• сабота, 09 ноември 2024
МИА Радио флеш

 1 октомври 2024 

 - Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ќе ги презентира резултатите од првите 100 дена од работата на Владата. Под слоганот „100 проценти посветени, за тебе!“, премиерот ќе ги прикаже постигнувањата, проектите и мерките кои беа реализирани од новото раководство откако ја презеде извршната власт. Меѓу активностите што го одбележаа работењето на Владата, покрај  транзициите на  функционерските позиции и ребалансот на Буџетот, се и задолжувањето од половина  милијарда евра од Унгарија, од кои средства ќе се реализира повикот за финасирање  инфраструктурни проекти на општините, како и поддршка на стопанството.

 -  Уште едно ветување на Владата станува реалност. Од денеска започна исплатата на септемвриската пензија со покачување од 2500 денари. Иако ветувањето беше дека во првата година од мандатот ќе се покачат пензиите, Владата во првите 100 дена го реализира ова ветување, се наведува во соопштението од владината прес-служба. Од Владата посочуваат дека над 330.000 пензионери од денеска го земаат покачувањето од 2500 денари, а од март следната година следува уште едно покачување за 2500 денари, со што пензионерите конечно го добиваат она кое што го заслужуваат, достоинствени пензии и поквалитетен животен стандард. - Линеарното покачување на пензиите за вкупно 5000 денари е уште едно ветување реализирано од страна на Владата и премиерот Христијан Мицкоски. За Владата недозволиво е пензионерите наместо да уживаат во своите пензионерски денови, да протестираат и да молат за повисоки пензии. Владата останува 100 отсто посветено да работи за пензионерите и за сите граѓани, се посочува во соопштението. 

- Во просториите на Управниот суд денеска ќе се одржи „Промоција на системот за аудио и видео снимање на судски расправи SRS Femida и Femida True Records”. Од Управниот суд по промоцијата најавија и прес - конференција на која ќе присуствуваат претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, како и министерот за правда Игор Филков. 

- Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“. И за септември 2024 година издвоени се повеќе „матни“ од „бистри” случаи.  Во „бистри“ настани се дадени отворената предистрага за судијата Eљведин Ферати, кој со пречкртување си поправал оценки на тетовскиот универзитет. Предистрагата ја води Скопското јавно обвинителство.

- Во Охрид денеска ќе се одржи стручен состанок „Една вакцина за сите“ што е наменет за матични лекари, педијатри и гинеколози. Состанокот е резултат на соработката на Комисија за имунизација при Министерство за здравство и Центар за семејна медицина Медицински Факултет, со цел воведување на 9-валентна ХПВ вакцина во редовниот вакцинален календар.Како што е најавено од организаторите, на состанокот ќе се обратат проф. д-р Катарина Ставриќ -Медицински Факултет, Скопје на тема „Опфат со задолжителната имунизација на деца во Македонија за 2023 година со осврт на ХПВ вакцина“, за „Медицинско значење и безбедност на ХПВ вакцина“ ќе говори проф д-р Александра Грозданова - Фармацевтски факултет, Скопје, додека за „ ХПВ асоцирани заболувања“ ќе говори доц. д-р Ирена Алексиоска Папестиев - ЈЗУ Универзитетска Клиника за гинекологија и акушерство, Скопје.

-Со три модни ревии синоќа почнаа Деновите на модата во Штип. Во една од празните фабрички хали на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ се реинкарнираше модната индустрија во градот, во кој се сконцентрирани најголем дел од конфекциите во земјава, кои имаат, пред се, лон производство. Но, во изминатите години неколку штипски компании почнаа да создаваат свои брендови, а со своите модни креации веќе се препознатливи и на домашниот и странскиот пазар. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека градот Штип три дена ќе живее во знакот на модата, а настаните се организираат во соработка со домашните компании кои произведуваат свои брендови, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Здружението „Гласен Текстилец“.

