• сабота, 16 ноември 2024
МИА Радио флеш

   14 ноември 2024

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, остварила средба со претседателот на Република Азербејџан, Илхам Алиев.

На средбата, како што соопштија денеска од кабинетот на Сиљановска Давкова, присуствувала и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Скопје - Очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека до крајот на оваа година ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес на достоинствен начин, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, која се одржа вчера во Баку.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата секогаш се подготвени за избори.

-Јас сега тоа сум го кажал и повторил многу пати. Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори и тоа е јасно, на сите анкети тоа се говори. Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание, рече Мицкоски. 

Скопје – Има потенцијален инвеститор којшто сака да инвестира една милијарда евра во когенеративна гасна постројка, најави премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Нагласи дека веднаш по настанот оди во Владата на состанок со потенцијалниот инвеститор и додаде дека работат на неколку такви проекти за изградба на когенеративни постројки, кои како што кажа, се единствен начин да се намали загадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите со дрва, дрвен отпад, неретко и гуми поради економската состојба.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски очекува добар резултат од за в недела закажаните преговори со банките во Министерството за финансии за субвенционирање на каматата при пласирањето на парите од унгарската кредитна линија наменета за компаниите. 

Скопје - Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити учествувал на научната конференција „Јазикот и етносот “, организирана од Агенцијата за имплементација на јазиците.

Како што информира неговот Кабинет, во своето излагање пред истражувачи, академици, лингвисти и студенти, Меџити ја истакнал важноста на јазикот „како клучен елемент во формирањето на националниот идентитет, тесно поврзувајќи го тоа со историјата и културата на албанскиот народ“.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска се сретна со амбасадорот на Република Ирска за Северна Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард.

Како што информира Министерството за европски прашања, во фокусот на разговорите беа унапредувањето на пријателските билатерални односи во сите сфери од заемен интерес, европското досие на земјата и реформските напори во тој контекст.

Скопје – Собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска не одржа седница откако нејзината претседателка, Илире Даути, не го прифати предлогот на пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ дневниот ред да се дополни со Предлог-закон за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства.

Даути ја прекина седницата, како што рече „бидејќи нема разбирање“ и рече дека за нејзиното одржување дополнително ќе биде соопштено.

Скопје - Домашната потрошувачка покрај стимулирањето на економскиот раст влијае и врз движењето на цените. Тука е ризикот којшто мора да го имаат предвид носителите на економски политики, да не дојде до забрзување на инфлацијата, предупредуваат од Фискалниот совет во однос на Предлог-буџетот за 2025 година за кој денеска почна комисиската расправа. 

Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев во своето обраќање пред членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет укажа дека немале можност при носење на буџетот да достават мислења до Владата бидејќи доцна го добиле материјалот.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев учествувал и се обратил на регионалниот состанок посветен на Партнерството за отворена власт (ПОВ), што се одржува во Тирана, Албанија, во организација на Партнерството за отворена власт и Владата на Република Албанија, во соработка со Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА).

Како што денеска соопштија од Министерството за јавна администрација, во своето излагање Минчев ги истакнал нашите ридобивки, како членка на иницијативата за Партнерството за отворена власт од 2011 година, значително придонесе за промовирање на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество во јавните политики.

Скопје - Опозицијата денеска на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година оцени дека се работи за безидеен буџет кој ќе генерира нови долгови и ќе имаме уште една изгубена година на економски план. 

Лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата. Во Предлог-буџетот, според Филипче, има проектирано нереални високи стапки за економскиот раст кои не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања. Според лидерот на СДСМ, од ветувањата на Владата, нема ништо.

Скопје - Полицијата врши увид во Керамидница каде изутрината беше фрлена експлозивна направа во двор од куќа при што беше повредено едно лице кое е пренесено во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. 

Дел од медиумите јавија дека се работи за Раде Трајковски-Штекли, кој досега двапати беше мета на напад. Минатата година кон него беше пукано во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ во Скопје. 

Скопје - Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека е забележана зголемена активност на измамници, кои преку социјалните мрежи се претставуваат како „финансиски советници“ и најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути.

Овие лица, се вели во соопштението од МВР, се рекламираат со лажни профили или спонзорирани реклами, често ветувајќи висока заработка и брзи добивки, со што успеваат да ги привлечат жртвите кои бараат начин да инвестираат.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднел кривична пријава против С.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 1 од Кривичниот законик.

