МИА Радио флеш
- 21 ноември 2024
21 ноември 2024
Скопје – Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека „црната листа“ на САД е многу динамична и дека постојано се дискутира за нови имиња. Таа нагласи дека нема конкретна временска рамка за додавање нови лица на листата, бидејќи тоа е одлука на Вашингтон.
Во изјава за медиуми по отворањето на првата Конференција за борба против корупцијата во Западен Балкан организирана од Амбасадата на САД во Скопје, во соработка со Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот (INL), амбасадорката посочи дека листата е отворена за дополнувања.
- Црната листа на САД е многу динамична, постојано се дискутира за имиња. Немам временска рамка, бидејќи тоа е одлука на Вашингтон, но, ве верувам дека додека зборуваме има имиња кои се земени предвид и секогаш сме отворени кон додавање нови лица на листата, рече амбасадорката.
Скопје - Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија, информираат од Народната банка.
Организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Скопје - Донесена е Наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на праг на информирање, соопшти денеска Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во рамки на оваа Наредба, се воведуваат повеќе мерки кои ќе се применуваат во случаи на надминување на праговите на алармирање дефинирани во Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанци во амбиентинот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели.
Се воведуваат зајакнати контроли на возилата, а МВР ќе спроведе засилени и вонредни контроли на возилата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисијата на испусните гасови. Ова, како што се наведува, ќе помогне во намалување на загадувањето од сообраќајот.
Скопје - Вкупно 9 433 илјади патници биле превезени во патничкиот патен превоз во третото тримесечје од 2024 година, што е за 6.9 % помалку во однос на истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Според видот на превозот, бројот на превезените патници е намален во градскиот превоз за 7.4 %, во приградскиот за 10.4 %, додека во меѓуградскиот превоз е зголемен за 13.2 %, а во меѓународниот превоз за 2.7 %.
Во третото тримесечје од 2024 година, во однос на истиот период од 2023, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е зголемен за 8.9 %. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е зголемен за 17.3 %, во приградскиот превоз е намален за 1.3 %, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 7.4 %, а во меѓународниот превоз зголемувањето изнесува 10.8 %.
Белград - Вишото јавно обвинителство во Нови Сад соопшти дека вкупно 11 лица се уапсени и приведени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени. Меѓу уапсените се министерот за градежништво Горан Весиќ, директорката на Инфарсатруктура на железниците на Србија Јелена Танасковиќ, поранешниот директор на Инфарсатруктура на железниците на Србија Небојша Шурлан и помошник на министерот за железнички транспорт Анита Димоски, јави дописникот на МИА од Белград.
По истрагата и деталната анализа на целата потребна документација, разговори со поголем број граѓани, и по извршеното вештачење за утврдување на причините и околностите под кои дошло до пад на настрешницата, што на 20 ноември беше доставено до обвинителството, и запознавање со наодите и мислењето на стручни лица од градежната струка, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад се уапсени и приведени вкупно единаесет лица.
Белград - Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во оставка, Горан Весиќ, денеска изјави дека не е уапсен, туку дека, како што кажа, „доброволно се одзвал на повикот на полицијата“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Дојдовме во Нови Сад и им се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад, напиша Весиќ на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека како и досега ќе им стои на располагање на надлежните органи.
-Ќе докажам дека не сносам кривична одговорност за овие трагични настани. Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот, изјави Весиќ.
Белград -„Со денови сме изложени на брутални изливи на насилство кои ги спроведуваат одредени политички фактори кај нас со поддршка на т.н. групи на медиумски притисок и други групи на притисок. А, она што ни останува нам пристојните граѓани, не врзани за политичка ориентација во државата Србија, е да веруваме во работата на државните органи и да не преземаме никакви мерки за да покажеме на улица кој е поброен, а кој е посилен, или нешто слично“, изјави на својот Инстаграм профил српскиот претседател Александар Вучиќ, по повод блокадите и протестите на опозицијата во Нови Сад по повод истрагата за трагедијата на Железничката станица во Нови Сад и денешните апсења на 11 лица.
Берлин – Поранешниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер денеска изрази надеж дека идната германска влада јасно ќе се врати на проевропскиот курс.
Како што пренесе ДПА, тој, исто така, посака француско-германските односи, за кои рече дека се од витално значење за Европа, да се подобрат во првата половина на 2025 година.
Во изјава за ДПА, Јункер рече дека луѓето се навикнале Германија да биде една од најсилните проевропски сили, но тоа веќе не е така.
Јункер, исто така, изрази фрустрација поради повремениот недостиг на јасност на Германија во Брисел, сугерирајќи дека тоа го поткопува влијанието и почитувањето на земјата во Европската унија.
Варшава – Полска ги подигна своите воени авиони за време денешниот руски ракетен напад врз Украина, соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили и додаде дека откако дознала за лансирањето на руски ракети, наредила подготовки за потенцијален упад на воздушни цели во полскиот воздушен простор.
- Според утврдените процедури, оперативната команда ги активираше сите расположливи сили и ресурси. Дежурните борбени авиони се подигнати, а системите за воздушна одбрана на земјата и средствата за радарско извидување се ставени на највисоко ниво на подготвеност, се вели во соопштението.