– Подобрена е рано утрово ситуацијата со пожарот во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, откако противпожарните сили цела ноќ се бореа со огнените јазици, евакуирани беа низа населени места, додека пак синоќа превентивно беше затворен автопатот кон и од Атина и кон и од Патра, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарот е активен веќе трет ден, доцна синоќа имаше нови и опасни разорувања, а според медиумите во Грција, огнените јазици се протегаат на должина од над 32 километри. Рано утрово беше испратена порака од бројот 112 за итни случаи за превентивна евакуација на уште едно село во близина на пожарот, додека во текот на вчерашниот ден беа испратени неколку пораки до жителите и оние кои се во близина на седум населени места, исто така за евакуација.

 - Француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен се појави вчера пред судот во Париз каде што таа и другите француски десничарски националисти се обвинети дека примале средства за лажниот персонал на Европскиот парламент. Заедно со долгогодишниот лидер на Националниот собир, Марин Ле Пен, меѓу 28-те обвинети за проневера на јавни пари е и нејзиниот татко и основач на партијата, Жан-Мари Ле Пен. Марин Ле Пен секогаш ги негираше обвинувањата кои се однесуваат на времето од 2004 до 2016 година, а кои се насочени против партијата Национален собир и против поранешни избрани функционери и нивните помошници. -Не прекршивме никакво политичко правило или правило на Европскиот парламент, рече Ле Пен пред судот пред почетокот на формалното судење.

- Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се регрутираат нови 133.000 војници во есенската регрутација што започнува денеска и ќе трае до крајот на годината, а според шефот на канцеларијата за регрутирање, новите регрути нема да одат на боиштата во Украина. Декретот на Кремљ, објавен вчера од рускиот државен весник „Росискаја газета“, повикува на мобилизација на граѓаните „на возраст меѓу 18 и 30 години, кои не се во резерва и се предмет на воена служба во согласност со федералниот закон. .), а станува збор за вкупно 133.000 лица.“Шефот на руската канцеларија за регрутирање, вице-адмирал Владимир Цимлјански, рече дека условите за регрутирање остануваат исти - 12 месеци стаж во воените единици во Русија.

 - Украина, како суверена држава, може да носи свои одлуки во врска со нападите врз цели во Русија со сопствено оружје, изјави денеска портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, одговарајќи на прашање за можноста Украина да добие дозвола од САД за напади со американско оружје длабоко на територијата на Русија. -Пред сè, на Украина не и треба наша дозвола да гаѓа руски цели. Тие се суверена држава и можат самостојно да го користат оружјето што го создадоа, а го има многу, рече Милер, пренесе Стејт департментот.

 – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата на фронтот е „многу предизвикувачка“ и оти армијата мора да направи сè што може во следните месеци. - Најважно е да извршиме притисок врз Русија користејќи ги сите расположливи средства и алатки за да ја постигнеме нашата цел за вистински и праведен мир за Украина и за целиот наш народ што е можно поскоро. Се што може да се направи оваа есен, сè што можеме да постигнеме, мора да постигнеме. И тоа зависи од сите во украинскиот тим, посочи Зеленски. Тој додаде и дека Украина се подготвува за престојаната високата средба во германската воена база Рамштајн, на која ќе присуствуваат претставници на 50 држави, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден.

- Бројот на жртвите на ураганот Хелена во шест американски држави се искачи на над 130, а милиони луѓе останаа без струја или пристап до интернет. Спасувачките тимови во западните делови на Северна Каролина се обидуваат да стигнат до луѓето чија судбина се уште е непозната, три дена откако ураганот Хелена го опустоши југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави. Бројот на загинати продолжува да расте бидејќи работниците за итна помош стигнаа до областите кои се изолирани поради урнатите патишта и големите поплави.Советникот за домашна безбедност на Белата куќа, Лиз Шервуд Рандал, изјави дека до понеделник попладне, дури 600 лица кои се водат за исчезнати не се пронајдени, со проценки дека некои можеби се веќе мртви. Во тешко погодениот планински округ Бумкум во Северна Каролина, каде што се наоѓа градот Ешвил, загинаа 40 лица, изјави вчера локалниот шериф.

