• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

4 декември 2024 

Скопје - Со одлука на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, сите јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска вршат контрола во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Претходно, согласно надлежностите на републичкото јавно обвинителство, контрола беше извршена во сите виши јавни обвинителства во државата. Надзорот се врши во согласност со член 21 од Законот за јавното обвинителство и Правилникот за вршење надзор над работата и постапувањето на јавните обвинителства донесен од Советот на јавните обвинители, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Оттаму посочуваат дека до крајот на годината ќе биде извршен надзор и над постапувањето на Одделението за меѓународна правна помош во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и над Канцеларијата за врски со Европравда во републичкото обвинителство. 

Скопје - Шеесет и деветгодиша жена починала, а малолетник е пренесен во Ургентен центар, откако вчера паднале од зграда во Општина Кисела Вода.

Како што соопштија од МВР, вчера во 19:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на територија на Кисела Вода, две лица паднале од зграда.

Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека жената Д.С.(69) од Скопје од здобиените повреди починала на местото на настанот, додека деветгодишен малолетник од Скопје се здобил со повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Белград - Младите во Србија имаат најголема доверба во Патријархот на СПЦ, Порфириј, додека на второ место е министерот за туризам и млади, Хусеин Мемиќ, пред претседателот на Србија, Александар Вучиќ, покажа истражувањето на Кровна Организација на Младите на Србија (КОМС).
Кога се гледаат просечните оценки, при истражувањето спроведено од април до мај годинава, патријархот Порфириј добил 2,39, Мемиќ 1,42, а Вучиќ 1,36, пренесе Бета.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ доби оценка 1,33, а младите имаат најмалку доверба во претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ, која доби просечна оценка 1,24.

Сите функционери годинава, со исклучок на Вучевиќ, кој лани не беше оценуван, добија пониски оценки.

Тирана - По единаесет часовна расправа,  со 75 гласа „за“, од владејачкото мнозинство и 24 против на опозицијата, синоќа албанскиот парламент го изгласа буџетот за 2025 година. 

На седницата не беа прифатени над 40 амандмани на опозицијата, на групата ДП, но и на пратениците поддржувачи на Љуљзим Баша, а се однесуваа главно на обезбедување средства за економска поддршка на граѓаните.

Буџетот е најголем во историјата, вреден 8,2 милијарди евра. Приходите ќе достигнат околу 7,5 милијарди евра со зголемување од 510 милиони евра во однос на тековнава година. Додека буџетскиот дефицит е планиран во износ од 680 милиони евра.

Брисел – Белгиското јавно обвинителство започна истрага против поранешниот европски комесар за правда и министер во неколку влади на Белгија, Дидие Рејндерс под сомнеж дека бил вклучен во перење пари преку игри на среќа. 

Како што објави бриселскиот дневен весник „Соар“, во рамки на истрагата за овие сомнежи во текот на вчерашниот ден белгиската полицијата извршила претрес во домот на Рејндерс во Брисел и во куќа во негова сопственост во местото Висул, што се наоѓа помеѓу градовите Лиеж и Намур. Рејндерс бил и сослушан од полицијата во врска со случајот, но не бил лишен од слобода.  

Станува збор за сомнителни активности започнати уште во времето кога Рејдерс беше белгиски министер и кои траеле „барем до минатата година“.  

Прага - Ветувањето на Косово дека нема да ги распореди своите безбедносни сили на северот на земјата без претходно одобрение од НАТО е се уште на сила, иако мандатот на тие сили во меѓувреме е променет, изјави Бесфорт Рецај, професор по меѓународно право на Универзитетот во Приштина за Радио Слободна Европа.

Тој објаснува дека изјавите или декларациите на една држава се сметаат за обврзувачки.

„Косово мора да го почитува тоа ветување додека не биде сменето од премиер или друг претставник на државата Косово“, вели Рецај.