Нападот на Русија беше насочен кон бизниси и клучна инфраструктура во градот Дњепар. Украинците тврдат дека Русите лансирале и интерконтинентална балистичка ракета од јужниот регион Астрахан, што претставува прв пат Русија да употреби толку моќна ракета со долг дострел од почетокот на војната.
Киев - Русија денеска лансирала интерконтинентална балистичка ракета „Кинџал“ од нејзиниот јужен регион Астрахан и седум крстаречки ракети, соопшти украинската војска.
Русија го употреби ова оружје со долг дострел за прв пат откако ја почна војната.
Нападот следуваше откако Украина оваа недела употреби американски и британски ракети за да нападне цели во Русија, за што Москва со месеци предупредуваше како потенцијална ескалација.
Цел на нападот биле бизниси и критична инфраструктура во централно-источниот украински град Дњепар, соопштија властите.
Не е познато што конкретно е погодено од интерконтиненталната ракета или дали има голема штета.
Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја опиша одлуката на САД за отворање на база за воздушна одбрана во Реџиково во Полска како „провокативна“ и „длабоко дестабилизирачка“.
- Ова, искрено, е уште еден провокативен чекор во низата длабоко дестабилизирачки акции на Американците и нивните сојузници во северноатлантската алијанса во стратешката сфера. Ова води кон поткопување на стратешката стабилност, зголемување на стратешките ризици и, како резултат на тоа, до зголемување на целокупното ниво на нуклеарна опасност, рече Захарова.
Со оглед на природата и нивото на заканите од таквите западни воени објекти, базата за противракетна одбрана во Полска одамна е додадена на листата на приоритетни цели за потенцијално уништување, кои, доколку е потребно, може да биде уништена со широк опсег на напредно оружје, додаде Захарова.
Дњепар - Русија „масовно го напаѓа“ Дњепропетровск од рано утрово, соопшти шефот на воената администрација на украинскиот регион.
- Од раните утрински часови, агресорот масовно го напаѓа регионот, напиша Серхиј Лисак на Телеграм.
Тој пријавил „оштетување на индустриско претпријатие“ во регионалниот главен град Днипро. Во градот имало два пожари, рече тој.
Според неговата последна објава на Телеграм, градот Криви Рих загинале 2 лица. Подоцна ќе бидат објавени повеќе детали.
Вашингтон - Американската полиција уапсила синоќа лице осомничено за подготовка да постави експлозивна направа во Њујоршката берза неделава за да ја „ресетира“ владата на САД.
Полицијата дознала за неговите планови во прикриена операција.
Харун Абдул-Малик Јенер (30) од Флорида е уапсен по повеќемесечна истрага спроведена од агенти на Федералното биро за истраги (ФБИ), на кои наводно им побарал помош да најде компоненти за експлозив, со цел да направи импровизирана бомба од цевка. Јенер верувал дека прикриените агенти се членови на паравоена група во која сакал да се зачлени.
Според ФБИ, осомничениот планирал експлозијата за да предизвика „ресетирање“ на власта во САД.
Вашингтон – Американскиот претседател Џо Бајден планира да отпише дел од долгот на Украина настанат преку економска помош, како и да воведе голем број други мерки за поддршка на напорите на Украина пред доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп.
Според американските медиуми, Бајден до Конгресот доставил изјава за намера да отпише половина од долгот на Украина за економска помош, во износ од околу 4,65 милијарди долари.
Дополнителниот пакет за безбедносна помош од 61 милијарда долари, што Конгресот и го додели на Украина во април, вклучуваше околу 10 милијарди долари економска помош како заем. Условите на понудата во тоа време му дадоа на Бајден овластување да прости до 50 отсто од тој заем.
Мелбурн - Социјалните мрежи би можеле да бидат казнети со повеќе од 30 милиони евра доколку не успеат да го спречат пристапот на децата до нивните платформи, според новата легислатива предложена во австралискиот Парламент.
Законот ќе ги принуди социјалните мрежи да преземат чекори за да ги спречат лицата под 16 години да пристапуваат до платформи како што се Икс, ТикТок, Фејсбук и Инстаграм.
Доколку не го направат тоа, ќе добијат парични казни до речиси 50 милиони австралиски долари.
Австралија планира да испроба систем за проверка на возраста што може да вклучува биометрија или државна идентификација за да се спроведе старосната граница за пристапот до социјалните мрежи, што е меѓу најстрогите контроли досега наметнати од една земја.
Со предлогот, нема да има ослободувања со родителска согласност или исклучоци за претходно постоечки сметки.
Пекинг - Кина е подготвена да одржува комуникација со релевантните земји и заеднички да ја чува безбедноста на меѓународната подводна инфраструктура, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Портпаролот на Министерството, Лин Џианг го изјави ова како одговор на прашање за кинески брод во данските води и истрагата на Финска и Шведска за двата пресечени телекомуникациски кабли со оптички влакна во Балтичкото Море. Лин додаде дека нема детали за бродот.
Данските вооружени сили вчера соопштија дека внимателно го надгледуваат кинескиот носач на нафта „Ји Пенг 3“, кој моментално ја задржува својата позиција во теснецот меѓу Данска и Шведска, но не ги спомнаа пресечените кабли, ниту зошто го надгледуваат бродот.