МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
28 мај 2025
Скопје – На предлог на Министерството за финансии, Владата вчера на седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за царинската тарифа со кои се пристапува кон намалување на царинските стапки на околу 70 стоки, главно суровини и репроматеријали кои се користат од страна на индустријата во земјата.
Измената, како што соопшти денеска Министерството за финансии, е дел од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година со која е предвидено постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во ЕУ, адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата.
-Оттука, во рамки на предвидената постепена хармонизација, во јули 2025 година ќе се изврши намалување за 50 отсто на разликата помеѓу царинските стапки што се применуваат за увоз на предметните стоки кај нас и царинските стапки за истите кои важат во ЕУ, со интенција за понатамошно доусогласување, велат од Министерството.
Скопје - Предлог законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти доби зелено светло од собраниската Комисија за надворешна политика по што денеска се очекува да се најде на дневен ред на 52. пленарна седница. Предлог-законот беше поддржан со 10 гласа „за“ и ниту еден глас „против“.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат пет милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано.
Скопје - Скопското обвинителство донело наредба за спроведување истрага за недозволено држење оружје и муниција за жител од скопско Батинци.
-При претрес во домот на осомничениот во селото Батинци полициски службеници пронашле оружје и поголемо количество муниција – три пиштоли и вкупно 643 куршуми со различен калибар и наменети за различни видови оружје, се наведува во соопштението.
Скопје – Член на организираната криминална група „Беланоца- Барон“, за која вчера Обвинителство поднесе обвинение за повеќе тешки кривични дела извршени во период од 2020 до 2024 година, меѓу кои и седум убиства, нарачал убиство со цел да се приближи кон радикално исламистичко движење, а мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала и всушност ги предал избеганите во Косово Африм Исмаиловиќ и Алил Демири на институциите во предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро во април 2012 година.
Нарачателот е првообвинетиот од групата, а еден од сторителите е во бегство, а другиот во затвор.
Како што посочија на брифингот во ОЈО ГОКК, од пресретната комуникација за овој предмет не е утврдено со точност и не може да се утврди дали тоа е вистина.
Скопје - Во рамки на последниот ден од 15. Филозофски филмски фестивал, вечер ќе бидат прогласени добитниците на наградите од стручното жири и од публиката. На програмата за денеска се четири филмови од минатата година - „Селекција на видеоесеи“ во избор на м-р Ивана Мирчевска. Притоа ќе биде прикажан „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер, а ќе се одржи и проекција на „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле. Дел од селекцијата е и „Дневникот на едно небо“ на Лоренс Абу Хамдан.
И четвртиот видео есеј кој ќе се проектира е „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман. Тој нè враќа во искуството на материјата - како последна, но жива трага на свет во кој создавањето и распаѓањето се ист процес, а еволуцијата тече низ многубројни, непредвидливи облици.
Белград - Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека во моментов Србија има поважни прашања од избори, и според неа, тоа е „економскиот развој да се надомести сето она што е изгубено поради блокадите“.
„Мнозинството во српскиот Парламент е апсолутно стабилно... Имаме пратенички групи во Парламентот што се намалуваат и се распаѓаат, нашето мнозинство е целосно стабилно“, изјави Брнабиќ за РТС.
Таа додаде дека не се занимава со избори, бидејќи се знае која е надлежната институција за нивно свикување, а тоа е претседателот на државата.
Атина – Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ, меѓу кои и земјоделска помош во Грција (ОПЕКЕПЕ) со одлука на грчката Влада ќе се укине, а функции ќе бидат префрлени во Независната управа за јавни приходи (ААДЕ), беше одлучено на состанокот свикан од грчкиот премиер, по големата истрага за измама што ја спроведува европското обвинителство, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на грчкиот премиер соопштија дека по обидите за внатрешна модернизација на ОПЕКЕПЕ кои не ги дадоа очекуваните резултати, „Владата, во соработка со европските власти и посветена на создавање транспарентен и интегриран систем за плаќање, пријателски настроен кон земјоделците, одлучно го решава проблемот“.
Брисел - Националните планови за енергија и клима на земјите членки покажуваат дека ЕУ е на добар пат да ја постигне својата цел за нивото на намалување на емисиите на штетни гасови до 2030 година, изјави денеска еврокомесарот за клима, нулта нето емисија и чист раст Вопке Хукстра.
- Споредено со 1990 година емисиите се намалени за 37 отсто, додека економијата порасна за речиси 70 проценти, докажувајќи дека климатската акција и растот одат рака под рака. Сега мора да продолжиме врз основа на овој моментум, рече Хукстра.
Берлин – Германската влада денеска одобри ограничувања за обединување на семејствата за одредени групи бегалци и заострување на законите за државјанство.
Новата влада на канцеларот Фридрих Мерц, која стапи на должност претходно овој месец, вети построги мерки против миграцијата и веќе воведе построги контроли на границите на земјата.
Ограничувањата за семејствата ги таргетираат мигрантите во Германија со таканаречен „статус на супсидијарна заштита“, на кои им е дозволено да останат во земјата поради закана од политички прогон во нивните татковини, и покрај тоа што немаат статус на бегалец, јави ДПА.
Женева – Претставник на Обединетите нации изјави дека 47 Палестинци се ранети, најголемиот дел од огнено оружје, кога толпа луѓе се собрала во центарот за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа.
Шефот на Канцеларијата на ОН за човекови права за палестинските територии, Аџит Сунгај, рече дека најверојатно повеќето повреди биле предизвикани од пукање од израелската војска.
Голем број Палестинци вчера го преплавија центарот кој беше основан од фондација поддржана од Израел и САД.
Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска предложи трилатерална средба со претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, со цел унапредување на мировните преговори, истовремено повикувајќи го Вашингтон да воведе нови санкции против Москва.
„Подготвени сме за форматот Трамп-Путин-јас“, се наведува во изјавата на украинскиот претседател, која до утрово беше под ембарго за објавување, јави Бета.
Москва – Две фабрики за дронови во близина на Москва се погодени во голем украински напад со дронови, јавија денеска локалните медиуми, пренесе ДПА.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека една од целите се наоѓала во градот Зеленоград, северозападно од главниот град.
Засега нема извештаи за жртви или сериозна штета, објави тој на Телеграм.
Дамаск – Сириските демократски сили (СДС), предводени од Курдите во Североисточна Сирија, постигнаа договор со сириската влада за започнување на репатријација на семејствата поврзани со Исламска држава од кампот „Ал Хол“.
Во договорот, објавен од високиот функционер на СДС, Шеихмус Ахмед, се наведува дека ќе се создаде заеднички механизам за олеснување на враќањето на „сириските семејства“ од кампот.
Отава – Канадскиот премиер Марк Карни синоќа изјави дека се надева оти Канада ќе се приклучи на големата европска одбранбена иницијатива до 1 јули, потег што има за цел да ја намали зависноста на земјата од САД во однос на оружјето и муницијата.
- Седумдесет и пет центи од секој долар капитални расходи за одбрана одат во САД. Тоа не е разумно, изјави Карни за канадската национална телевизија Си-Би-Си.
Тој додаде дека преговорите со ЕУ за приклучување кон иницијативата „ReArm Europe“ „бележат голем напредок“ и дека би сакал да види „нешто конкретно“ до Денот на Канада, 1 јули.