето на Германија.

- Ова ни купува многу време и можеме да почнеме со имплементација многу порано, рече Писториус на новинарите.

Министрите за одбрана на НАТО ќе се обидат да постигнат договор за нови цели за воени капацитети пред нивните лидери да се сретнат во Хаг од 24-26 јуни, рече шефот на воениот комитет на алијансата, холандскиот адмирал Роб Бауер, во интервју за Ројтерс.

Берлин - Генералниот секретар на НАТО Марк Руте вчера ги повика Европејците да трошат повеќе за одбрана, велејќи дека во спротивно ќе треба да научат руски јазик или да одат во Нов Зеланд.

 -Ако не го направите тоа, земете курс по руски јазик или одете во Нов Зеланд, рече Руте на дебата на заедничката средба на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Поткомитетот за одбрана и безбедност и парламентарната делегација за односи со НАТО.

Руте истакна дека Европа мора да инвестира повеќе во одбранбените капацитети, да ја зајакне отпорноста и да продолжи да и помага на Украина.

-Ние знаеме како да ги заштитиме нашите граѓани и европскиот начин на живот, сега само треба да го направиме тоа, рече Руте.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го одбележа почетокот на годината на семејството во Турција со најава на мерки за зголемување на наталитетот.

Цитирајќи ја „историската вистина дека силно семејство го отвора патот за силна држава“, Ердоган претстави низа финансиски мерки за поддршка на младите семејства.

Тој се обиде да го прикаже движењето ЛГБТК+ како дел од странски заговор чија цел е поткопување на Турција. „Наша заедничка одговорност е да ги заштитиме нашите деца и млади од штетните трендови и перверзните идеологии. Неолибералните културни трендови ги преминуваат границите и продираат во сите делови на светот. Тие, исто така, водат кон зајакнување на ЛГБТ и другите движења“, порача Ердоган.

Брисел – Финскиот претседател Александар Стуб и естонскиот премиер Кристен Михал денеска ќе бидат домаќини на Самит на земјите членки на НАТО од регионот на Балтичкото Море што ќе се одржи во Хелсинки. 

Според најавите, на Самитот ќе учествуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, претседателите на Летонија и на Литванија, Едгарс Ринкевичс и Гитанас Науседа, германскиот канцелар Олаф Шолц, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерите на Полска и на Шведска, Доналд Туск и Улф Кристершон. 

Тема на Самитот, што ќе се одржи во Претседателската палата во Хелсинки, ќе биде безбедноста во регионот на Балтичкото Море, особено мерките потребни за обезбедување на критичната подводна инфраструктура.  

Киев - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус пристигна во Киев на разговори со украинската Влада, во посета која претходно не беше најавена од безбедносни причини, јави ДПА.

По пристигнувањето, Писториус за ДПА изјави дека за време на посетата сака да разговара за дополнителната помош и да добие идеја за воената ситуација.

Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, потсетува германската агенција.

Москва - Голем пожар беше предизвикан денеска од напад на украинско беспилотно летало врз енергетски објект во Казан, Русија, соопштија локалните власти.

Во предградието на Казан, главниот град на руската република Татарстан, „се запали резервоар за гас по напад со дрон“, соопшти локалната власт на каналот Телеграм.

Во соопштението се наведува дека нема повредени и дека претседателот на Татарстан Рустам Миниханов дошол да го посети местото на пожарот.

Локалните медиуми објавија снимка од голем пожар во магацин за течен гас во близина на хемиска фабрика.

Покрај тоа, индустриска зграда е оштетена во напад со дрон врз градот Енгелс, во областа Саратов, што се наоѓа на околу 700 километри југоисточно од Москва и на околу 500 километри од украинската граница, напиша на Телеграм регионалниот гувернер Роман Бусаргин.

Каракас – Венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил ги обвини противниците на претседателот Николас Мадуро дека се поврзани со оштетувањето на венецуелски дипломатски објекти во пет земји.

Гил оцени дека вандализмот бил координиран од народни групи наречени „командитос“, што значи „мали командоси“, но не даде никакви докази за неговите тврдења.

„Командитоси“ беа формирани од опозицијата за да се зголеми излезноста на гласачите во Венецуела.

Мадуро пред само три дена положи заклетва и стана претседател трет пат по ред и покрај веродостојните докази дека претрпе пораз на минатогодишните избори, пренесе Бета.

Бамако - Владата на Мали денеска почна да го запленува златото на канадската рударска компанија Барик, како дел од правната битка за дел од приходите што и се должат на оваа западноафриканска земја, се наведува во писмото на комапнијата.

Запленувањето следи по предупредувачкото писмо до Барик претходно овој месец од Високиот истражен суд на Мали, во кој се вели дека ќе бидат запленети три тони злато.

Висок менаџер на Барика вчера потврди дека владата на Мали запленила три тони злато.

Според менаџерот, златото било извадено од рудник во близина на Кејс, на западот од земјата,и било транспортирано со авион и камион во главниот град на Мали, Бамако.

Запленетото злато се проценува на околу 180 милиони.

