• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

23 декември 2024

Скопје - Тргнете ги рацете од Уставниот суд! Останете реално и вистински посветени на заложбите за владеење на правото, за правна држава за европски вредности! Секој што мисли дека владеењето на правото и правната држава ќе биде попречена со политички манипулации, притисоци и влијанија, да не се трудат! Никој не е над Уставот. Секој е должен да го почитува Уставот. Никој неможе да има повеќе власт и права од оние што му ги доделил Уставот! Ова им го порача претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски на денешната прес - конференција на политичките чинители во државава. 

Тој упати порака и до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи Уставниот суд ќе продолжи безкомпромисно да го чува Уставот и граѓанските слободи и права.

-Владеењето на правото и правната држава неможат да повредат ничии права или чувства, напротив, тие се гаранција за вашите слободи и права кои се признати со меѓународното право и утврдени во Уставот! Не дозволувајте вашите чувства да бидат манипулирани од било кого. Силата на Уставот е втемелена во волјата на секој од нас да го штити и да застане зад него! А јас, ќе останам доследен на моето ветување од првиот ден како претседател, лојален сум само на Уставот и никому друг!, истакна Костадиновски.

Скопје - Подготвителната седница за Законот за јазици се очекува да биде одржана во периодот од 19 до 21 март, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој информираше дека утре судот ќе има редовен работен состанок, на кој ќе се утврдуваат листата на учесници и спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој закон.

-Очекувам дека во текот на утрешниот ден ќе бидат утврдени и спорните правни прашања и листата на учесници. Ние имаме предлог од судијата известител, но секој е слободен да предлага, рече Костадиновски.

Дополни дека се предложени повеќе од 20 имиња, а станува збор за експерти по уставно право, меѓународно право, човекови права и поранешни судии на Европскиот суд за човекови права.

Претседателот на Уставен информираше дека е побаран пријателски совет од  Венецијанската комисија, и информираше дека пријателскиот совет ќе биде усвоен на седницата на 14 и 15 март.

Скопје - Владата го направи своето и веќе се враќа правната држава и довербата во институциите, порача денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

-Пораката од Владата е дека никој не е над законот и секој што згрешил треба да одговара. Останува на МВР, судството и обвинителството да се занимаваат со случајот Груби и со другите, рече Меџити во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-проценен електричен кар-шеринг, во просториите на Владата.

Скопје - Компаниите најверојатно од февруари идната година ќе може да ги користат средствата од унгарскиот заем, прогнозираат банките. Тие се уште ги немаат добиено договорите од Развојната банка, но уверуваат дека потпишувањето ќе оди брзо. Веќе разговараат со клиентите околу проектите, а од кредитирање, оценуваат, не треба да се исклучи ниту еден бизнис, па дури ни трговски центар (мол) ако се покаже дека е профитабилен и ако обезбеди дополнителна вредност за економијата.

Бизнисот е дециден дека поддршката му треба и бара „средствата да се користат за добри проекти“, без разлика за која дејност станува збор. Притоа, нагласува, фокусот треба да биде ставен на производните компании. Што поскоро парите станат достапни, тоа подобро, порачува стопанството.

Науката во унгарскиот заем гледа „вин - вин“ ситуација и порачува дека монетарниот регулатор мора да биде вклучен во механизмите како да има олеснувања за банките кои имаат кредитен ризик. 

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска извршило исплата на субвенции од тековната 2024 година.

Извршена е исплата на произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година. Исплатени се 294.212.786,00 денари на 4.533 производители на кравјо, овчо и козјо млеко, регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози, кои произведеното млеко го имаат предадено на регистрирани откупувачи на сурово млеко во месеците јануари, февруари, март, април, мај и јуни 2024 година.

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со  Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Француската Република во нашата земја. На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, присуствувала и Жаклина Поп Ангелова, шеф на Кабинетот на амбасадорот.

- Средбата примарно се реализираше за разгледување на можностите и модалитетите за идна соработка со француските институции, по неодамнешната работна посета на делегација од Собранието предводена од Гаши на Париз, се вели во соопштението. 

Била изразена благодарност до амбасадорот за подигнување на билатералната соработка на повисоки ниво со релевантните претставници на Француската Република, како и подготвеност од наша страна за одржување на овој воспоставен дијалог во периодот што следи, на теми од взаемен интерес.

Скопје - Три закони од областа на образованието денеска го поминаа комисискиот филтер. Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт дадоа поддршка за Предлог законот за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија, Предлог законот за Националната рамка на квалификации и Предлог законот за учебници во основно и средно образование кои се проследуваат на натамошна постапка.

За Предлог законот за учебници во основно и средно образование во второ читање беа поднесени вкупно 13 амандмани од кои дел повлечени, а дел отфрлени. Беше прифатен само еден амандман од ВМРО-ДПМНЕ со кој се предвидува учебникот да не смее да содржи рекламни пораки, огласи или содржини кои промовираат дискриминација по било која основа за дискриминација предвидена во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Скопје – Признанија за спортисти во пет категории ќе бидат доделени на церемонијата за доделување на наградите за најуспешните во атлетскиот спорт што ќе се одржи утре во организација на Атлетската федерација на Северна Македонија.

