• среда, 25 декември 2024
МИА Радио флеш

6 декември 2024 

Скопје - Се уште трае седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС) и таму има два партнера, работодавачите и работниците. Тие треба да се усогласат околу параметрите, меѓу кои е и минималната плата. Владата е во поразлична позиција. Од аспект на централниот Буџет, колку е поголема минималната плата, толку поголеми приходи ќе има во Буџетот, но ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме двете страни да се усогласат, што можат едните, а што другите да прифатат, рече денеска премиерот Христија Мицкоски.

Владата, напомена Мицкоски на прес-конференција, е тука да фасилитира, а не да одлучува.

-Се што ќе договорат работодавачите и работниците, ние како Влада ќе го прифатиме, истакна Мицкоски.

Според него, во Буџетот се предвидени средства согласно законските усогласувања, но секогаш има ребаланс и може да се направи распределба.

Скопје - Да почекаме да дојде 11 декември, да видиме како сето ова ќе се развива и еволуира, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со денот кога Уставниот суд треба да ја одржи расправата за уставноста на Законот за јазиците.

Според Мицкоски, се работи за уставни судии избрани од мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ кои сега ДУИ ги критикува.

Премиерот е дециден дека не постои опасност по безбедноста на државата и покрај ставот на ДУИ според кој „овој Закон е производ на комплициран компромис, постигнат по долгогодишни напорни преговори, а одлука што би го прекршила би претставувала враќање во неизвесна и проблематична иднина“.

Тетово - Јавноста дискутира за законот за употреба на јазиците поради нецелосните решенија и досегашните политики кои ги водела Демократската унија за интеграција (ДУИ), оцени денес владиниот потпретседател и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Ова е негов став даден по барање на новинарите на настан во Тетово, а по денешното соопштение на ДУИ кои посочија дека секој обид за укинување на која било одредба тој закон не е само правен чин, туку претставува директен удар врз стабилноста и мирот.

-Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право значи за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање. Ова прашање да беше апсолвирано како што треба, да имаше закон за албанскиот јазик по сите теркови денес немаше да биде тема на дискусија. Тема на дискусија е заради половичните и нецелосните решенија токму на ДУИ, истакна Меџити.

Скопје - Од Уставниот суд велат дека нема да коментираат ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците. Седницата на Судот на која ќе се дискутира за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември.

- По завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања, соопштија денеска од Уставниот суд.

Во очи одржувањето на седницата, Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска излезе со предупредување дека укинување на која било одредба од Законот за употреба на јазиците не е само правен чин, туку директен удар врз стабилноста и мирот на државата.

-Овој закон е производ на сложен компромис, постигнат по години на макотрпни преговори и претставува темел на меѓуетничката еднаквост и взаемната почит. Одлука која би го загрозила овој закон би претставувала тешко кршење на Охридскиот договор и враќање назад кон неизвесна и нестабилна иднина, наведуваат од ДУИ во соопштението.

Скопје – Не размислувам за оставка. Советот на јавни обвинители е на иста линија со сите други институции кои што се залагаат за борба против корупцијата и во ниту еден момент не дозволил да биде посочен во негативен контекст, во ниту еден од извештаите, како од домашните, така и од меѓународните експерти. Нашата работа ја вршиме согласно законот, непристрасно, објективно и така ќе продолжиме. Јас не можам да коментирам изјави на политичари, не би сакала. Ова го истакна денеска претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска по седницата на Советот, како коментар за најавите од страна на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување „робусна акција“ во судството и обвинителството.

Во однос на препораките од страна на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за Советот на јавни обвинители да ги стави вон сила одлуките за нејзино назначување во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и за уште еден член на Советот, Димитриеска рече дека немало никаква законска пречка да бидат дел од Управниот одбор на АСЈО и посочи дека Советот одржал посебна седница и недвосмислено зазел свој став.

Скопје - Официјализирана е постапката за зголемување на платите на здравствените работници, откако денеска беше  потпишан анекс на Колективниот договор за здравствена дејност со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција информираше дека извршени се корекции на коефициентите во Анексот согласно зголемувањето на минималната бруто плата во март годинава, која беше зголемена во бруто износ од 29.739 денари на 33.352 денари или за 3.613 денари. 

