13 јуни 2025
Скопје - Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.
Охрид - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на пуштање во употреба на реконструиран патен правец Охрид (Коњско) – Св. Наум.
Од владината прес-служба најавија дека премиерот Мицкоски ќе има и свое обраќање на настанот.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој ќе престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
Во фокусот на разговорите, како што информираат од Министерството, ќе бидат можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, кои изминатиот период остварија интензивна и плодна соработка, како и тридецениското пријателство и континуираниот пораст на трговската размена.
Скопје - Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителскиот тим кој ја води истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани во врска со пожарот во клубот „Пулс", денеска ќе одржат прес -конференција за досегашната постапка во овој предмет и донесената јавнообвинителска одлука.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи ноќта на 16 март, загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени
Битола - Во рамки на активностите за промоција на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, денеска во салата на кино „Манаки“ во Битола ќе се одржи информативен ден.
На информативниот ден во Битола ќе бидат присутни претставници од Министерството за економија и труд, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото, како и претставници од општините Битола, Могила, Новаци, Ресен и Демир Хисар.
Скопје - Општина Бутел по повод 20 години од своето формирање додели 250 стипендии на најуспешните спортисти од општината, кои вчера им ги врачил градоначалникот Дарко Костовски.
-Беа доделени рекорден број стипендии, во транспарентна постапка, со објавен Јавен повик. Стипендиите се поделени во шест категории: прва категорија – во времетраење од една година, во износ од 12.000 денари месечно; втора категорија - во времетраење од една година, во износ од 8.000 денари месечно; трета категорија - во времетраење од една година, во износ од 5.000 денери месечно; четврта категорија - еднократно, во износ од 24.000 денари; петта категорија - еднократно, во износ од 10.000 денари; шеста категорија - еднократно, во износ од 6.000 денари, информира Општина Бутел.
Виена - Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, денеска ќе настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.
Скопје - Во кафе-книжарницата „Буква“ денеска ќе се одржи промоцијата на првата збирка теориски есеи од Ивана Хаџиевска, „Суспендирана итност. Есеи од крајот на времето“, со која воедно се отвора едицијата „Современа теорија“ во издавачката куќа „Илика“.
Скопје – Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје денеска организира одбележување на 80-годишнината од раѓањето на д-р Зденка Рибарова.
Како што соопштуваат од Институтот, одбележувањето ќе биде отворено со воведно обраќање на директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, а потоа проф. д-р Лилјана Макаријоска ќе се осврне кон придонесот на д-р Зденка Рибарова во проучувањето и афирмацијата на македонското ракописно наследство.
Струмица – Во рамките на литературната манифестација „Средби под јаворите Видое Подгорец“, во соработка со ЛУБ „Благоја Јанков Мучето“ и Издавачката куќа „Просветно дело“, денеска во Домот на АРМ во Струмица ќе бидат промовирани најдобрите библиотекари за 2024 година.
Скопје - Интерактивна промоција на интерактивната книга „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ ќе се одржи утревечер во 19 часот, на зелениот покрив на Домот на градежниците, односно ЈУ Домот на културата ,,Кочо Рацин" - Скопје.
Рецензенти на оваа интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување се реномираните македонски книжевници и есеисти универзитетските професори Владимир Мартиновски и Венко Андоновски, а на промоцијата книгата ќе ја претстави Мартиновски.
Охрид - Проектот „ЕУ за Mлади“, во соработка со Регионалниот центар за стручно образование и обука (РЦСОО) „Ванчо Питошески“ од Охрид, организираат настан за претставување на резултатите од реконструкцијата и реновацијата на училиштето, како и за истакнување на пошироките
придобивки од поддршката на Европската Унија за стручното образование во Северна
Македонија.
Атина – Министерството за надворешни работи на Грција преку соопштение им препорача на Грците кои се во Израел да останат на безбедни места, а шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис утрово посочи дека веќе е активирана единица за управување со кризи за грчките државјани во Израел, Иран и поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
Ерусалим - Израелскиот претседател Јицак Херцог денеска изјави дека неговата земја има „исконско право и света должност да се брани“.