 - Гола статуа на Доналд Трамп е поставена кај автопат близу Лас Вегас, САД, во саботата на оградена парцела. Тоа е дел од проектот „Извитоперено и непристојно“. Уметничкото дело е изработено е од метална арматура обложена со пена и стиропор, високо е околу 15 метри и тежи повеќе од 2,7 тони. Статуата го прикажува кандидатот за американски претседател - намуртен, со јажиња прикачени на рацете, што укажува дека тој наводно е некаква „марионета“.„Ова е одважно дело за транспарентноста и ранливоста на јавните личности од светот на политиката“, изјавија анонимните креатори на статуата за тамошните медиуми.

- Три лица загинаа, а 15 други се повредени откако маж вчеравечер напаѓаше со нож во супермаркет на Волмарт во Шангај. Кинеската полиција соопшти дека уапсила 37-годишен маж по презиме Лин на местото на настанот, додавајќи дека тој дошол во Шангај за „да го исфрли својот гнев поради личен економски спор“. Понатамошните истраги продолжуваат. Инцидентот се случил во трговски центар во Сонџијанг, густо населен кварт во југозападниот дел на градот, во кој се наоѓаат и неколку универзитети.

 – Министерството за здравство на Либан соопшти дека во вчерашните израелски напади загинале вкупно 95 луѓе, а повредени се 172 лица. И во текот на ноќта израелската армија (ИДФ) изврши напади врз јужните предградија на Бејрут, а претходно ги повика да граѓаните да се евакуираат. ИДФ синоќа соопшти дека воспоставила „затворени воени зони“ на границата со Либан, а утрово почна „ограничена и локализирана“ копнена операција против Хезболах во јужен Либан. 

 - Израелската армија соопшти дека Хезболах утринава од Либан лансираше пет ракети врз пограничните населби Метула и Авивим, на северот од Израел.Некои од проектилите биле пресретнати, додека други погодиле ненаселени области, се наведува во соопштението на ИДФ.Тајмс оф Израел  пренесува дека нема извештаи за жртви или материјална штета од последниот напад од Либан.Либанската милитантна организација Хезболах објави дека со артилериски оган ги гаѓала израелските војници во Метула на северот на Израел.Оваа милитантна група не го коментираше почетокот на ограничените израелски копнени напади врз Либан.

- Јапонските пратеници денеска официјално го избраа Ишиба Шигеру, лидер на Либерално-демократската партија (ЛДП), кој ја предводи коалицијата со мнозинството во горниот и долниот дом на парламентот, за нов премиер. Ишиба (67) досега беше на неколку функции во владата, меѓу кои и министер за одбрана, а пред да стане лидер на партијата беше во извршната власт на ЛДП, јавуваат јапонските медиуми. Тој подоцна денеска официјално ќе го формира својот кабинет и ќе ги изнесе приоритетите на новата влада. Кабинетот на Ишиба ќе биде официјализиран во текот на вечерта, по церемониите што ќе се одржат во Царската палата.

 - Јужна Кореја ја претстави својата најмоќна балистичка ракета и друго оружје за време на церемонијата на Денот на вооружените сили, додека јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол предупреди дека севернокорејскиот режим ќе биде соборен доколку се обиде да употреби нуклеарно оружје.  Американските медиуми пренесуваат дела ова претставување на јужнокорејското оружје и предупредувањето доаѓа откако Северот неодамна го откри својот капацитет за збогатување ураниум и тестираните проектили пред претседателските избори во САД во ноември. -Доколку Северна Кореја се обиде да употреби нуклеарно оружје, ќе се соочи со решителен одговор од нашата и војската на нашиот сојузник САД. Тој ден ќе биде крајот на севернокорејскиот режим, им изјави претседателот Јун Сук-Јол на собраните војници на воениот аеродром во близина на Сеул.

Остани поврзан