• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

11 јуни 2025

Скопје - Борбата со недозволената трговија со дрога е и ќе остане еден од стратешките приоритети на Министерството за внатрешни работи. Не само поради нејзините последици врз младите и општественото здравје, туку и поради фактот што овој феномен претставува клучен извор на моќ и ресурси за организираните криминални групи. Оваа борба мора да биде споделена, инклузивна и стратешки насочена.

Ова е пораката од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој денеска се обрати на 16-та сесија на Работната група 4 од Националната конвенција за Европската Унија во Македонија, платформа, како што нагласи, која низ годините се етаблира како сериозен и кредибилен простор за дијалог, анализа и препораки во процесот на европска интеграција.

Скопје - Во рамки на официјалната посета на Република Италија од делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од директорот Петар Богојески во Рим беше потпишан Меморандум за соработка меѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од директорката д-р Федерика Целестини Кампанари.

Овој стратешки документ, како што информира Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.

Скопје - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека денеска се објавени три јавни повици за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2025 година, со цел модернизација на земјоделските стопанства во Македонија.

-Јавниот повик бр: 05/2025 ги покрива инвестициите за набавка на машини за разбивање на мраз, за набавка на системи против замрзнување, за заштитни мрежи и заштитени фолии, за набавка на опрема за систем за наводнување-капка по капка, конструкција на бунари и други зафати на површина вода, како и за инвестиции во опрема за воспоставување на електрични огради во пчеларник за заштита од дивеч, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Белград - Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград синоќа беше отворена изложбата „Живи артефакти- (АР)тистика", за која бројната белградска публика покажа исклучителен интерес.

Изложбата поддржана од Министерството за култура и туризам ја отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а авторот на изложбата Филип Јовески и лично им демонстрираше на посетителите, како преку своите мобилни уреди да уживаат во необичниот, но, складен спој, помеѓу македонските традиционални мотиви и орнаменти во еден новоосвоен простор од проширена или аугментирана реалност, каква што овозможува новово време и новите алатки на дигиталната технологија.

Белград - Српската полиција приведе во Нови Сад тројца универзитетски професори - Верољуб Наумовиќ од Академијата за уметности, Милош Јоциќ од Филозофскиот факултет како и деканката на Медицинскиот факултет во Нови Сад, потврди во соопштение Академската мрежа Слободен Универзитет.

Според извештаите, двајцата мажи биле обезбедувачи на вчерашните протести. Засега нема официјалнои соопштение за причината за нивното приведување. Се очекува двајцата професори и деканката да бидат изведени пред судија во текот на денот. 

Јоциќ бил обезбедувач на раскрсницата во близина на Јавното градско сообраќајно претпријатие, каде што се случил инцидент и едно лице било уапсено по конфронтација со полицаец.

Белград - Директорот на Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина, д-р Драган Николиќ, е разрешен од таа функција како и неговата сопруга која исто така работи во тој центар, поради поддршка на студентите во блокада, објави „Данас“.

Според медиумот, Николиќ, професор и вработен како хирург во Клиниката за васкуларна и ендоваскуларна хирургија, е преместен на друго работно место. Неговата сопруга, Маријана Баста Николиќ, која исто така работи како доктор во КЦВ,  и е професор на Медицинскиот факултет во Нови Сад,  исто така е преместена.

Белград - Седмооделенец од Белград е спроведен во полиција на сослушување поради сомнение дека вчера во школото донел список за отстрел и нож, јавија белградските медиуми.

Детето го испрашува полицијата по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград.

Тој бил ученик во основното училиште „Јован Стерија Поповиќ“ во Нов Белград.

Атина – Специјалниот Врховен суд на Грција во чија надлежност е и да одлучува за валидноста на парламентарните избори, но и да разрешува пратеник од конкретната функција, донесе одлука, поради изборна измама да им ги одземе пратеничките места на тројца пратеници од малата грчка радикално десничарска партија Спартанци, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката е поради поврзаноста на тројцата пратеници, меѓу кои и лидерот на партијата, со поранешниот пратеник на неонацистичката Златна зора Илиас Касидиарис.

На изборите во 2023 година Спартанци освоија 4,68 отсто од гласовите и 12 пратенички места, меѓутоа останаа со петмина пратеници, бидејќи останатите седум станаа независни, а со судската одлука, сега ќе останат со тројца со што, согласно грчкиот Устав, не може да продолжи да функционира пратеничката група.

Тирана - Податоците на Централна банка на Албанија, покажуваат дека дознаките на иселениците, во периодот јануари-март, забележале раст од четири отсто споредено со истиот период минатата година.

