• недела, 24 ноември 2024
МИА Радио флеш

17 октомври 2024 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими заменик извршната директорка на Агенцијата на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, UN Woman, Њараѕаи Гумбонзванда.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, биле разменети мислења за постигнатиот напредокот во земјава во однос на родовата еднаквост, ефикасноста на стратегиите за борба против родовото насилство, можностите за економско зајакнување на жените, зголемување на нивната застапеност на лидерски позиции, предизвиците со кои се соочуваат жените од маргинализираните заедници, како и за соработката со UN Woman.

Скопје - Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска истакна дека внатрешните контроли во рамки на службата се тековни активности, дека тоа е секојдневна работа на Царинската управа.

- Внатрешната контрола е тековна работа. Од како сме дојдени како ново раководство на Управата од 1 јули оваа година, само во текот на месец август се покренати 18 дисципински постапки, што значи дека Секторот за внатрешна контрола во Управата функционира, рече тој.

Брвеница - На вчерашната владина седница беа потврдени повеќе од 270 проекти кои се во речиси сите општини, потврди премиерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Општина Брвеница.

Во изјава за медиумите, Мицкоски посочи дека на следната владина седница ќе има мало продолжување на рокот за општините кои треба да ја комплетираат проектната документација.

Атина - Патот на Северна Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите одржан во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на новинарско прашање за ЕУ перспективата на земјава, за Договорот од Преспа и евентуална средба на двајцата премиери, Маринакис коментираше дека му е драго што го прашуваат и што има можност да одговори од Солун, повторувајќи ги позициите на актуелната грчка Влада.

Скопје - Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска имаше работна средба со делегацијата на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) предводена од Јери Дибле, претставник за Северна Македонија. 

Како што информира  МЖСПП, Дибле ја изрази подготвеноста на УСАИД да ги поддржи проектите поврзани со подобрување на климатските промени и животната средина во земјата, преку различни програми, како и пренесување на позитивни искуства од различни земји во светот каде што работи Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Агенцијата за национална безбедност не се политизира и дека на новоименуваниот директор Бојан Христовски му била нанесена неправда во минатото. Tаа грешка, вели, е исправена и сега тој има безбедносен сертификат.

Според Мицкоски, кога се трансформирала Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенција за национална безбедност (АНБ) и кога се правела селекција, како што кажа, имало поранешни високи структури од Агенцијата за разузнавање, и во Управата за безбедност и контраразузнавање и АНБ коишто ги профилирале луѓето и врз основа на тие профилирања гледале како да им наштетат преку лажни вести и клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат.

Скопје - Коридорот 8 за нас е важен исто како Коридорот 10 бидејќи мојот сон како претседател на Владата е Македонија да биде раскрсница по три основи – железничка, патна и енергетска, а без Коридорот 8 нема да биде железничка. Вистинското прашање до каде е овој проект во Албанија, дали таму постои проект, дали таму почнала владата да го прави и дали е тој во приоритетите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

-Ние нашата посветеност ја покажавме и докажавме со тоа што Секцијата 1, делот 1 којшто е од Куманово до Бељаковце веќе го завршуваме, Секцијата 2 од Бељаковце до Крива Паланка се гради, а за Секцијата 3 од Крива Паланка до граница со Бугарија додека не видиме од бугарска страна јасна посветеност и проект ние немаме намера да ги трошиме парите, бидејќи тие пари ќе ги насочиме за други проекти коишто се во овој момент поприоритетни. Тоа е изјавата на Николовски, а тоа е и мој став, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на тетовското село Радиовце. 

Атина - Она што недостасува во нашата европска стратегија е ефикасна политика за враќање на мигрнатите. Особено ми е драго што тоа е нешто што го препознава и претседателката на ЕК, која, како што се чини, ќе ја овластиме да може да поднесе до Советот иновативни предлози за тоа како можеме да ги направиме поефикасни враќањата во земјите на потекло на оние кои немаат право на азил, рече грчкиот премиер Киријакос Мицотакис при неговото пристигнување на Самитот на Унијата во Брисел, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно потсети дека враќањата треба да се вршат и во Турција, бидејќи тоа е во рамките на Договорот ЕУ-Турција од 2016 година.

Белград -Режисерот Емир Кустурица побара од Специјалното одделение за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград да покрене постапка и да побара отстранување на „навредлива синтетизирана аудио и видео снимка“ емитувана на телевизија Пинк за Кустурица, соопшти денеска адвокатската канцеларија Томановиќ.

- Незаконската употреба на вештачка интелигенција за создавање лажни и монтирани снимки, познати како „дипфејк“ (deepfake), во многу земји е препознаена како општествено опасна за демократското општество, основните човекови права, но и за безбедноста на граѓаните, се наведува во соопштението.