Лос Анџелес  - Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите во областа на Лос Анџелес, а на сила е црвено предупредување бидејќи од денеска до среда попладне се очекуваат силни ветрови кои би можеле да влијаат на ширењето на пожарите.

Пожарот во Палисадес, кој избувна на 7 јануари, уништи околу 5.000 објекти и 14 отсто беше локализиран, објави телевизијата ЕјБиСи. Пожарот во Итон, кој исто така започна на 7 јануари, уништи или оштети околу 7.000 згради, а 33 отсто беа изгаснат.

Во гаснењето на пожарите учествуваат повеќе од 15.000 луѓе и 1.900 противпожарни возила.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака да отпатува во Лос Анџелес по неговата инаугурација на 20 јануари, изјавија извори за Си-Би-Ес. Според нив, тоа би можело да се случи веќе следната недела. 

Лос Анџелес – Контингент од 72 мексикански пожарникари денеска им се придружија на американските колеги во борбата со шумските пожари кои беснеат во Лос Анџелес и Јужна Калифорнија.

Групата е составена од воени експерти, вклучувајќи лекари, инженери и персонал за пребарување и спасување, како и пожарникари од мексиканскиот еквивалент на Шумската служба на САД.

Во големите шумски пожари кои беснеат во областа на Лос Анџелес веќе една недела досега загинаа најмалку 24 луѓе и изгореа област со големина на главниот град на САД, Вашингтон.

Повеќе од 90.000 жители беа принудени да ги напуштат своите домови, а цели населби беа опустошени од пожарите. Мексиканскиот тим ќе им се придружи на пожарникарите од седум држави и Канада во обид да ги стават пожарите под контрола.

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека „многу брзо“ ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин откако следната недела ќе ја преземе функцијата.

Тој не го даде рокот за средбата, која ќе биде прва меѓу лидерите на двете земји од почетокот на руската војна со Украина во февруари 2022 година.

Запрашан за неговата стратегија за завршување на војната, Трамп за „Њузмакс“ изјави дека „има само една стратегија и таа зависи од Путин. Не можам да замислам дека е премногу воодушевен од начинот на кој се се одвиваше, бидејќи ни нему не му одеше баш најдобро“.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден во заминување, во настап синоќа во Стејт департментот, давајќи преглед на дипломатските успеси на неговата администрација, изјави дека „САД победуваат во глобалната конкуренција“ и дека нема да бидат економски достигнати од Кина како што претходно се прогнозирало, додека Русија и Иран биле ослабени од војните во кои САД немаат директно учество.

Во својот говор на една недела пред да ја напушти Белата куќа, претседателот ја пофали работата на неговата администрација во однос на проширувањето на НАТО, со повиците до сојузниците да ја зголемат помошта за Украина.

-Украина, со поддршка на САД, ја наруши целта на рускиот претседател Владимир Путин да ја избрише земјата од мапата, изјави Бајден, напоменувајќи за својата посета на Киев во 2023 година како прва посета на актуелен американски претседател во зона на конфликт што не е под контрола на американски сили.

Лагос – Најмалку 40 земјоделци загинаа во напад на исламистичката екстремистичка група Боко Харам во Нигерија, изјави официјален претставник на локалните власти.

Борците на Боко Харам и нејзината отцепена група лојални на Исламската држава се осомничени дека го извршиле нападот во неделата во североисточната држава Борно во Нигерија, изјави денеска комесарот за информации Усман Тар.

- Првичниот извештај покажува дека околу 40 земјоделци се убиени, додека се трага каде се наоѓаат многумина кои избегале од нападот за да се обединат со нивните семејства, рече Тар.

Боко Харам почна насилна кампања во североисточна Нигерија во 2009 година за да воведе строга исламска теократија во западноафриканската земја.

Сеул – Северна Кореја истрела повеќе балистички ракети со краток дострел, соопшти денеска јужнокорејската војска, пренесува ДПА.

Северна Кореја ги лансираше ракетите кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, соопшти јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирајќи го Генералштабот во Сеул (ЈЦС).

- Во подготовка против дополнителни лансирања, нашата војска го зајакна нашето следење и внимателност, додека тесно споделуваше информации за севернокорејската ракета со американската и јапонската страна и одржувајќи целосна подготвеност, соопшти ЈЦС.

Ракетите летале околу 250 километри пред да паднат во морето, се додава. ЈЦС првично не го прецизираше бројот на лансирани проектили.

Сеул - Првото рочиште пред Уставниот суд на Јужна Кореја за отповикување на претседателот Јун Сук-Јеол заврши денеска по четири минути заседавање поради негово отсуство, при што судот го отфрли барањето на Јун за изземање на еден од осумте судии.

Следното рочиште е закажано за четврток, а судот ќе продолжи со судењето без разлика дали Јун е присутен или не, изјави вршителот на должноста претседател на судот Мун Хјунг-бае, повикувајќи се на актуелниот закон, пренесе Јонхап.

Денешното рочиште се одржа точно еден месец откако Националното собрание на Јужна Кореја гласаше за импичмент на Јун поради неговото краткотрајно воведување вонредна состојба на 3 декември.

Остани поврзан