Според податоците објавени во платниот биланс на банката девизните приливи на иселениците во овој период достигнале 251 милиони евра или девет милиони повеќе во однос на споредбениот период.

Италија, Грција, Германија, Франција, Велика Британија и САД  водат како земји од кои доаѓаат најголеми приливи поради големиот број албански иселеници кои живеат и работат во овие земји.

Софија - Немањето општествен консензус во Бугарија не е поврзано со европскиот пат на земјата, туку со прашањето дали земјата е подготвена да го воведе еврото во 2026 година, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за Си-Ен-Ен.

Во разговор со новинарот Ричард Квест, по учеството на Меѓународниот инвестициски форум во Ташкент, Радев истакна дека воведувањето на еврото на среден и долг рок би донело економски придобивки, но нагласи дека недостигот од општествена согласност го доведува во прашање овој процес, пренесува БТА.

Анкара - Турската полиција уапсила вкупно 273 криумчари и 1.022 илегални мигранти во рамки на специјализирана операција спроведена во 51 окрук низ земјата во последните две недели, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната мрежа Икс.

Јерликаја информира дека досега 98 од уапсените криумчари се задржани во притвор, додека за останатите сѐ уште се разгледуваат судските мерки. Уапсените мигранти се предадени на надлежните институции и во тек е процедура за нивна екстрадиција.

Министерот не прецизираше од кои земји доаѓаат мигрантите, но нагласи дека акцијата е дел од зголемените напори за спречување на илегалната миграција и криумчарење луѓе кон Европа.

Братислава - Словачка може да стави вето на следниот пакет санкции на ЕУ против Русија доколку Европската комисија не понуди решение за енергетската криза со која се соочува земјата, предупреди премиерот Роберт Фицо, пренесува ДПА.

„Република Словачка нема да го поддржи предложениот 18-ти пакет санкции против Руската Федерација доколку не добиеме реално решение за ситуацијата што ќе настане по целосниот прекин на снабдувањето со гас, нафта и нуклеарно гориво од Русија“, напиша Фицо на Фејсбук.

Словачка, членка на ЕУ и НАТО, силно зависи од руската енергија. Намалувањето на дотурот на гас преку Украина доведе до тензии со Киев и го зголеми стравот во Братислава за идната сигурност на снабдување.

Грац - Во домот на напаѓачот кој во своето поранешно училиште во Грац уби десет лица, а потоа изврши самоубиство, истражните тимови пронајдоа проштално писмо и нефункционална цевна бомба, соопшти денеска локалната полиција.

На жртвите на трагедијата денеска им се оддава почит со едноминутно молчење, а вчерашниот напад врз гимназијата во Грац се смета за најсмртоносниот во Австрија по Втората светска војна.

Напаѓачот, 21-годишен маж од околината на Грац, бил поранешен ученик во училиштето каде го извршил масовното убиство, но никогаш не го завршил школувањето таму. Според полицијата, тој користел две оружја – пушка и пиштол – за кои се тврди дека ги поседувал легално.

Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск денеска ќе побара доверба во парламентот, само неколку дена откако конзервативниот политичар Карол Навроцки победи на претседателските избори, јави ДПА.

Гласањето, закажано за 10 часот (08:00 GMT), се смета за обид на Туск да ја зацврсти поддршката на неговата проевропска центристичка коалиција, во пресрет на тешка соработка со новиот претседател.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, е премиер на Полска од крајот на 2023 година. Неговата влада се обидува да ги поништи штетните судски реформи донесени во периодот 2015–2023 од страна на поранешната владејачка партија Право и правда (ПиС).

Берлин - Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека владата ќе ја преиспита можноста за повторно воведување задолжителна воена служба доколку доброволните програми не успеат да привлечат доволен број војници во Бундесверот.

- Споделувам став со министерот за одбрана дека Бундесверот има сериозен недостиг од персонал, изјави Мерц на заедничка прес-конференција со холандскиот премиер Дик Схоф во Берлин.

Тој нагласи дека доколку доброволното регрутирање не ги исполнува потребите на армијата, ќе мора да се разговара за дополнителни мерки. Според коалицискиот договор, службата треба првично да биде доброволна, но тоа не исклучува понатамошни измени.

Берлин - Шефот на германската надворешна разузнавачка служба (БНД), Бруно Кал, предупреди дека Русија има планови за напад врз територија на НАТО, со цел да го тестира механизмот на заемна одбрана предвиден со членот 5 од Северноатлантската повелба.