Скопје - Неколку работни групи работат на случајот со Универзалната сала. Јас лично се заложив и најголем дел од времето го поминувам за откочување на тој процес. Во собраниска процедура се измени и дополнувања на постојниот Закон за култура и се надевам дека до крајот на месецот ќе се донесе, изјави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој денеска за време на посетата на Македонскиот народен театар (МНТ), одговорајќи на новинарско прашање до каде е состојбата со Универзална сала, посочи дека се чека да поминат измените на Законот, кој предвидува Министерството за култура и туризам освен националните установи, да може да гради и локални установи или градски установи и со ова да се олесни постапката понатаму.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска ја посети Националната установа Македонски народен театар (МНТ), при што потенцираше дека оваа установа тенденциозно не се одржувала седум години. Напомена дека постојат повеќе проблематични точки, како што се балконите од левата и десната страна, но појасни дека ќе инвестираат фаза по фаза во подобрување на МНТ. Ова, како што рече, можеби ќе оди побавно, но поквалитетно. 

Скопје - СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска поради одржување на меѓународниот фудбалски натпревар со почеток во 20:45 часот на арената „Тодор Проевски“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на улиците околу арената.

Скопје - Акционерското друштво за производство на електрична енергија ЕСМ и државната компанија СОКАР од Република Азербејџан потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на енергетската стабилност во земјава. 

Како што велат од АД ЕСМ, соработката се фокусира на подобрување на достапноста и проширување на можностите за набавка на природен гас, со цел да се обезбеди стабилно, континуирано снабдување по конкурентни цени, во согласност со позитивните законски прописи.

Скопје - Секој четврток месецов, вклучувајќи го и денешниот, најстариот здравствен дом во државава, Железничар врши бесплатно испитување на крвта на машки лица над 45 години, со цел рано дијагностицирање на канцер на простата. Тоа, како дел од светската кампања за подигнување на свеста за заштита на машкото здравје, чие мото годинава е Грижи се за себе.

Само денеска дошле да се тестираат над 120 машки лица, а директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев во изјава за медиуми рече дека очекуваат до 400 луѓе до крајот на денов. На преглед се дојдени граѓани од Скопје, но и од други градови во државава. Резултатите ги добиваат во рок од половина час, електронски или на хартија.

Белград - Во зградата на Специјалниот суд во Белград денеска заврши судењето на Урош Блажиќ, осомничен за убиство на девет и ранување на дванаесет лица во Мало Орашје и Дубона и на неговиот татко Радиша Блажиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Крајот на судењето е закажан за 25 ноември. Тогаш прво полномошникот на оштетените ќе му постави дополнителни прашања на Урош Блажиќ, по што странките во постапката ќе ги изнесат своите завршни зборови. По завршните зборови, судот ќе го закаже изрекувањето на пресудата.

Белград - Девизниот прилив од туризмот во Србија, во првите девет месеци од годинава, изнесува 2,1 милијарди евра, што е за 11 отсто повеќе во однос на истиот период од 2023 година, изјави министерот за туризам и млади Хусеин Мемиќ, нагласувајќи дека Србија и понатаму бележи рекорди во девизниот прилив, како и во бројот на странци кои ја посетуваат, јави дописникот на МИА од Белград.

-Вкупниот девизен прилив од туризмот во 2023 година изнесува 2,6 милијарди евра, што е за 8 отсто повеќе во однос на претходната 2022 година, рече Мемиќ.

Тирана - Албанија продолжува со рекордна посетеност од  странски туристи, што го потврдува бројката од 10,4 милиони, што е на исто ниво како цела мината година.

-Албанија го собори рекордот од 2023 година по бројот на странски туристи кои ја посетиле нашата земја. Во периодот јануари-октомври престојувале 10,4 милиони туристи или 16,2 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година, што значи дека станува се попосакувана туристичка дестинација, објави Мирела Кумбаро, министерка за туризам и животна средина.

Атина - Грчкиот министер за национална одбрана Никос Дендиас денеска во парламентот претстави план за реорганизација на структурата на вооружените сили на Грција во периодот 2024-2035 година, известува „Катимерини“.