Тирана - По хаосот внатре и надвор од салата на Парламентот на Албанија, опозицијата го започна следниот протест пред градското собрание на општина Тирана, каде запалија гуми.

И тука не изостана судир со полицијата при обид опозицијата да го пробие полицискиот кордон, имаше неколку обраќања а насобраната толпа извикуваше „Велиај оди си“.

Брисел - Со раскинувањето на договорот со САД за изземање на нивните државјани од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд, Црна Гора презеде неопходни процедурни чекори за да осигура целосна соработка со судот и да ги усогласи своите ставови со Европската Унија, потврдија институциите во Брисел, јави Радио Слободна Европа на српски јазик.

„Ова ја доведува Црна Гора во согласност со заедничките ставови на ЕУ за интегритетот на Римскиот статут и водечките принципи на ЕУ за билатерални договори за имунитет, што е извонредна мерка во Поглавјето 31 од преговорите за пристапување на Црна Гора во Унијата“, се наведува во писмениот одговор од портпаролот на ЕУ.

Софија - Треба да имаме силна политичка влада, експертската влада не е решение, изјави денеска потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, јави БТА.

- Внимателно ги следам сите предизборни дебати и пораки од страна на политичките сили. Колку повеќе ги следам, толку повеќе се уверувам дека треба да имаме силна политичка влада, со јасна одговорност од политичките партии. Експертската влада не е решение, смета Јотова.

Сараево - Колку е можно побрзо, Бугарија треба да ја обнови водечката улога на Балканот. Не да реагираме, не да следиме општи политики, туку да ги креираме, изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев, откако положи венец на спомен-плоча во Сараево, симбол на пријателството помеѓу Бугарија и Босна и Херцеговина.

- Конечно е време да ги извадиме главите од песокот, да престанеме да се занимаваме со нашите внатрешни семејни и провинциски кавги и да се вратиме таму каде што ни е местото, истакна Радев. - Во Босна и Херцеговина гледаат на Бугарија како на силен и достоен член на НАТО и на Европската Унија – земја со демократија, развиена економија и социјален систем. Тие гледаат на нас со надеж – да поддржуваме, да помагаме, да водиме, вели Радев.

Брисел - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на денешниот Самит на ЕУ во Брисел побара поголема финансиска и воена помош пред „опасната зима“.

- Воздушната одбрана и финансиската поддршка за домашното производство на оружје на Украина се од најголема итност, Зеленски.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Европската унија треба да ја промени својата „воена стратегија“ во „мировна стратегија“ и повика на прекин на огнот и мировни преговори.

Во пресрет на работниот појадок, пред пратеничката група „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, Орбан рече дека очекува Самитот на ЕУ да биде „тежок“ и дека го очекуваат неколку „битки“, пренесе МТИ.

Лозана - Претставници на повеќе од 50 земји, меѓународни и невладини организации денеска ќе се соберат во швајцарскиот град Лозана на дводневна конференција посветена на прашањето за деминирањето во Украина, јави ДПА.

Учесниците на форумот ќе коментираат за можностите за комбинирање на процесите на деминирање со социјалното и економското закрепнување на земјата. Тие ќе разговараат и за методите за побрзи инспекции на потенцијално минираните области, како и за новите модели на финансирање.

Киев - Органите на редот во Украина извршија над 230 претреси во околу 20 региони на земјата, при што открија и уништија 19 лаборатории за дрога, објавија украинските медиуми, повикувајќи се на пораката на министерот за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм.

Според него, „Полицијата разби нарко картел чии членови произведувале и продавале психотропни супстанции преку канали на апликацијата за пораки“.

Рим - Некои од првите мигранти кои пристигнаа во италијанскиот центар за обработка на азил во Албанија добија дозвола да отпатуваат за Италија, соопштија денеска италијанските власти.

По првичната проценка, властите одлучија на четворица од 16-те мажи од Египет и Бангладеш да им биде дозволено да влезат во Италија, каде што ќе им биде разгледано барањето за азил. Останатите 12 ќе останат во центарот за обработка на азил.

Брисел - Работејќи заедно постигнавме огромен успех во борбата против суровиот терористички противник, кој во 2014 година контролираше голем дел од територијата на Сирија и Ирак, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во обраќањето на министерскиот состанок на членките кои придонесуваат за зајакнување на Глобалната коалиција за пораз на групата Исламска држава (Д-ИСИС), што се одржува во рамки на средбата на министрите за одбрана на членките на НАТО во Брисел. 

- Поминаа 10 години откако десетина земји се мобилизираа за да ја поразат ИД. На крајот на 2014 година коалицијата броеше над 60 земји, а денес ја сочинуваат 87 членки, истакна Остин, додавајќи дека третина од овие земји придонесуваат и со вооружени сили во борбата, операциите и кампањите против тероризмот. 

Остани поврзан