Шефот на државата ја даде изјавата во врска со масовниот воздушен напад на израелската армија врз Иран, насочен кон објекти во иранската нуклеарна програма.
„Израел има исконско право и света должност да се брани. И секогаш ќе го прави тоа со решителност и категоричност“, рече Херцог.
Тел Авив - Министерот за национална безбедност на Израел, Итамар Бен Гвир и началникот на израелската полиција, Дени Леви утрово учествуваа на состанокот на кабинетот за безбедност, по нападот на израелските сили врз Иран, соопшти полицијата.
Состанокот го свика премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, а тема на дискусија беше проценка на „очекуваните закани и предизвици за Државата Израел и израелската полиција“, се наведува во официјалното соопштение, објави „Тајмс оф Израел“.
Тел Авив - Израелската војска соопшти дека нивните борбени авиони се уште вршат напади врз иранските воени и нуклеарни објекти откако Израел утринава започна бран напади врз цели во Иран.
-Нашите пилоти нападнаа и се уште напаѓаат воени цели и цели поврзани со нуклеарната програма во различни области во Иран, изјави портпаролот на војската, бригаден генерал Ефи Дефрин.
Тeхеран - Националната иранска компанија за рафинирање и дистрибуција на нафта денеска соопшти дека не е пријавена никаква штета на нафтените постројки во земјата и дека процесот на снабдување со гориво продолжува.
„Досега не е пријавена штета на нафтените постројки во земјата и процесот на снабдување со гориво продолжува“, се вели во соопштението, според ИРНА.
Техеран - Иранските сили лансираа околу 100 дронови кон Израел, армијата работи на нивно пресретнување, соопшти израелската војска.
Израел утрово соопшти дека го нападнал Иран, а иранските медиуми објавија дека во Техеран се слушнале експлозии. Нападот ги зголемува тензиите околу напорите на САД да обезбедат согласност од Иран за запирање на неговата нуклеарна програма.
Тел Авив - Израелската војска утриво соопшти дека разузнавачките информации што ги собрала покажуваат дека Иран се приближува кон „точката од која нема враќање“ во својата нуклеарна програма.
-Во последните месеци, акумулираните разузнавачки информации дадоа докази дека иранскиот режим се приближува кон точката од која нема враќање, се вели во соопштението.
Ријад - Ријад, некогашен ривал на Техеран пред да ги затоплат односите пред околу две години, го осуди бранот напади што Израел, како што соопшти, ги започна денеска врз нуклеарни и воени објекти во Иран.
Вашингтон - Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денеска изјави дека земјата на никаков начин не е поврзана со нападот на Израел врз цели во Иран и дека Израел презел еднострани дејствија.
-Ние не сме вклучени во нападите врз Иран и наш врвен приоритет е заштитата на американските сили во регионот, се вели во соопштението на Белата куќа, објави Си-Ен-Ен.
Вашингтон - САД се уште се надеваат дека ќе одржат разговори со Иран в недела, дури и откако Израел започна масовен напад врз Исламската република, изјави американски функционер.
„Се уште имаме намера да имаме разговори во недела“, изјави дипломат од САД за американски медиуми под услов да остане анонимен.
Аман - Јордан привремено го затвора својот воздушен простор како превентивна мерка, по израелските напади врз Иран.
„Оваа превентивна мерка е преземена поради воената ескалација во регионот“, соопшти Комисијата за регулирање на цивилното воздухопловство на Јордан, пренесе Cи-Ен-Ен.
Ријад - Ријад, некогашен ривал на Техеран пред да ги затоплат односите пред околу две години, го осуди бранот напади што Израел, како што соопшти, ги започна денеска врз нуклеарни и воени објекти во Иран.
-Кралството Саудиска Арабија ја изразува својата силна осуда и осуда на очигледните израелски агресии против братската Исламска Република Иран, кои го поткопуваат нејзиниот суверенитет и безбедност и претставуваат јасно кршење на меѓународните закони и норми, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.