Дeндиас рече дека целта е армијата да се реорганизира со флексибилни воени единици со висок процент на пополнетост на персоналот. Тој изјави дека моментално Грција има 800 единици – повеќе отколку што имаат САД, при што најави дека дел од нив ќе бидат затворени. Во рамките на реорганизацијата се очекува да бидат затворени 137 единици, соопшти министерот.

Баку - Претседателството на Азербејџан на меѓународната климатска конференција се обидува да го смири дипломатскиот инцидент помеѓу Баку и Париз.

„Нашите врати се отворени за сите кои сакаат да учествуваат во конструктивни дискусии,“ изјави главниот преговарач на Азербејџан, Јалчин Рафијев, по откажувањето на посетата на француската министерка за климатски прашања, Ањес Пание Ринаше.

Брисел - Европската комисија денеска одлучи да покрене тужби против Бугарија и Романија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради нецелосно исполнување на обврските утврдени со законодавството на ЕУ за собирање и третман на отпадните води. 

Станува збор за обврски утврдени со Директивата за третман на отпадните води во урбаните средини, која има за цел да ги штити здравјето на луѓето и животната средина. Согласно овие правила, пред да бидат пуштени во природата, отпадните води треба да бидат соодветно третирани. 

Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел в понеделник на заседанието на Советот за надворешни работи (ГАК) ќе побара од шефовите на дипломатиите на земјите членки да го искажат своето мислење за неговиот предлог за прекин на политичкиот дијалог меѓу Унијата и Израел во рамки на Договорот за асоцијација, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.   

Берлин - Три месеци пред предвремените парламентарни избори во Германија, опозициската конзервативна партија забележува раст во анкетите на јавното мислење, пренесува ДПА.

Соочен со критики поради разрешувањето на министерот за финансии, канцеларот Олаф Шолц изгуби мнозинство во Бундестагот, што предизвика криза која води кон предвремени избори.

Москва - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека не очекува никакви промени во политиката на САД кон Русија и Украина под претседателството на Доналд Трамп, бидејќи сите американски администрации имаат интерес за слабеење на Русија, пренесува ДПА.

- Тие се чувствуваат сигурни кога ја ослабуваат Русија и нејзиното влијание, изјави Лавров во интервју за руската државна телевизија. Тој нагласи дека САД ќе продолжат да се стремат кон контрола над ситуацијата.

Вашингтон - Претседателот на САД, Џо Бајден најави историска посета на амазонската прашума, како дел од турнејата низ Јужна Америка. Првпат актуелен американски претседател ќе ја посети прашумата во Амазон.

- Претседателот Бајден ќе ја посети дождовната шума, ќе разговара со локалните лидери, кои работат на зачувување и заштита на овој клучен екосистем, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Техеран - Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.

Европските сили бараат Одборот на МААЕ следната недела да донесе нова резолуција против Иран со цел да го стави под притисок, со оглед на оценетото како недоволна соработка досега.

Хонгконг - Лидерот на планираниот, но неуспешен бомбашки напад за време на антивладините протести во Хонгконг во 2019 година е осуден на речиси 24 години затвор.

По тие протести, најголеми од 1997 година кога поранешната британска колонија беше вратена на Кина, беа уапсени повеќе од 10.000 лица.

Главниот организатор Нг Чи-хунг доби казна од 23 години и 10 месеци затвор, а шест негови соработници се осудени на казни од шест до 13 години.

Пекинг - Кина денеска успешно лансира нов сателит за одредување на салинитетот (степен на содржината на сол) на океаните од Центарот за лансирање сателити Таијуан во северната провинција Шанси, соопшти Кинеската национална вселенска администрација (ЦНСА).

Носечката ракета „Долг марш-4Б Y53“ полета во 6:42 по пекиншко време, поставувајќи го сателитот во предвидената орбита.

Токио - Јапонија и Јужна Кореја се придружија на САД во најголемите заеднички воени маневри меѓу трите држави во источна Азија, пред предавањето на власта од американскиот претседател Џо Бајден на неговиот наследник Доналд Трамп.

Маневрите наречени „Фридом Еџ“, предводени од американскиот носач на авиони „Џорџ Вашингтон“ и неговите ловци, се одвиваат во водите јужно од Корејскиот Полуостров и западно од јапонските острови. Тие се резултат на минатогодишниот договор посредуван од Бајден, со кој Сеул и Токио ги оставија настрана долгогодишните несогласувања за тристраната соработка со Вашингтон.

Остани поврзан