• петок, 15 ноември 2024
МИА Радио флеш

15 ноември 2024

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на министерскиот состанок во рамки на климатскиот самит COP29 во Баку, Азербејџан, каде го потврди активното учество и поддршката на земјава за две клучни иницијативи: COP29 Green Energy Pledge: Green Energy Zones and Corridors и COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge.

Како што информира денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, министерскиот состанок за енергетските иницијативи на COP29 е еден од клучните настани на енергетскиот ден на климатскиот самит во Баку, Азербејџан. Овој состанок, кој се одржува во организација на COP29 претседателството на Азербејџан во соработка со УНИДО, Економската комисија за Европа на ООН (UNECE), Азиската банка за инфраструктурни инвестиции (AIIB), Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) и други значајни меѓународни партнери, има за цел лансирање на важни глобални енергетски иницијативи: Зелени енергетски коридори и зони, Глобалната иницијатива за складирање на енергија и електрични мрежи.

Скопје - Очигледно досега функционалноста на Судскиот совет беше доведена во прашање во неколку наврати. Започнуваме отворен и транспарентен процес со присуство на експертската јавност, меѓународните организации, како и дел од невладините организации за изнаоѓање најквалитетни можни решенија за функционален пред се независен Судски совет ослободен од какви било политички влијанија, порача министерот за правда Игор Филков пред почетокот на првата од четирите предвидени јавни дебати што ќе ги организира Министерството за правда. 

Идеја е, нагласи Филков, четирите дебати ширум Републиката да завршат негде до крајот на декември, по што ќе се излезе со решение. Најпрво, како што подвлече, е да се слушне мислењето на присутните, а потоа на крајот на процесот ќе излезат и со нивни предлози. 

Скопје - Со сослушување на родителите на Александар Ѓорчевски, на предлог на Јавното обвинителство во Основниот кривичен суд Скопје, денеска продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На денешното судење поради здравствени причини не дојде сведокот Гоце Трајковски кој беше во неколку наврати споменат во досегашната постапка како лицето кое му помагало на Александар во прибавување на видео снимките во врска со исчезнувањето на Вања.

Скопје - Делегација на Уставниот суд во состав од претседателот Дарко Костадиновски, судиите Фатмир Скендер, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и шефот на кабинетот Екрем Халими, оствари билатерална средба со претседателот и со судии на Уставниот суд на Република Турција.

Во текот на работниот дел Костадиновски, како што информираат од Уставниот суд, потенцирал дека на средбата и претходи долгогодишно искуство на соработка и пријателски односи со Уставниот суд на Република Турција, но и со другите правосудни инстанци.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, оствари билатерална средба со министерката за јавна администрација и антикорупција на Република Албанија, Адеа Пирдени, во Тирана.

Средбата се одржа во рамките на настанот посветен на Партнерството за отворена власт, иницијатива која ги промовира транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во јавниот сектор.

Скопје - Вицепремиерот Арбен Фетаи учествуваше како панелист на Think Tank форумот Тирана 2024, што се одржа вчера во главниот град на Албанија.

Во својот говор, Фетаи ги истакнал предизвиците со кои се соочува новата Влада, вклучувајќи го и наследениот институционален хаос, каде што постоеја плејада стратешки документи, но со слаба имплементација. Тој нагласил дека врз основа на Реформската агенда се дефинирани три главни приоритети: борба против криминалот и корупцијата, зголемување на транспарентноста на институциите и враќање на соработката со граѓанското општество.

Загреб - Хрватските медиуми јавија утрово дека е уапсен министерот за здравство Вили Берош, по што премиерот Андреј Пленковиќ свикал средба со коалициските партнери. 

„Премиерот го разреши Вили Берош од министерската должност, и ја назначи д-р Ирена Хрстиќ за државен секретар која ќе раководи со Министерството за здравство до стапување на функцијата на новиот министер“, јавија медиумите во Хрватска.

Состанокот на коалицијата е во 10 часот.

Брисел - Во Галеријата СР во Брисел синоќа беше отворена изложба на наградените фотографии од десеттиот конкурс за меѓународната Наградата за фотографија „Истанбул“, што ја доделува турската новинска агенција Анадолија. 

Во обраќањето на отворањето на изложбата заменик генералниот директор на Анадолија, Енис Перу порача дека Наградата за фотографија „Истанбул“ има значаен придонес во светот на фотографиите. - Како Анадолија, отсекогаш сме верувале во моќта на визуелноста. Оваа година ја славиме првата деценија од овој значаен натпревар, истакна Перу. 

Белград - Заменик-шефот на пратеничката група и генерален секретар на партијата Србија центар, Стефан Јањиќ изјави дека опозициските партии ќе бараат седница на Собранието на која ќе се гласа за доверба на Владата на Србија.
„Барањето за таа седница треба да биде потпишано од најмалку 60 пратеници. По поднесувањето на предлогот, тој ќе биде прва на следната седница, а најрано во рок од пет дена. Веќе го подготвивме предлогот, се собираат потписи“, изјави Јањиќ, пренесоа белградските медиуми.

Тој додаде дека „власта бега од одговорноста за злосторството што се случи на 1 ноември во Нови Сад, злосторство кое засега е неказнето“.

Брисел – Европската комисија упати последно предупредување до шест земји членки на ЕУ и им даде рок од два месеци да ја имплементираат Директивата на Унијата за осигурување на моторни возила. 

Во предупредувањето упатено до Бугарија, Летонија, Малта, Португалија, Романија и Шпанија, Еврокомисијата посочува дека доколку не се усогласат со наведената Директива, против нив би можела да биде покрената постапка пред Судот на правдата на ЕУ. 