Во 2013 година, Хашим Тачи, во својство на премиер на Косово, разменил писма со тогашниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во кои тој се обврзал дека Косовските безбедносни сили (КБС) нема да бидат распоредени на северот на Косово. - каде живее мнозинското српско население - без претходна согласност на мисијата на НАТО во Косово (КФОР).

Брисел - Ескалацијата на кампањата на непријателски активности на Русија против земјите на НАТО ќе биде главна тема на денешниот втор ден од состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата, најави утрово генералниот секретар на Пактот, Марк Руте. 

- Русија, но и Кина, се обидуваат да ги дестабилизираат државите на НАТО преку акти на саботажа, кибер криминал и се разбира, исто така, со обидите за користење на енергијата како оружје, истакна Руте пред почетокот на министерскиот состанок на кој учествува и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски. 

Според Руте, на денешното заседание министрите ќе разговараат за начините за справување со ваквите закани, за подобрено споделување на разузнавачки информации и за обезбедување на услови за заштита на критичната инфраструктура. 

Вашингтон – Адвокатите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, го користат помилувањето на претседателот во заминување Џо Бајден на неговиот син Хантер, за да тврдат дека пресудата на Трамп треба да биде отфрлена пред судот во Менхетен во случајот со тајни плаќања на порно актерката Сторми Даниелс, јави Си-ен-ен.

Адвокатите на Трамп во судската пријава поднесена пред два дена наведоа дека Бајден во текстот на помилувањето на Хантер истакнал тој е „неправедно гонет“ и „поинаку третиран“ на суд само затоа што е негов син.

Адвокатите Тод Бланч и Емил Боув, кои Трамп ги избра за највисоки позиции во Министерството за правда во неговата нова администрација, тврдат дека Бајден го осудил Министерството со тие коментари, а окружниот обвинител на Њујорк, Алвин Брег, се занимава со истиот вид „политички театар“. 

Вашингтон - Планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за решавање на конфликтот во Украина вклучува отфрлање на членството во НАТО од страна на Киев и територијални отстапки во корист на Русија, јавија американските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до Трамп и анализа на предлозите на неговите советници.

-Советниците на Доналд Трамп јавно и приватно разговараат за предлозите за ставање крај на конфликтот во Украина, според кои значителен дел од територијата во догледна иднина би и бил префрлен на Русија. Предлозите на тројцата врвни советници имаат некои заеднички карактеристики, вклучително и отстранување на прашањето за влезот на Украина во НАТО, се вели во соопштението.

Трамп допрва треба да состави голема работна група за да подготви мировен план. Изворите велат дека конечниот договор најверојатно ќе зависи од тоа што ќе одлучат Трамп, Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.

Токио – Гувернерката на Токио сака да воведе четиридневна работна недела за службениците во управата на главниот град како дел од националниот обид за поттикнување на родителството.

Премиерот Шигеру Ишиба ја нарече ниската стапка на наталитет во Јапонија „тивка вонредна состојба“ и вети разни политики како што е флексибилно работно време.

Се верува дека очекувањата вработените мајки се уште треба да ги извршуваат домашните обврски, да воспитуваат деца и да се грижат за роднините се клучен фактор за недостигот на бебиња.

За да им го олесни балансот помеѓу работата и животот на родителите, гувернерката Јурико Коике сака да им понуди на државните службеници вработени во градската управа на Токио опција да работат скратена недела почнувајќи од април.

Сеул - Министерот за одбрана на Јужна Кореја, Ким Јонг-хјун денеска и се извини на јавноста за предизвикување загриженост во врска со воведувањето на воена состојба и понуди оставка.

-Ја понудив мојата оставка на претседателот, преземајќи ја одговорноста за сите превирања предизвикани од воената состојба, напиша тој во писмената изјава дадена за јужнокорејските медиуми.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јол прогласи воена состојба вчера „за да ги искорени просевернокорејските сили и да се заштити уставниот поредок“, што предизвика бес кај мнозинството членови на парламентот кои гласаа за резолуција со која се бара укинување на воената состојба.

Остани поврзан