Нов израелски воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут
- Либанската новинска агенција (ННА) јави дека израелската армија утрово изврши нов воздушен напад во областа Чија, во јужните предградија на Бејрут
Бејрут, 30 септември 2024 (МИА) – Либанската новинска агенција (ННА) јави дека израелската армија утрово изврши нов воздушен напад во областа Чија, во јужните предградија на Бејрут.
Претходно, израелската армија (ИДФ) соопшти дека во текот на ноќта извршила воздушни напади во регионот Бека, источен Либан.
Според ИДФ, нападите биле насочени кон десетици ракетни фрлачи и магацин за оружје на Хезболах.
Претходно, ИДФ соопшти дека успешно пресретнала „сомнителна воздушна мета“ која ја преминала границата на Либан.
При нападите врз јужниот дел на Либан елиминиран е лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Тир загинаа и сопругата, жерката и синот на Амин.
Израелската армија утрово првпат од војната во 2006 година изврши и напад врз центарот на Бејрут, при што загинаа тројца припадници на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП).
Според либанското Министерство за здравство во израелските напади загинале повеќе од 100 луѓе, додека бројот на жртвите во изминатите две недели се искачи над 1.000, а околу 600 се повредени.
Претходно, привремен либански премиер Најиб Микати изјави дека израелските воздушни напади принудија еден милион луѓе да ги напуштат домовите.
- Тоа е најголемо раселување што може да се случи, посочи Микати.
Според израелските медиуми нападите врз Либан не само што ќе продолжат туку ИДФ се подготвува и за копнена операција. Неименуван безбедносен извор изјави дека иако сè уште не е донесена политичка одлука ИДФ привршува „значајни операции“ како подготовка за копнена инвазија врз јужен Либан.
Целта на копнените маневри е да се уништат целите, но и да се проектира моќта на Израел и ИДФ на Блиски Исток, особено врз Хезболах, истакна тој.
И додека ИДФ напаѓа цели на либанската милиција Хезболах во Либан и на Хутите во Јемен расте стравот дека конфликтот на Блиски Исток може да излезе од контрола и да се вклучат Иран и САД.
САД повикаа на дипломатско решение на конфликтот во Либан, но дозволија и засилување за својата армија во регионот. ми/
фото: ЕПА