• сабота, 16 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

14 ноември 2024

Прилеп - Во рамки на Прилепската општа болница наскоро ќе се отвори дијабет центар за пациентите да не патуваат во Скопје туку редовната стручна лекарска контрола да ја извршуваат во Прилеп. Ова беше соопштено во Болницата при денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетот, при што Здружението на дијабетичари „Сина револуција“, Болницата и Средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ потпишаа Меморандум за соработка. Во холот на болницата бесплатно на граѓаните и на пациентите им се мереа нивото на шеќерот и крвниот притисок.

Според директорот на Прилепската болница Кире Јоноски, наскоро ќе се оспособи дијабет центарот за што е неопходно ангажирање лекари-специјалисти, ендокринолози од Скопје да ги вршат контролите.

-За да функционира Центарот сакаме да ангажираме лекари-ендокринолози од Клиниката за ендокринологија, специјализирани за дијабет, како ендокринолози од Клиниката за педијатрија за пациентите да не патуваат во Скопје, туку контролата на состојбата да ја добиваат во Прилеп, изјави Јоноски.

Кавадарци - Отворање на Центар наскоро, трајна цел ни е да нема бездомни кучиња во девет општини од Вардарски регион, рече денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, во рамките на денешната 49 седница на Совет на Општина Кавадарци.

- Ќе имаме хумано третирање на бездомните кучиња во центарот. Тоа ќе биде континуиран процес за решавање на проблемот со кој се соочуваат сите општини.  Истовремено истакнувам дека ги поддржувам реакциите на невладините организации против труење. Апелирам дека таквиот чин е недозволив и казнив. Апелирам исто така за одговорно сопствеништво, подвлече Јанчев. 

Од Центарот истакнуваат дека програмата се базира на методата заловување, стерилизирање, вакцинирање и вдомување или враќање, востановена како единствена ефикасна стратегија и од страна на Светската здравствена организација.

Велес - Во периодот помеѓу 1997 – 2023 година, шумскиот фонд во државата се движи од околу 988.000 до 1.008.000 хектари заклучно со 31 декември 2023 година. Со шумските пожари изгубивме значајна површина од шума. Околу 59% се листопадни шуми, останатите се иглолисни ка кои во последните години се забележува значајно намалување. Во 2010 година сме имале околу 100.000 хектари, а денес само околу 60.000 хектари.

Ова е еден од заклучоците на дводневната Национана работилница за одржливо управување со шуми што во Велес  ја организира МЕД –Македонското еколошко друштво  во рамките на заедничкиот проект Иницијатива на северни шуми: Обнова на шуми во Северна Македонија и Албанија, во соработка со PPNEA i IUCN. Тие закличија дека во земјава не’ ни недостигаат закони, има добра законска основа за да се штитат шумите и одржливо да се управува со нив, но неопходно е само нивно спроведување. Во заклучокот е наведено дека во  последните години недостигаат мерки за одгледување и нега на шумите, а како последица  доаѓа до  зафаќање со пожар на големи површини шуми. Воедно заклучија дека надлежните не  преземаат доволно мерки за негување и зачувување на шумите.

Штип - Бесплатна проверка на шеќер во крвта  денеска правеа студентите од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип. Ангела Радева студент на штипскиот Факултет за медицински науки вели целта е да се подигне свеста за ризикот од дијабетот, бидејќи е едно од најчестите хронични заболувања. Акцијата се спроведува на две локации во градот Штип.

-Денес по повод Светскиот ден на дијабетот, ние како студенти на факултетот за медицински науки, а воедно и членови на студентската организација, спроведуваме граѓанска акција, каде на случајни мнувачи мериме гликемија, ги едуцираме и даваме совети во врска со дијабетот. Нашата цел е со оваа граѓанска акција подигање на свеста за ризикот од дијабетот. Како што знаеме, тоа е едно од најчестите хронични заболувања, кое зема замав во денешницата, вели Радева.

Куманово - Минералната вода која истекува од чешмите во кумановско Проевце може да се консумира и е безбедна за пиење покажуваат податоците на Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија денеска лекарите од здравствената установа. Во однос на микробиолошкиот квалитет земените примероци од вода од минералната чешми од Проевце одговараат во однос на барањата за овој квалитет, потврдуваат испитувањата кои ги изврши Центарот за јавно здравје Куманово.

– Последните анализи покажаа дека водата е исправна и е безбедна за пиење. Анализите направени на 16 октомври покажаа дека водата е безбедна за пиење, изјави др. Бедри Велиу, специјалист за хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Куманово.

– Ќе продолжиме со анализите, претходно ја испитувавме еднаш месечно, сега во последно време доста често, бидејќи кон крајот на септември беше констатирано присуство на бактеријата „Pseudomonas aeruginos“ во големиот чеп, додава Велиу.

Делчево - Со мирен протест поголем дел вработени во ЈКП „Брегалница" Делчево денеска повторно го изразија својот револт поради две неисплатени плати. Во соопштението до медиумите претседателот на синдикалната организација при ЈКП „Брегалница" Дарко Гоцевски ја информираше јавноста дека протестот е со цел да покажат дека нема да отстапат од своите барања.

- Денес вработените во ЈКП Брегалница-Делчево изразија уште еден мирен протест во кругот на претпријатието поради незадоволството од две неисплатени плати до сега. И покрај барањето од страна на Синдикалната организација до советот на општина Делчево и градоначалникот, за решавање настанатите проблеми, т.е. финансиска помош за редовна исплата на платите, истите немаат слух ниту желба да превземат некакви чекори, истакна Гоцевски.

Потенцираше доколку не се реши овој проблем во најскоро време како синдикална организација нема да застанат тука, туку секојдневно ќе реагираат преку сите надлежни институции за исполнување на нивните права согласно закон и колективен договор. 

Остани поврзан