Врз основа на корекцијата на минималната плата направена е корекција на коефициентите во Колективниот договор во сите групи на сложеност, со коефициент 0,233, што во бруто износ е 3.636 денари, соопшти Таравари.

Скопје - На околу илјада лица кои работат со договор на дело на клиниките и во јавните здравствени установи ќе треба да им биде трансфериран работниот однос на неопределено време. Министерот за здравство Арбен Таравари очекува процедурата да заврши до Нова година затоа што веќе има усогласен став во Владата за ова прашање. 

- За околу илјада лица кои работат со договор на дело на клиниките и во јавните здравствени установи, некои повеќе од пет или десет години, имаме усогласеност во Владата и испратено е барање од Министерството за здравство до Министерството за финансии за да ни ги одобрат вработувањата. Се надевам до крајот на идната недела да добиеме позитивен одговор и да им дадеме наредба на сите јавни здравствени установи, лицата со договор на дело, генерално шофери, хигиеничари, болничари, медицински сестри и лаборанти да добијат решение. Се надевам дека целиот процес ќе заврши пред Нова година, изјави денеска Таравари. 

Скопје - Новата Влада нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал, а секој личен успех е успех и на државата. Ова денеска го порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, која преку видео обраќање учествуваше на отворањето на Самитот на Фондацијата Маариф од Турција, на тема „Образование за фер и еднакво општество за одржлива иднина“, што четврти пат се одржува во Истанбул.

- Дел сум од релативно нова влада, која пред пет месеци го започна мандатот со силна волја и енергија за промени кои ќе обезбедат квалитетен и инклузивен образовен систем. Тие промени веќе се случуваат. Работиме на поквалитетни наставни програми и учебници, на дигитализација, на мотивација на наставници, подобрување на инфраструктурата и оптимизација на училишната мрежа, како и воведување едносменска работа и продолжен престој за учениците исполнет со содржини кои ги интересираат. Секако, важен приоритет е и високото образование, како и усвојувањето на нова законска регулатива за повеќе и подобри можности за сите чинители на системот, нагласи Јаневска.

Скопје - Коалицијата за заштита на децата изразува најдлабока разочараност за одлуката овогодинешната државна награда "Мето Јовановски" да биде доделена на ЛГБТИ+ активистот Лила Милиќ и здружението на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“, а воедно изразува и неодобрување на моменталниот состав на одборот кој ја донел оваа одлука, од следниве причини:
Лила Милиќ е познат ЛГБТИ+ родов активист, кој не само што е роден со машки пол (маж), а себеси се идентификува како жена, туку и години наназад, преку организиран и координиран активизам за менување на традиционалните општествени вредности, се обидува да ја внесе и на сила да ја наметне родовата идеологија врз туѓи деца преку образованието, и покрај острите реакции и критики од родителите, како и врз сето општество. Тој е еден од основачите на ТрансФорма, иницијатива која се залага за правно признавање на родот и родовиот идентитет, односно легализирање на антинаучната идеја дека има повеќе од два пола, кои се флуидни т.е. променливи.

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.

На првиот состанок, како што соопштија од МЕРМС, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.

Комисијата ќе биде одговорна за координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; за постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; за анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; за предлагање конкретни мерки за спречување на кризни сценарија.

Скопје- На 20 декември, пет дена од стапувањето во сила на новогодишната кошничка, ќе знаеме дали трговците реално ги намалиле цените на производите, а на 20 јануари ќе знаеме точно колку ќе бидат себични и колку ќе ги поскапат производите по завршувањето на мерката, изјави денеска  претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој очекува дека трговците ќе им излезат во пресрет на граѓаните, а ако тоа не го сторат, ССМ на почетокот на идната година ќе бара ригорозни казни за сите вакви нефер трговски практики и нефер трговци.

