• вторник, 01 октомври 2024
МИА Радио флеш

6 август 2024

 – Реализација на проекти кои имаат додадена вредност, кои ќе имаат влијание на растот на БДП и  од кои ќе имаат бенефит граѓаните е она што во моментот и треба на земјата. Проекти кои ќе значат пониски трошоци за компаниите и кои ќе им ги олеснат условите за водење бизнис, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8.

-Суштината е да ги добиеме истите услови и средства, како за Коридорот 8, само за друг проект. Крајната цел е да ги обезбедиме истите средства за пругата од Коридорот 10, како за пругата од Коридорот 8. Ирелевантно е на кој начин ќе се изразуваме. За граѓаните е важно и суштински што ќе добијат, односно да добијат проект, проект кој ќе има додадена вредност, да им заштедиме пари, бидејќи другиот проект од Коридорот 8, завршува во ткн. слепа улица. Терминолошки дали ќе се изразиме како нова апликација или ќе употребиме пренамена во суштина е тоа што го добиваме со Коридорот 8, истото го бараме за Коридорот 10. На граѓантие не им е важно дали е нова апликација или слично, нив им е важен бенефитот од самиот проект и во тоа е суштината, истакна Димитриеска-Кочоска во гостување во Македонското радио.

- За време на продолжениот викенд и во текот на вчерашниот ден царинските службеници спречиле неколку обиди за криумчарење на 62 пара патики, 37 парчиња рачен алат штрафилици, пет парчиња брусалки, седум парчиња батерии со полнач, запленети на влез во државата на граничен премин Табановце.

- Царинската управа соопшти дека непријавената стока е пронајдена во патничко моторно возило со странски регистарски таблички. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави, возачот изјавил дека има само лични работи, но при преглед на возилото во багажниот простор, на задните седишта и под нив, во најлонски кеси и торби е пронајдена непријавената стока.Стоката е привремено задржана, а против лицето е поведена прекршочна постапка.

- Вкупно 23 пожари на отворен простор се евидентирани изминатото деноноќие. Од нив, три сѐ уште се активни, шест се под контрола, 14 се изгаснати, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Првиот од трите сѐ уште активни пожари, е во општина Македонски Брод - во пределот кај селата Тажево и Брезница - крак кон ЈП „Јасен“. Вториот активен пожар е на територија на две општини - Демир Хисар и Охрид, на Илинска Планина, кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Третиот е на територија на општините Богданци и Дојран, кај селото Фурка.

- Во текот на јули биле спроведени 10.000 контроли на плажите во Грција за почитување на условите предвидени со доделените концесии, а досега за неправилности се изречени казни во висина од над 1.150.000 евра, според генералниот секретар за информациски системи во Министерството за дигитално управување Димостенис Анагностопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, Анагностопулос објасни дека интензивираните контроли се должат и по пријавите од граѓаните преку специјалната апликација „My Coast“ која досега ја имаат инсталирано 103.000 граѓани, а паралелно истакна дека она што е важно е што првпат се јавно познати законските закупи низ целата земја.

- Во Србија денеска ќе биде претставен тим од здравствени експерти за да анализира последици по здравјето на луѓето од ископувањето литиум. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар во изјава за РТС ги замоли граѓаните „да не наседнуваат на непроверени приказни“.

Лончар додаде дека денеска ќе биде претставен медицински тим и дека во него ќе бидат вклучени епидемиолози, доктори по медицина на труд и други експерти.

- Повеќе од осум проценти Американци немале здравствено осигурување во првите месеци од 2024 година, покажуваат новите податоци на Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Се проценува дека 27,1 милион Американци од сите возрасти биле без здравствено осигурување до март, наведува ЦДЦ, кој ги објавува проценките за покриеност со осигурување на секои три месеци врз основа на резултати од анкета на националната здравствена агенција, пренесува Си-Би-Ес.