Во интервју за германскиот поткаст Table Briefings, Кал изјави дека раководството во Москва повеќе не верува дека НАТО навистина ќе ги брани своите членки. Тој нагласи дека германските разузнавачи располагаат со „конкретни докази“ дека Украина не е крајната цел на Русија, пренесува Киев индепендент.

- Не им треба да испраќаат тенкови за тоа, забележа Кал. - Тие само треба да испратат „мали зелени луѓе“ во Естонија за да го бранат наводно угнетеното руско малцинство, појаснува германскиот разузнувач.

Брисел - Само 3,5 проценти од светската популација живее во земји каде што е загарантирана целосна слобода на изразување и собирање, се наведува во извештајот „Атлас на цивилното општество за 2025 година“ на германската лутеранска хуманитарна организација „Леб за сите“. 

- Спротивно на ова, 85 проценти од светската популација живее во земји каде што граѓанското општество е ограничено, потиснато или затворено, што влијае на речиси седум милијарди луѓе. Нивните влади сериозно ги ограничуваат граѓанските слободи и ги малтретираат, апсат или убиваат критичките гласови, се вели во извештајот изработен врз основа на податоците на Цивикус Монитор, истражувачка алатка за состојбата на граѓанското општество и слободи на меѓународната непрофитна организација „Цивикус“. 

Со извештајот се опфатени 197 земји и територии, кои се класифицирани во пет категории: „отворени“, „загрозени“, „ограничени“, „потиснати“ и „затворени“. 

Брисел - Главните преговарачи на Србија и Косово одржаа нова рунда разговори во Брисел со посредство на специјалниот претставник на ЕУ Петер Соренсен, кој информираше дека е постигнат договор за продолжување на дијалогот наскоро.

„Бев домаќин на долга средба со преговарачите од Белград и Приштина. Разговаравме за напредокот, нерешените прашања и подготовки за следна средба на високо ниво“, објави Соренсен на платформата Икс.

Белград бара формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население во Косово, што е обврска од договорот од 2013 година, а косовската страна наведува дека Србија го блокира интегрираното гранично управување.

Лондон - Преговарачките тимови на САД и Кина постигнале начелна согласност за заедничка рамка за надминување на трговските разлики, која сега треба да биде одобрена од претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг.

- Двете страни се согласија на заедничка рамка и ќе ја презентираат пред своите лидери, изјави кинескиот претставник за меѓународна трговија Ли Ченган по дводневната средба во Лондон.

Американскиот министер за трговија Хауард Латник објасни: „Ние ќе се вратиме и ќе разговараме со претседателот Трамп за негово одобрување, а тие ќе направат истото со претседателот Си.“

Лос Анџелес - Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, воведе полициски час во центарот на градот поради ескалација на протестите против заострувањето на имиграционите мерки од страна на претседателот Доналд Трамп.

На прес-конференција, таа соопшти дека е прогласена локална вонредна состојба и дека забраната за движење ќе важи од вторник во 20:00 до среда во 06:00 часот по локално време.

„Достигнавме критична точка“, изјави Бас, додавајќи дека 23 продавници биле ограбени. Мерката се однесува на површина од еден квадратен километар, каде што протестите се интензивираат од петокот.

Њујорк – Илјадници луѓе синоќа маршираа низ улиците на Њујорк протестирајќи против имиграциската политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протестот, во кој учествуваа главно млади луѓе, дел од нив со маски, започна од плоштадот Фоли и продолжи кон Јужен Менхетен. Многу демонстранти носеа плакати со пораки како „ICE надвор од Њујорк“, критикувајќи ја федералната имиграциска полиција за зголемување на апсењата на мигранти и баратели на азил последните недели.

Ситуацијата во Њујорк засега е мирна, за разлика од Лос Анџелес, каде од петокот има судири меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираат против насилното депортирање на нелегални имигранти.

Остин – Гувернерот на Тексас Грег Абот најави распоредување на резервисти од Националната гарда во државата, поради протестите против политиките за депортација на мигранти без документи наредени од претседателот Доналд Трамп.

„Мирното протестирање е легално. Насилството и напади врз луѓе или објекти се незаконски и ќе предизвикаат апсења“, напиша гувернерот на социјалната платформа Iкс.

Во повеќе градови низ Тексас се одржуваат протести, дел од пошироко движење против засилените акции на имиграциските власти. Абот, републиканец и близок сојузник на Трамп, ја поддржува политиката на строго гранично спроведување. 

Остани поврзан