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија мора да ги преиспита санкциите против Русија, бидејќи тие придонесуваат за одржување на високите цени на енергијата, што негативно влијае на конкурентноста на европската економија.

Орбан изјави за унгарското јавно радио Кошут дека високите трошоци за енергија ги ставаат европските компании во неповолна положба во споредба со нивните конкуренти, особено американските компании кои плаќаат значително пониски цени за енергетските производи.

Мадрид - Во пожар во дом за стари лица во шпанскиот град Вилафранка де Ебро, кој се случи во текот на ноќта,загинаа најмалку 10 лица, соопштија утрово локалните служби за итна помош преку објава на социјалната мрежа Икс.

Службите за итна помош во регионот Арагон не објавија дополнителни детали во нивната објава, но шпанските медиуми известуваат дека во домот се наоѓале 82 лица. 

Брисел - Сослушувањата на кандидатите за комесари на Европската комисија се комплицираа поради конфликтот меѓу главните политички групи во Европскиот парламент, поради што се појавија сомневања дека потврдата на Комисијата до крајот на овој месец може да биде во прашање, јави Хина, пренесоа хрватските медиуми.

Од 4 до 12 ноември беа сослушани сите 26 кандидати за повереници. 19 од нив добија позитивни оценки по сослушувањето, но останаа со оценката на шесте извршни потпретседатели (Каја Калас, Рафаеле Фито, Роксана Минзату, Стефан Сежурне, Тереза ​​Рибера и Хена Виркунен) и унгарскиот кандидат Оливер Вархеји.

Вашингтон - Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп пофали неколку членови на неговиот нов кабинет минатата ноќ на гала вечера по повод неговото враќање во Белата куќа, иако многу од неговите номинирани се најдоа на удар во Вашингтон, објави Вашингтон пост.

Последната номинација што ја објави идниот претседател беше таа на гувернерот на Северна Дакота, Даг Бургам, кому ќе му биде понуденo Министерството за внатрешни работи. Претходно вчера, Трамп најави дека ќе назначи тројца негови адвокати од кривичните процеси против него на високи позиции во Министерството за правда, ставајќи ги во позиција да водат федерални обвинители во два негови случаи и да ги бранат интересите на неговата администрација  пред Врховниот суд.

Брисел - Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел оцени дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе има „многу општествени, политички и геополитички последици кои ќе го означат развојот на светот и за нашите внуци“.

Борел, кој ја напушта функцијата шеф на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, во Европскиот парламент истакна дека доаѓањето на Трамп на чело на САД „не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков свет“. 

Загреб - Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен кај правните лица во градот Загреб за август годинава изнесува 1.513 евра, што е номинално за 0,5 отсто повеќе во однос на јули и за 13,3 отсто повеќе во однос на август лани.

Според податоците на Градската управа за економија, еколошка одржливост и стратешко планирање, највисока просечна месечна нето-плата кај правните лица за август е исплатена во индустријата за вадење сурова нафта и природен гас, во износ од 2.207 евра.

Техеран - Иранските власти планираат да отворат посебни клиники за жените кои одбиваат да носат хиџаб на јавни места, каде ќе им биде пружена психолошка помош.

Како одговор на голем број барања од семејствата, Техеран, благодарение на консултациите и поддршката на персоналот ќе ја отвори првата Клиника за помош и лекување на жените кои не сакаат да носат хиџаб. Во клиничките центри жените, кои одбиваат да ја покријат главата со хиџаб, ќе им биде пружена помош, за да се убедат да се вратат кон традиционалната исламска покривка за глава, се наведува во соопштението на иранските власти. Жените ќе се лекуваат во така наречените Клиника за одвикнување од соблекување на хиџабот, а процесот ќе го надгледува Штабот за уживање во доброто и забранување на злото.

Загреб - Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб покрена истрага против осум лица, меѓу кои министерот за здравство Вили Берош и одговорни лица од две болнички установи во Загреб и две правни лица, поради постоење основано сомнение дека тие сториле кривични дела примање и давање поткуп, злоупотреба на положбата и овластувања за перење пари, соопштија од ЕППО.

-Постои основано сомнение дека во периодот од јуни 2022 година до ноември 2024 година, првоосомничениот, како раководител на злосторничко здружение, во заедничка акција поврзал уште четворица членови на злосторничкото здружување, со цел да прибави несоодветна имотна корист за две трговски друштва во кои осомничени се одговорни лица и вистински деловни менаџери. Целта на нивната криминална активност била да се осигура дека една од тие трговски компании е избрана за продажба на медицински роботски помагала на болнички институции во Република Хрватска, што тие го постигнаа со давање и ветување дека ќе дадат парични награди ... во замена за обезбедување финансирање на набавката на тие апарати по неразумно зголемени цени.

Белград - За мојата одговорност ќе се разговара во Парламентот и подготвен сум за тоа, изјави денеска српскиот премиер Милош Вучевиќ, наведувајќи дека опозицијата има право да бара импичмент на власта по несреќата во Нови Сад, но дека „мора да бидат свесни дека состојбата на настрешницата на железничката станица не е политичко прашање, тоа е прашање на експерти од струката“.

Вучевиќ за белградски медиуми утрово изјави дека е сигурен дека повеќе министри ќе поднесат оставки, но дека е важно да се направи разлика помеѓу политичка и кривична одговорност. Тој смета дека мора да се донесе рационална одлука за оставки и дека таквите одлуки не се носат под притисок на јавноста и социјалните мрежи.

Бејрут -  Во јужните предградија на Бејрут, се урна зграда погодена од нови напади на израелската армија.

Од објавените фотографии се гледа дека проектилот удрил во долните катови, по што целата конструкција се урнала.

 

Остани поврзан