Како што изјави претседателката на АФСМ, Александра Војнеска-Зикова во интервју за МИА, за најдобра спортистка во сениорска категорија е прогласена Дрита Ислами, додека, најдобар спортист ќе биде Дарио Јовановски. Спортисти кои, како што рече „оставија голем печат во изминатата деценија“.  

- За среќа дејствувам во спорт каде што имаме бројки, имаме таблица од Светска атлетска федерација којашто го вреднува секој резултат и значи врз основа на постигнатиот резултат се добиваат одредени поени. И тоа е толку една чиста работа, изјави Војнеска-Зикова. 

Скопје - Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС-УКИМ) оствари средба со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за можноста за укинување на бесплатниот превоз за студентите во главниот град.

- За да продолжи бесплатниот превоз за студентите, потребно е Владата на Република Северна Македонија да донесе поединечна одлука со висината на средства што ќе се релоцираат за таа цел. Со оваа мерка ќе го задолжи Министерството за образование и наука да префрли средства за бесплатен превоз за студентите предвидени на конто за студентски стандард согласно Буџетот за 2025 година, се вели во соопштението.  

Универзитетското студентско собрание испраќа јавен апел до Владата и до МОН да ја донесат потребната одлука на седницата на Влада на 24 декември 2024 година со цел, како што наведуваат, ЈСП „Скопје“ да може да го продолжи бесплатниот превоз за студентите во 2025 година. 

Скопје – Дизел горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат од половина до еден денар по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 отсто.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за половина денар и ќе изнесува 71 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за еден денар и ќе изнесува 70,5 денари за литар. Цената на ЕУРОСУПЕР БС – 95 и понатаму останува 76,5, а ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе продолжи да се продава за 79 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,058 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,823 денари.

Скопје - Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ - 04 пријави, дека рокот истекува во среда, на 25 декември 2024 година. До денеска, според УЈП, од вкупно 7 397 очекувани ДДВ - 04 пријави, поднесени се само 1 831 што е само 24,75 отсто од вкупниот број.

Остануваат уште 5 566 ДДВ - 04 пријави кои треба да се поднесат во преостанатите два дена. Според податоците, најголем процент на поднесени ДДВ - 04 пријави е забележан во РД Тетово, додека најмалиот процент се забележува во РД Битола.

Скопје – Писмо за намери за поддршка на првиот проект за 100-проценен електричен кар-шеринг, односно систем за споделување електрични возила, на словенечката приватна компанија „Авант кар“ денеска потпишаа првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Се работи за приватна инвестиција на „Авант кар“ од Словенија  во систем за заедничко користење на возила, а се предвидува проектот да придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, намалување на сообраќајниот метеж и развој на модерни транспортни решенија. Неговата тест фаза ќе почне во февруари, а во март ќе може да се почне со целосната услуга. За користење на услугата ќе биде неопходна мобилна апликација преку која ќе се наоѓа достапно електрично возило, а плаќањето ќе биде дигитализирано или преку платежна картичка. За изнајмувањето електрична возило ќе се плаќа по минута и изминат километар. Во февруари ќе се знае колку ќе чини изнајмувањето, но како што вели сопственикот на „Авант кар“, Матеј Чер е пониско од користењето на такси услуга и во просек ќе биде од три до шест евра, а од центарот на градот до Скопскиот аеродром ќе чини од 10 до 15 евра.  Како што најави Чер, веќе се подготвени 100-тина електрични возила за Скопје.

Белград - Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил изјави дека нема најава за воведување санкции против српската компанија НИС, и додаде дека конечната одлука нема да има негативно влијание врз српската економија.

- Можам да ви кажам дека откако Русите го купија НИС, постои голема загриженост за тоа, бидејќи таа е единствената рафинерија во Србија и од кога е во мнозинска сопственост на Русите, тоа со години загрижуваше многу луѓе. Таа загриженост се надополнува со фактот дека Русија продолжува да води варварска војна против Украина. - Нема друг збор за да се опише освен варварско во смисла дека ова е 21 век, и сè уште трае, рече Хил во интервју за РТС.

Тој додаде дека постои загриженост за тоа дали НИС во руски раце некако помага во финансирањето на војната и дека тоа се легитимни прашања што треба внимателно да се разгледаат.

Тирана - Бродот „Орику“ на албанската воена морнарица, кој е дел од мисијата на НАТО во Егејско Море, спаси 40 мигранти, кои биле во чамец и овозможил безбедно да стигнат на копно.

Веста ја објави министерот за одбрана Пиро Венгу кој соопшти дека утринава екипажот на бродот „Орику“ П132 во координација со крајбрежната стража на Турција и Грција извршил спасувачка акција, обезбедувајќи помош на гумен чамец со 12 мажи, 18 жени и 10 деца.

-Благодарение на професионалноста на нашиот екипаж и блиската меѓународна соработка, операцијата е успешно завршена, со предавање на мигрантите на понатамошна грижа на турската крајбрежна стража, напиша Венгу во објава на Фејсбук.

