МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
5 јуни 2025
Брисел - Самитот на НАТО во Хаг, поддршката за Украина и зајакнувањето на одвраќањето и одбраната ќе бидат главни теми на денешниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на кој ќе учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски.
Состанок ќе започне со седница на Северноатлантскиот совет на која министрите ќе разговараат за подготовките на Самитот во Хаг што треба да се одржи од 24 до 26 јуни и за трошоците за одбраната, а, според најавите, ќе донесат и клучни одлуки за подобрување на одвраќањето и одбраната на НАТО.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе престојува во работна посета на Париз, Француската Република.
Посетата, како што информираат од МНРиНТ, ќе започне со средба со неговиот домаќин, министерот за Европа и надворешни работи на Француската Република, Жан-Ноел Баро, по што ќе следи работна средба со Бенџамин Хадад, министер делегиран за Европа.
Преспес - Македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и грчкиот министер за внатрешни работи Тодорос Ливаниос денеска во Преспес, Грција ќе го одбележат почнувањето на работите финансирани од ЕУ во Грција, за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога - Лемос.
Како што е познато, градежните работи на македонска страна за изградба на нова царинска зграда на граничниот премин Маркова Нога почнаа пролетоска и се очекува да завршат во 2026 година, за што од програмата ЕУ за Преспа издвоени се два милиони евра.
Ресен - Амбасадорот на Европската унија во земјава Михалос Рокас, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан и градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, Светскиот ден на животната средина ќе го одбележат со започнување на работи финансирани од ЕУ во висина од 7 милиони евра, за мрежи за собирање отпадни води и постројки за нивен третман во селата во Претор, Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и Сливница.
Претпладнево на прес - конференција во Претор, амбасадорот Рокас, постојаниот претставник на УНДП во земјава Григоријан и градоначалникот Тозиевски ќе информираат за проектните активности во функција на современо решение за отпадни води во Преспа.
Скопје - По повод Светскиот ден на животната средина, денеска во Скопје ќе се одржи првата годишна конференција насловена „Заедно за одржлива животна средина“, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање.
На отворањето на конференцијата ќе се обратат првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изeт Меџити и претставничката на УНИЦЕФ во РСМ, Лесли Милер.
Скопје - Во „Europe House“ во Скопје денеска ќе бидат презентирани наодите од националниот извештај за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст од истражувањето во 2021/22 година во Република Северна Македонија „Врсничко насилство кај учениците од 11, 13 и 15 години во Република Северна Македонија”.
Како што информираат од Фондот за население на Обединетите Нации - УНФПА, овој извештај е првиот од националните извештаи за истражувањето во 2021/22 година во кој се прикажани наодите за врсничкото насилство (малтретирање во училиште, сајбермалтретирање и тепачки), социјалните нееднаквости и промената во однесувањата поврзани со малтретирањето и тепачките во периодите пред и по пандемијата со Ковид-19. Исто така, се прикажани и дел од наодите поврзани со доживеаното насилство врз адолесцентите кои изјавиле дека малтретираат со цел да се разбере кругот на насилство кој се одржува во семејствата и заедницата.
Скопје - Во Медија центарот во Владата денеска ќе се одржи трибината „Кочани е нашиот приоритет“.
Како што информираат од владината прес-служба, на трибината ќе се обратат директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и генералниот директор на Црвен крст, Саит Саити.
Прилеп - Министерството за економија и труд во наредниот период ќе организира информативни денови во поголем број општини, на кои пред јавноста ќе се презентираат мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, како и за останатите мерки предвидени со Програмите за работа на Министерството.
Првиот информативен ден, како што информираат од Министерството, ќе се одржи денеска во салата на Советот на Советот на Општина Прилеп, каде ќе присуствува заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Скопје - На 24-то издание на ОФФест, кое почнува денеска и ќе се одржува до 8-ми јуни во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар во Скопје ќе настапат врвни музички артисти и групи од осум различни земји.
- Високото реноме на артистите ја прави селекцијата на ОФФест 2025 една од најквалитетните во изминатиот период, а спектарот на стилови, „географското потекло“ на уметниците и шареноликите музички правци, несомнено ќе им приредат несекојдневно и незаборавно концертно искуство на посетителите. ОФФест, на една година пред својот 25-ти јубилеј ужива во репутацијата на еден од најпрепознатливите и најпознати фестивали за музика на светот во Европа, статус кој што се должи на исклучително богатата програма низ годините во која се проткаени небројни жанрови, емоции и доживувања, најавуваат организаторите.
