• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

13 ноември 2024

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со премиерот на Чешката Република, Петр Фиала, со кој разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите беше евроинтегративниот процес, информираат од нејзиниот кабинет.

Сиљановска Давкова ја изразила решеноста од македонска страна за натамошен развој и зајакнување на силното партнерство со Чешката Република, како на билатерално и мултилатерално политичко ниво, така и во доменот на економската соработка.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан. Во разговорот кој, како што информираат од Кабинетот на претседателката, траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции. Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.

Скопје - Полицијата вчера, околу 16:40 часот, на граничниот премин „Јажинце“ спречила шверц на пратка со пиротехнички средства (огномети, петарди, ракети и слично).

Како што информира денеска МВР, при проверка на патничко моторно возило „тигуан“ со тетовски регистарски таблички, управувано од З.С. од Тетово, во багажниот простор биле пронајдени повеќе пакети во кои имало 3312 парчиња пиротехнички средства.

Скопје - Шест пожари на отворен простор биле евидентирани изминатото деноноќие. Од нив, еден сѐ уште се води како активен, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- За активниот повеќедневен шумски пожар на Беласица, Регионалниот ЦУК - Струмица известува дека е локализиран, но, оти сѐ уште има внатрешно горење на одредени места. Пожарот започна на 10 ноември во подножјето на планината Беласица, помеѓу селата Смолари и Мокрино, општина Ново Село, појаснуваат од ЦУК.

Вашингтон - Новоизбраниот претседател Доналд Трамп денеска во Белата куќа ќе се сретне со претседателот во заминување Џозеф Бајден, една недела откако тој како републикански кандидат го освои потребниот број електорски гласови за втор претседателски мандат. Нивната средба, која е закажана за 11:00 часот по локално време и се толкува како еден од неформалните чекори во транзицијата на политичката моќ, која Трамп формално ќе ја преземе на 20 јануари 2025 година по церемонија на инаугурација.

Денешната средба ќе биде една од ретките меѓу Бајден и Трамп. Последен пат тие се сретнаа за време на телевизиските дебати за време на изборната кампања кон крајот на јуни - непосредно пред Бајден да се повлече од претседателската трка, јави ДПА.

Вашингтон - Вклучувањето на Севернокорејците во непријателствата во Украина ќе добие силен одговор, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен по средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во седиштето на алијансата во Брисел.

Блинкен посочи дека неговите разговори во НАТО се поврзани со продолжување на поддршката за Украина. Алијансата има уште многу работа за зајакнување на воено-индустрискиот комплекс, трошоците мора да се зголемат за да се обезбедат потребните капацитети, додаде тој. Според него, 23 земји од НАТО веќе ја исполнуваат целта за трошоци за одбрана од најмалку два отсто од БДП. НАТО има клучна улога за безбедноста на САД, резимира државниот секретар.

Варшава - САД денеска официјално отвораат нова база за противракетна одбрана во северна Полска во услови кога Варшава се обидува да ги увери своите граѓани дека НАТО ја гарантира нивната безбедност.

Стравувањата за безбедноста наводно пораснале по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Мадрид - Две недели по разорните поплави во источна Шпанија, метеоролошките служби денеска ги предупредија граѓаните да бидат внимателни, бидејќи повторно се очекуваат катастрофи во форма на поројни врнежи и ниски температури, поради што е издадено црвено предупредување за областа.

Источниот и јужниот дел на Медитеранот повторно се најзагрозени, а шпанската метеоролошка агенција Аемет, која вчера издаде портокалово предупредување, денеска издаде црвено предупредување за Малага и јужниот дел на Тарагона, пишуваат шпанските медиуми.

Бејрут - Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку шест лица загинале во израелското бомбардирање рано утринава врз јужниот дел на главниот град Бејрут, а 15 се ранети.

Претходно либански медиуми јавија дека израелската армија извршила серија воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут и дека биле погодени медицински центар и станбена зграда.

Париз - Стапката на невработеност во Франција порасна во третиот квартал од годината на 7,4 отсто од 7,3 отсто во претходниот квартал. Ова го посочуваат најновите податоци на Националниот статистички институт (Insee), објавени денеска и цитирани од ДПА.

Бројот на невработени во Франција се зголеми за 35.000 лица во вториот квартал од годината и достигна 2,3 милиони луѓе.

Киев - Украина доби грант од 1,35 милијарди долари од САД, што ќе бидат наменети за хуманитарни и социјални програми, објави украинскиот премиер Денис Шмихал.

„Украина доби грант од 1,35 милијарди долари од САД. Тие средства ги насочуваме кон приоритетни хуманитарни и социјални програми“, напиша Шмихал на Телеграм.

Москва - Отворањето на американската база за противракетна одбрана во Полска е обид да се ограничи рускиот воен потенцијал и значи дека треба да се преземат соодветни мерки, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Ова унапредување на американската воена инфраструктура кон нашите граници не е ништо повеќе од обид да се ограничи нашиот воен потенцијал, тоа води до усвојување соодветни мерки за обезбедување паритет“, рече Песков.

Њу Делхи - Новиот бран загадување во Њу Делхи утринава достигна алармантни нивоа со индексот на квалитетот на воздухот над 1.000, соопшти швајцарската компанија за мерење на квалитетот на воздухот IQAir.

Загадувањето ја намали видливоста во многу делови од градот, додека ситуацијата на аеродромите стана критична, со можни доцнења на летовите.

Загреб - Дел од здравствените работници во Хрватска трет ден штрајкуваат, а од Синдикатот Заједно велат дека досега никој не ги повикал да се договорат и дека ќе опстојат додека не се исполнат нивните барања.

Нивното барање е да се зголеми основната плата за најмалку 20 отсто и да се промени регулативата за коефициенти.

Подгорица - Агенцијата за национална безбедност (АНБ) проверува дали се подготвува информацијата дека се подготвува атентатот на претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, која неодамна ја добила преку извор од странство, а за тоа го известила неговиот кабинет и Управата за полицијa, пишува Вијести.

На прашањето за можна сериозна закана за шефот на црногорската држава, Управата на полицијата и кабинетот на Милатовиќ го потврдија постоењето на таква информација, а од АНБ не одговорија на медиумот.

Брисел - Евроатланскиот и Индо-пацифичкиот регион не се премногу одвоени кога станува збор за заканите и она што се случува во Украина сега има влијание на глобално ниво, изјави денеска во Брисел генералниот секретар на НАТО, Марк Руте по билатералната средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. 

- Севернокорејците војници претставуваат дополнителна закана за Украина и ќе го зголемат потенцијалот на (рускиот претседател Владимир) Путин за нанесување штета, истакна Руте.

Тирана - Албанија и Обединетите арапски емирати, односно албанската електро корпорација, КЕШ и Масдар, гигантот на ОАЕ, во Баку, Азербејџан, потпишаа договор за формирање заедничка компанија за производство на електрична енергија.

Премиерот Еди Рама на социјалните мрежи сподели фотографии од потпишувањето на договорот,  потенцирајќи дека оваа компанија ќе инвестира во Албанија и регионот.

 

Остани поврзан