- Иран и Пакистан свикаа итен состанок на министрите за надворешни работи на членките на Организацијата за исламска соработка (ОИС), кој ќе се одржи во Саудиска Арабија. Средбата е свикана поради убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, во Техеран.

Состанокот, кој ќе се одржи во крајбрежниот град Џеда, „ќе се фокусира на злосторствата на израелската окупација и атентатот на Ханија“, соопшти ОИС, со седиште во Саудиска Арабија.

- „Сериозни сомнежи за интегритетот на процесот“ на повторните избори во албанскиот град Химара, според грчки дипломатски извори, покренуваат пријавите од припадниците на грчкото национално малцинство во Албанија, пишува државната новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

- Пријавите поднесени од членовите на грчкото национално малцинство во Албанија во однос на условите под кои се одржаа повторените локални избори во општина Химара, особено во однос на демографската промена на избирачкото тело и негирањето на уставното право на глас на илјадници граѓани на Химара со изговор дека е истечена важноста на нивните лични карти, предизвикуваат сериозни сомневања за интегритетот на процесот, истакнале за АНА-МПА дипломатските извори.

- Грчките власти заплениле кокаин вреден повеќе од милион евра, кој бил скриен во контејнер за банани, соопшти денеска Крајбрежната стража. Околу 35 килограми кокаин биле запленети во Пирејското пристаниште, а пратката била од Еквадор.

Грчките власти во мај соопштија дека разбиле меѓународна криминална група која тргувала со кокаин, пренесувајќи го во контејнери од Латинска Америка во Европа. Неколку дена подоцна, запленети беа повеќе од 109 килограми кокаин скриени во контејнер со замрзнати лигњи на брод во пристаништето Пиреја. 

 - Потпретседателката на САД, Камала Харис, официјално стана претседателски кандидат на Демократската партија, откако беше избрана преку онлајн гласање на Демократскиот национален комитет. Таа е првата Црнкинка и Индијка која стана кандидат на водечка американска партија за кампања за Белата куќа.

Харис е родена во Калифорнија во 1964 како дете на имигранти: нејзината мајка потекнува од Индија, а татко ѝ е роден во Јамајка. По нивниот развод, Камала и нејзината сестра Маја главно биле одгледани од мајка им под силно влијание на индиските традиции, но потоа сите ја присвоиле црната култура на Оукленд. „Мајка ми многу добро сфаќаше дека одгледува две црнкинки. Таа беше посветена кон тоа јас и Маја да пораснеме во самоуверени, горди црнкинки“, напиша Харис во својата автобиографија.

- Во руски ракетен напад врз градот Харков во североисточна Украина денеска е оштетена медицинска установа, напиша градоначалникот на градот на апликацијата Телеграм.

Регионалниот гувернер на регионот Харков рече дека две лица се лекуваат поради акутни стресни реакции и додаде дека може да има повеќе луѓе под урнатините. Локалните власти претходно соопштија дека нападот предизвикал и пожар во централниот дел на Харков.

-Европската Унија изрази сериозна загриженост поради континуираното уништување на клучната цивилна инфраструктура во Појасот Газа, меѓу кои и на станицата за третман на води во Рафах, и се придружи на меѓународните повици за расчистување на овој инцидент. 

- Ја повикуваме израелската Влада да се откаже од дејствија кои ги влошуваат условите за живот на цивилното население во Газа и да ги почитува своите обврски според меѓународното право. Веднаш е потребен итен прекин на огнот за да се стави крај на страдањето на цивилите во Газа, како и на израелските заложници, се наведува во изјавата што во името на Унијата ја упати високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

- Претседателот на Изборната комисија на Венецуела, Елвис Аморосо синоќа соопшти дека на Врховниот суд му ги предал сите записници од претседателските избори, од кого претседателот Николас Мадуро побарал да ја официјализира неговата оспорена победа.

„Се што бараше највисокиот суд на државата е поднесено“, рече Аморосо.

Опозицијата смета дека и Државната изборна комисија и Врховниот суд се лојални на властите.

 

Остани поврзан