• понеделник, 30 септември 2024
МИА Радио флеш

30 септември 2024

 - Министерски состанок за Агендата на ЕУ за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт ќе биде отворен денеска во Скопје, во организација на Делегацијата на Европската Унија. Состанокот ќе биде од работен карактер, со само неколку седници отворени за медиумите. Ќе го отвори Илиана Иванова, еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади.  Предвидено е присуство и обраќање на министри од Северна Македонија и од регионот, како и претставници од релевантните директорати на Европската комисија, меѓународни организации и од бизнис-заедницата. Според најавата од Делегацијата на ЕУ во Скопје, на официјалното отворање на Министерскиот состанок ќе учествуваат министрите за обрзование и наука и за култура, Весна Јаневска и Зоран Љутков, и министерот за култура и иновации Балаш Ханко од унгарското претседателство со Советот на Европската Унија. Во пресрет на Министерскиот состанок, вчера се одржа една од предвидените сесии. 

-  Во Собранието за денеска е закажана седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. На дневен ред на седницата е Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2023 година на усвојување и ревидирани финансиски извештаи за 2023 година.

- Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска во Скопје ќе ја отвори Работилницата за животна средина и климатска акција која се спроведува во рамките на проектот „ИПА-Твининг“ со Европската Унија. - Проектот ќе го спроведуваат Министерството за животна средина и просторно планирање и Центарот за економска медијација и европско право, а има за цел да ги зајакне нашите капацитети за подобро спроведување на законите од областа на индустриското загадување, се наведува во соопштението од МЖСПП. 

 - Во Велес во тек е огласот за распределба на 29 станови во новата социјална зграда. Деца без родители или родителска грижа коишто имаат наполнето 18 години и претходно биле згрижени во домови или во родителски семејства како и деца без родители, како и корисници на правото на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни односно природни непогоди, лица со попреченост и семејства со лица со попреченост, потоа лица припадници на ромската заедница коишто се социјално загрозени како и самохрани родители со малолетни деца можат да конкурираат за добивање на социјален стан  во новата зграда на улица „Раштански пат“ број 20 во Велес, во близина на поранешен „Киро Ќучук“ и Ветеринарната станица во новиот дел на Велес. Заинтересираните треба да поднесат документи во Меѓуопштинскиот центар  за социјална работа во Велес најдоцна до 21 октомври годинава за користење под закуп на еден од вкупно 29 станови со површина од 38 до 42 м2 .

– Националниот парк „Галичица“ организира работилница посветена на презентацијата на пристапот „Interpret Europe“, односно интерпретација на наследството базирано на вредности според критериумите на УНЕСКО. На денешниот настан што ќе се одржи во Инфоцентарот на Националниот парк ќе биде презентиран односниот пристап како едукативна, комуникациска и визуелна алатка што го оживува наследството пред очите на посетителите. Притоа им овозможува на учесниците да создадат подлабока врска со локалното презентирано наследство, ги инспирира и ги потикнува на одржливост локалните заедници кои се грижат за него и конечно, со интерпретациските алатки и методи се зачувува природното и културното наследството за идните генерации, информираат организаторите.

- Друштвото на писателите на Македонија денеска од 19 часот ќе организира „Вечер со Руми“ - поетско читање по повод 817 години од раѓањето на великанот на класичната персиска поезија.  Настанот ќе го водат членовите на ДПМ Ана Пејчинова и Тихомир Јанчовски, поети и препејувачи на поезијата на Руми. Писателската асоцијација соопшти дека го организира настанот „работејќи во насока на уважување и на славење на вековното светско книжевно и културно наследство“. 

 - Хит-комедијата „Барам причина за брак“ на градскиот театар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска, синоќа ја одушеви публиката во преполната сала на Националната установа Центар за култура, Крива Паланка. Хрватскиот млад актерски тандем, Ведран Дакиќ, награден како најдобар млад актер во -Хрватска за 2023 година и Матеа Марушиќ наградена, најдобра млада актерка во Хрватска за 2021 година, гостуваше на третата фестивалска вечер од меѓународниот театарски фестивал во „Градот на културата“, со најновата претстава од оваа сезона: напната и интригантна едночинка што ги истражува приватните сложености на модерниот брак.

– Две лица го загубија животот во големиот пожар во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а противпожарните сили цела ноќ се бореа со огнените јазици, додека утрово ситуацијата е подобрена, јави дописничката на МИА од Атина. Доцна синоќа им се загубила трагата на двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, кои, според грчките медиуми, тргнале да помогнат во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела и веројатно се работи за исчезнатите, меѓутоа ќе следи и процес на идентификување. Пожарот избувна вчера во близина на Ксилокастро, а поради силниот ветер брзо се прошири и зазеде големи размери. Од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки до жителите за евакуација на најмалку пет села што се во близина на пожарот. Интервенираат над 300 пожарникари со 15 пешадиски тима, 110 возила, како и пет авиони и четири хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

 - Во Париз е извршен грабеж на тенискиот комплекс „Ролан Гарос“. Француските медиуми објавија дека инцидентот се случил ноќта четврток кон петок. Сторителите на делото влегле во комплексот, и упаднале во неколку канцеларии. Украле 11 илјади евра готовина и накит од 20 илјади евра. Француската тениска федерација соопшти дека полицијата во моментов го истражува грабежот. Комплексот „Ролан Гарос“ се наоѓа во 16. округ на Париз. Секоја година таму се одржува еден од четирите Грен слема во светот - Отвореното првенство на Франција. 