-Како ССМ можеме да гарантираме дека врз основа на синдикалната минимална кошничка уште на 20 декември ќе знаеме дали цените се намалени и дали работодавачите, трговците, добавувачите и производителите ќе имаат општествена одговорност и ќе им излезат во пресрет на граѓаните. Тоа ќе го знаеме само пет дена по стапувањето во сила на новогодишната кочничка. Можеме да гарантираме и дека на 20 јануари ќе знаеме точно колку ќе бидат себични трговците и колку ќе ги зголемат цените на производите по завршувањето на оваа акција. Од претходниот пат знаеме дека синдикалната минимална кошничка беше главниот коректор на цените, рече Трендафилов, одговорајќи на новинарски прашања пред седницата на Економско социјалниот совет (ЕСС). 

Охрид - Возило од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши претпладнево излетало на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, општина Дебрца, соопшти СВР Охрид.

Според информацијата, во 10 часот и 45 минути во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, општина Дебрца, излетало од патот патничко моторно возило „сеат алтеа“, сопственост на Министерството за внатрешни работи, управувано од Ј.Л.(37), во кое сопатници биле И.Б. и Б.М, сите полициски службеници.

- По укажаната помош на местото на настанот од екипа од Итната медицинска помош, тие се пренесени во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, стои во соопштението.

Атина – Поради технички проблем на владиниот авион што не можеше да се надмине до предвиденото време на тргнување и не можеше да се даде дозвола за полетување, посетата на премиерот на Либан е одложена за неколку дена, објасни портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за телевизијата „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.

Посета на Бејрут на грчкиот премиер што беше закажана за денеска, се откажа и одложи за следните денови поради дефект на владиниот авион, а од кабинетот на Мицотакис, како што сабајлево обја МИА, информираа дека согласно известувањето од Генералштабот на воздухопловството, владиниот авион има техничка дефект и не е изводливо да се спроведе планираното патување на премиерот во Либан и додадоа дека посетата се одложува за следните денови.

Брисел - По вчера доставеното барање до ТикТок, Европската комисија денеска упати дополнително барање за информации до оваа социјала мрежа во врска со објавувањето на разузнавачки документи кои неодамна беа декласифицирани од страна на романските власти, соопшти денеска портпаролот на ЕК за дигитална економија, истражувања и иновации Томас Рениер. 

- Ние сме загрижени поради зголемените индикации за координирани операции на странско влијание преку Интернет насочени кон романските избори, особено на ТикТок, изјави Рениер. 

Тој потенцира дека ТикТок има рок од 24 часа да даде одговор на барањето, како и да преземе мерки за спротивставување на ваквите „информативни операции“ пред вториот круг од претседателските избор во Романија закажан за в недела. 

Барањето е упатено врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ, но како што посочи Европската комисија, тоа се однесува само на активностите на ТикТок, а не и на изборениот процес во Романија, прашање кое е на „романските власти и на крајот на романскиот народ“. 

Вашингтон - Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусам синоќа прогласи вонредна состојба во оваа сојузна држава по замјотресот со јачина од 7 степени по Рихтеровата скала.
 
-Пред малку воведов режим на вонредна сосотојба за да се овозможи  испраќање ресурси таму каде што е непоходно за вонредно да се реагира на земјотресот со јачиа од 7,0 кој се случи денеска наутро, напиша гувернерот на социјалната мрежа „Икс“. Тој додаде дека властите работат во оперативен режим за да ги „информираат и обезбедат безбедност на калифорнијци“.
 
Според Геолошката служба на САД, епицентарот се наоѓал во Тихи Океан, 63 километри западно од градот Петролија. Засега нема информации за настрадани или за материјални штети. Властите го повлечија предупредувањето за закана од цунами. 

Техеран - Иран планира да испрати ракети и дронови во Сирија и да го зголеми бројот на своите воени советници таму за да му помогнат на претседателот Башар ал Асад во неговата борба против бунтовниците, соопшти висок функционер на Исламската Република.

-Техеран веројатно ќе мора да испрати воена опрема, ракети и беспилотни летала во Сирија... Техеран ги презеде сите неопходни чекори за да го зголеми бројот на своите воени советници во Сирија и да распореди сили, изјави иранскиот претставник.

Тој додаде дека „Техеран во моментов и обезбедува на Сирија разузнавачка и сателитска поддршка“. 

Остани поврзан