Атина – Новинарите во Грција во 5 часот утрово започнаа 24-часовен штрајк преку кој бараат потпишување колективни договори и пристојни плати, а земјата денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.
Штрајкот е организиран од Грчката федерација на новинарски асоцијации во кој учествуваат сите новинарски здруженија, а главното барање на медиумските работници е потпишување на колективни договори во сите медиумски сектори, односно телевизии, весници, списанија, интернет, радија.
Заклучно со утре наутро телевизиите нема да емитуваат вести и информативни емисии, а учествуваат и државната телевизија ЕРТ и новинската агенција АНА-МПА, како и голем дел од информативните портали.
Брисел - Денешниот ден е клучен бидејќи ќе решаваме за целите за зајакнување на капацитетите и за тоа како ќе се трошат парите за потребите на одбраната, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО, Марк Руте при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата.
- Моите предвидувања се дека ќе се договориме за целите за капацитетите. Секако ќе разговараме и за многу други прашања, но ова е клучно во пресрет на Самитот во Хаг, за да бидеме сигурни дека во Хаг ќе се договориме за поголеми трошоци, за поголемо производство и секако за нашата поддршка за Украина, рече Руте.
Тел Авив – Хуманитарната фондација за Газа (ГХФ) соопшти дека денеска планира да ги отвори своите центри за дистрибуција на помош во Појасот Газа, а се очекува операциите да почнат подоцна во денот отколку претходно оваа недела.
Центрите беа затворени вчера поради, како што наведе фондацијата „реновирање“. Одлуката следеше по извештаите дека израелските сили убиле луѓе во близина на местата за дистрибуција на храна во Газа, што ја натера ГХФ да ги подобри безбедносните мерки.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша уредба со која се забранува влез на државјани од 12 земји, јави Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на извори од администрацијата.
На списокот се наоѓаат седум африкански држави (Чад, Конго, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Либија, Сомалија, Судан), четири азиски (Авганистан, Мјанмар, Иран и Јемен) и една северноамериканска (Хаити).
Освен тоа, делумно ќе биде ограничен влез за државјани од уште седум земји: Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека на шест месеци го суспендира влезот на странски студенти на Харвард, повикувајќи се на националната безбедност и оценувајќи дека дозволувањето такво запишување е „штетно за интересите на САД“.
Одлуката на Трамп доаѓа по повеќемесечниот конфликт меѓу Белата куќа и еден од најпрестижните американски универзитети. Харвард претходно одби да ги исполни барањата на администрацијата во врска со откривањето податоци за странските студенти, што резултираше со прекин на федералното финансирање.
Њујорк – САД блокираа нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН, со која се бара итен, безусловен и траен прекин на огнот во Газа меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, како и непречена дистрибуција на хуманитарна помош низ енклавата.
- Ставот на САД е јасен, не можеме да поддржиме никакви мерки доколку во нив нема осуда на Хамас и ако не биде повикан да се разоружа и да ја напушти Газа, изјави пред гласањето вршителката на должност американска амбасадорка во ОН, Дороти Шеа.
Бангалор - Најмалку 11 лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во стампедо во Бангалор, Индија, за време на прославата на шампионатот на крикет клубот Ројал Челинџерс, објави „Асошиејтет прес“.
Десетици илјади навивачи се собраа пред стадионот за да го прослават првиот трофеј на Челинџерс во индиската Премиер лига. Трагедијата се случи кога толпата се обиде насилно да отвори една од вратите на стадионот и да влезе внатре за да учествува во прославата. Повеќето од повредените се во стабилна состојба и се на амбулантско лекување.
Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун вчера се сретна со секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, на кого му вети безусловна поддршка за рускиот став кон Украина и други меѓународни прашања, јави денеска КЦНА.
- Ким Џонг Ун потврди дека владата на Демократска Народна Република Кореја и во иднина безусловно ќе го поддржува ставот на Русија и нејзината надворешна политика, се наведува во извештајот.
Ким, наводно, рекол дека Северна Кореја одговорно ќе ги почитува одредбите од договорот меѓу двете земји. Двајцата функционери разговарале и за зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство и меѓусебната соработка во различни области.
Пекинг – Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди градот Дали во југозападната покраина Јунан, потврди Кинескиот центар за земјотреси.
Земјотресот се случил во 4:13 часот наутро по локално време, на длабочина од 10 километри.