Букурешт – Претседателот на Романија, Клаус Јоханис денеска му го даде мандатот за формирање на влада на актуелниот премиер Марсел Чолаку.

Социјалдемократска партија на Чолаку во анкетите на парламентарните избори на 1 декември беше на прво место.

За мандатарот и новата влада треба да се дебатира во Парламентот.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска, по повод состанокот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и словачкиот премиер Роберт Фицо во Москва, дека таа средба уште еднаш покажала дека Фицо не сака да учествува во заедничките европски напори за постигнување енергетска независност од Русија, како да и не сака да бара замена за рускиот гас.

Зеленски на платформата Икс напиша дека Фицо „сака да и помогне на Русија во потиснување на американскиот гас и енергетските ресурси на другите партнери од Европа“, што значи дека, како што наведе, сака „да му помогне на Путин да заработи пари за финансирање на војната и слабеење на Европа“.

Берлин – Резултатите од најновата анкета на ИНСА изработена за весникот Билд покажуваат дека лидерката на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) Алис Вајдел има најголема поддршка од граѓаните.

Анкетата покажува дека 24 проценти од Германците изјавиле дека би гласале Вајдел да биде нова федерална канцеларка.

Вајдел има четири отсто предност пред Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Во западниот дел на Германија, Вајдел и Мерц имаат поддршка од 22 проценти, додека во источниот дел на земјата лидерката на АфД има рејтинг од 36, а лидерот на ЦДУ – 16 отсто.

Париз - Франција најави примена на засилени безбедносни мерки, слични на оние од Олимписките игри, за време на божиќните базари, кои привлекуваат голем број посетители низ целата земја.

Мерките предвидуваат строга контрола врз лица означени како потенцијални закани за безбедноста, вклучувајќи ограничувања за движење. Министерството за внатрешни работи објави дека овие мерки се дел од стратегијата за спречување на терористички напади, особено по смртоносниот напад на божиќен базар во Магдебург, Германија.

Сепак, правниците и активистите ја критикуваат примената на мерките познати како МИКАС, кои дозволуваат административен надзор без судска постапка.

Москва – Кремљ денеска ги демантираше наводите на турските медиуми дека сопругата на соборениот сириски претседател Башар ал Асад, Асма побарала развод и планира да замине од Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков исто така негираше оти на Асаф не му е дозволено да ја напушти Москва и оти му е замрзнат имотот.

- Не, тоа не одговара на вистината, истакна Песков.

Турски и арапски медиуми вчера објавија дека Асма Асад, која има британско државјанство, поднела барање за развод. На Асад и семејството им е даден азил во Русија, откако сириските бунтовници на 8 декември го зазедоа главниот град на Сирија, Дамаск.

Москва - Претседателката на Молдавија Маја Санду подготвува план за воена операција во Придњестровје, тврди Руската служба за надворешно разузнавање (СВР). Службата посочи дека претседателката неодамна одржала состанок со владата на тема енергетска безбедност.

„На состанокот, Санду истакна потреба за изработка на план за воена операција за воспоставување контрола врз Придњестровје и отстранување на руското мировно присуство во регионот,“ се наведува во соопштението.

Од СВР предупредуваат дека никој не може да гарантира дека претседателката нема да се обиде да започне војна во регионот.

Техеран – Иранското Министерство за надворешни работи денеска ја потврди својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, откако претседателот Башар ал Асад беше соборен од власт по молскавична офанзива на бунтовничките сили.

- Нашата принципиелна позиција во однос на Сирија е многу јасна: зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и дозволување на сирискиот народ самостојно да ја одреди својата иднина, без странско мешање, изјави портпаролот на Министерството, Есмаил Багаи. Тој додаде дека Сирија не треба да се претвори во „упориште на тероризмот“.

На 8 декември, коалиција предводена од радикалната исламистичка групација „Хајат Тахрир аш Шам“ (ХТС), поддржана од Турција, влезе во Дамаск и го собори сирискиот режим по брза офанзива што траеше 11 дена.

Ријад – Саудиска Арабија повторно ја отвори Амбасадата во Кабул по речиси двогодишен прекин. Саудиската дипломатска мисија денеска на платформата Икс објави дека Амбасадата повторно работи од 21 декември.

Портпаролот на авганистанската Влада Забиула Муџахид истакна дека повторното отворање на Амбасадата на Саудиска Арабија е важен чекор во зајакнувањето на односите меѓу двете земји.

Саудиската амбасада беше затворена во февруари 2023 година поради безбедносни причини.

Ниту една земја официјално не ја призна талибанската влада, но многу земји, вклучително и Русија и Кина, ги задржаа своите дипломатски мисии во Кабул по август 2021 година.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги преиначи казните на 37 од вкупно 40 осуденици на смрт. Според одлуката на 37 осуденици казната им е преиначена во доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Со тоа Бајден го осуети планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за забрзување на темпото за извршување на смртните казни.

Одлуката за помилување на еден претседател не може да биде поништена од неговиот наследник.

Остани поврзан