 – Министерката за правда на Норвешка, Емили Енгер Мел изјави дека Осло би можел да постави ограда долж границата со Русија, по примерот на Финска. - Оградата на границата е многу интересна, не само затоа што може да делува како одвраќање, туку и затоа што содржи сензори и технологија што ви овозможува да откриете дали луѓето се движат блиску до границата, наведе Мел. Таа додаде норвешката Влада во моментов разгледува „неколку мерки“ за зајакнување на безбедноста на границата со Русија во северниот дел на Арктикот, како што се оградување, зголемување на бројот на граничниот персонал или зголемување на надзорот.

- Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле 67 од 73 беспилотни летала и една од трите ракети со кои Русија синоќа нападна украинска територија. - Рускиот напад врз Киев синоќа траеше над пет часа, соопштија властите во главниот град на Украина. Информациите се од објава на апликацијата „Телеграм“ на началникот на Киевската регионална воена управа, Сергиј Попко. Засега нема извештаи за повредени лица или материјална штета. -Четврти воздушен напад врз Киев! Како и во претходните напади, непријателот повторно употреби дронови, најверојатно „Шахед“. Тие го нападнаа Киев во бранови, од различни правци, напиша Попко.

 – Либанската новинска агенција (ННА) јави дека израелската армија утрово изврши нов воздушен напад во областа Чија, во јужните предградија на Бејрут. Претходно, израелската армија (ИДФ) соопшти дека во текот на ноќта извршила воздушни напади во регионот Бека, источен Либан. Според ИДФ, нападите биле насочени кон десетици ракетни фрлачи и магацин за оружје на Хезболах. Претходно, ИДФ соопшти дека успешно пресретнала „сомнителна воздушна мета“ која ја преминала границата на Либан. При нападите врз јужниот дел на Либан елиминиран е лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Тир загинаа и сопругата, жерката и синот на Амин. Израелската армија утрово првпат од војната во 2006 година изврши и напад врз центарот на Бејрут, при што загинаа тројца припадници на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП).

 – Либанскиот привремен премиер Најиб Микати изјави дека израелските воздушни напади принудија еден милион луѓе да ги напуштат домовите. Тоа е најголемо раселување што може да се случи, посочи Микати. Во меѓувреме, либанското Министерство за здравство соопшти дека повеќе од 50 луѓе се убиени во вчерашните напади, два дена откако Израел го елиминира лидерот на Хезболах, Хасан Насрала во Бејрут. Хезболах вчера потврди и дека во израелските воздушни напади убиени се у воениот командант Али Караки и високиот свештеник, шеик Набил Каук.

- Недозволиво е да избувне сеопфатна војна на Блискиот исток, изјави синоќа претседателот на САД, Џо Бајден, а во контекст на воените операции на Израел против Хезболах во Либан и Хутите во Јемен. Одговарајќи на прашање на новинар за потребата од спречување на регионален конфликт, Бајден рече: „Тоа е неопходно. Мора навистина да се избегне. Бајден исто така изјави дека планира да разговара со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, но не прецизираше кога тоа ќе се случи. - Ќе ви кажам што ќе му кажам по нашиот разговор, изјави тој на новинарите.

 - На југоистокот на САД вчера започнаа големи активности за чистење и обнова на штетите од силните ветрови, дождови и надојдената вода и песок предизвикани од ураганот Хелена што остави милиони луѓе без струја, разурна патишта и мостови и предизвикаа катастрофални поплави од Флорида до Вирџинија. Според податоците на властите од Јужна Каролина, Флорида, Џорџија, Северна Каролина и Вирџинија, смртниот биланс од ураганот досега изнесува најмалку 69 лица кои го изгубиле животот. Властите стравуваат бројот на жртви да се зголеми. Проценките за штетите варираат од 15 до над 100 милијарди долари, соопштија викендов осигурителните компании и економистите. Материјалната штета и економските загуби ќе се прецизираат додека се оценува деструкцијата.

 - Најмалку 16 лица загинаа за време на минувањето на ураганот „Џон“ оваа недела на брегот на Тихиот Океан во јужно Мексико, соопштија вчера претседателот и локалната цивилна заштита. Бројот на загинати „е 15 лица“ во регионот Акапулко, изјави претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор. Уште едно лице загина во соседната држава Мичоакан, соопшти цивилната одбрана.

 - Бројот на загинати во поплавите и свлечиштата во Непал предизвикани од поројните дождови на крајот од минатата недела се искачи на 193, објавија американските медиуми, повикувајќи се на локалните власти кои соопштија дека спасувачките операции се засилени од денеска. Полицијата соопшти дека 31 лице се уште се водат како исчезнати, а бројот на повредени досега изнесува 96. Многу од смртните случаи се регистрирани во главниот град Катманду, каде што се поплавени јужните населби. Најмалку три автобуси кои беа заглавени во сообраќајот на пат кон градот беа затрупани од лизгање на земјиштето, при што загинаа повеќе од 30 луѓе. Надлежните забележуваат дека вчера и денеска времето се подобрило, што е поволно за спасувачките операции и напорите за опоравување.

- Американскиот претседател Џо Бајден вчера одобри воена помош за Тајван во вредност од 567 милиони долари, соопшти Белата куќа. Ова е уште еден потег со кој Вашингтон има за цел да ги зајакне одбранбените капацитети на островот во услови на зголемени тензии со Кина, додава агенцијата.  Соединетите држави се највлијателниот меѓународен поддржувач и снабдувач на оружје на Тајван, дури и без формално воспоставување дипломатски односи. Кина постојано ги повикува САД да престанат да продаваат оружје на Тајван, кој го смета за своја територија.

 - Новиот јапонски премиер Шигеру Ишиба денеска најави дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 27 октомври. Така, јапонските гласачи ќе излезат на гласање само еден месец откако шеесет и седумгодишниот поранешен министер за одбрана беше избран за претседател на владејачката Либерално-демократска партија на местото на премиерот во заминување Фумио Кишида. 

Остани поврзан