• вторник, 16 декември 2025
МИА Радио флеш

27 јуни 2025

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска се сретнал со вршителот на должноста амбасадор на Државата Катар во Северна Македонија Рашид Бин Саид Ал-Кајарин со кого разговарале за натамошно унапредување на економските односи помеѓу двете земји.

- Посебен акцент беше ставен на продлабочување на соработката во областа на инвестициите, вработувањето и инфраструктурните проекти од взаемен интерес. Во разговорот беше нагласена потребата од унапредување на трговската размена, како и продлабочување на соработката во секторите како што се агро-бизнисот, преработувачката индустрија, логистиката, ИКТ и туризмот, соопшти Министерството за економија и труд.

Скопје - Државата бележи двоцифрен годишен пораст во бројот на странски посетители. Најновите податоци покажуваат 21.6 проценти раст во првата половина од оваа година, во однос на истиот период од минатата година. Ако се задржи ваквиот тренд, се очекува дека бројот ќе достигне околу 1,5 милиони странски туристи до крајот на годинава, според пресметки на локалните туристички работници, соопштија денеска од Министерството за култура и туризам.

Од Министерството потенцираат дека ова би можело да донесе приходи до 500 милиони евра и важно е државата и бизнисите да инвестираат во инфраструктурата, зајакнување на туристичките капацитети, развој на одржлив туризам и рамномерен регионален развој за да го одржат темпото и да извлечат максимум корист.

Скопје - Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел спречување на појава на пожари на отворен простор.

Министерството ја потсетува пошироката јавност дека во периодот кој следи да биде особено внимателна бидејќи поради високите температури ќе се зголеми ризикот од појава на пожари на отворен простор и од суштинско значење е јавноста да ја разберат опасноста како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесат кон заштита и сочувување на шумите, односно животна средина, имотите и заедниците во целина.

Скопје - Од 1 јули ќе стапи на сила забрана за движење во шумите и ќе важи до крајот на август, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, како што посочуваат од Министерството, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.

Скопје - На „Школка“ во Градскиот парк во Скопје, денеска ќе се одржи фестивалот на звукот, природата и на одговорноста - „Саунд оф грин“ (Sound of green). Како што се наведува во денешното соопштение, станува збор за целодневна пикник-забава и едукација што ги поврзува музиката, екологијата и заедништвото и што ќе се реализира со поддршка од амбасадите на Швајцарија и Франција.

- Забава, музика и инспирација под отворено небо. Понеси пластично шише или лименка - биди пример за другите и покажи дека селекцијата е дел од секој фестивал, порачуваат од „Пакомак“, организатори на фестивалот, во пишаната изјава.

Скопје - Во Македонската филхармонија утре вечер ќе се одржи концертот „Јапонско срце бие во македонски ритам“, музички настан што ќе го отсликува длабокото пријателство меѓу нашата држава и Јапонија.

На сцената ќе настапи јапонскиот оперски пејач- Казухиро Котецу, кој ќе ги изведе „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“, „Ако умрам ил’ загинам“ и други песни.

Публиката ќе има можност да чуе и познати јапонски и македонски песни, внимателно избрани композиции кои ќе ја истакнат поврзаноста помеѓу македонската и јапонската култура.

Скопје - Во Факултетот за ликовни уметности во Скопје од академската 2025-2026 година ќе почне новата студиска програма од втор циклус студии, магистерски студии, по Визуелни комуникации.

-Во свет во кој визуелната комуникација е јазикот на иднината, уметноста и дизајнот не се веќе само форми на естетски израз –  тие се моќни медиуми што ги раскажуваат приказните на општеството и на човекот, ги предизвикуваат нормите, создаваат нови вредности и се афирмираат како највлијателен канал за создавање и пренос на идеи. Но, дали знаете како свесно да ги прочитате туѓите визуелни пораки – и уште поважно – дали знаете како креативно, јасно и ефективно да ги обликувате сопствените? Новата студиска програма од втор циклус по „Визуелни комуникации“ нуди токму таква можност за новите студенти, соопштија од Факултетот.

Белград - Повеќе од 215 илјади вработени во Србија лани работеле повеќе од 48 часа неделно, односно - повеќе од шест денови секоја недела, објавија белградските медиуми. Лани во државата биле вработени речиси три милиони луѓе постари од 15 години  и најголем дел од нив со работно време од 36 до 48 часа неделно. 

Стандардното работно време во Србија вклучува 40 часа работа неделно - осум часа во текот на пет работни дена. Во исклучителни случаи, работното време може да се скрати или продолжи - но не повеќе од 12 часа на ден.

Белград - Србија нема да се придружи на санкциите против Русија, изјави српскиот премиер Ѓуро Мацут, објавија српските медуми пренесувајќи делови од негово интервју за руската агенција ТАСС. 

„Додека јас сум премиер, српската влада нема да се придружи на санкциите против Русија“, рече Мацут во интервјуто.
Тој додаде дека Србија одржува интерес за зближување со БРИКС, а развојот на односите со членките на асоцијацијата е стратешки приоритет за државата.

Атина – Меѓу 36,70 и 115,20 евра по патник во еден правец чини билетот за траектот од Солун до Скијатос, Скопелос и Алонисос, цена што сменува во зависност од категоријата на билетот и изборот на островот, а бродската линија од денеска одново е во функција и е воведена за летниот период, јави дописничката на МИА од Атина.

Првиот траект од Солун за северните Споради тргна утрово, планирано е да сообраќа три до четири пати седмично и линијата да работи до средината на септември.

Атина – Ќе ги искористиме сите мерки што ни се на располагање и како Грција, но и како Европа, односно да го кажам тоа малку понародски „и морковот и стапот“, со цел да се осигураме дека оваа нова рута нема да стане трајна, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот на ЕУ, говорејќи за зголемите мигрантски бранови од Либија до Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер го оцени позитивно тоа што Европската Комисија ја препознала опасноста конкретната ситуација да се консолидира и затоа „се чини дека е подготвена да преземе мерки“.

Софија - Бугарија вчера доби зелено светло од лидерите на Европската унија да го усвои еврото од 1 јануари 2026 година.

Лидерите, собрани на Самитот на ЕУ во Брисел, го поддржаа предлогот на Европската комисија што ќе ѝ овозможи на Бугарија да стане 21-ва членка на еврозоната и да го замени левот со евро, откако веќе имаше намера да го стори тоа во 2024 година, но беше одбиена.

Балканската земја е членка на ЕУ од 2007 година и е првата земја што ќе го усвои еврото по Хрватска во 2023 година.

Будимпешта - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска предупреди дека ќе има правни последици за организирање или присуство на Парадата на гордоста во Будимпешта, која е закажана за сабота.

Тој рече дека ова ја крши полициската забрана за настанот.

-Ние сме возрасни и им препорачувам на сите сами да донесат одлука, но да ги почитуваат правилата. Ако не го сторат тоа, ќе се соочат со јасно дефинирани правни последици, изјави Орбан за државното радио, јавија британските медиуми.

Брисел – Над 100 пропалестински активисти упаднаа во магацин за воена опрема во Белгија во понеделникот рано утрината и предизвикаа штета од над 1,1 милион долари на воена опрема наменета за украинската армија.

Упадот се случил околу 4:50 часот наутро во магацинот на OIP Land Systems во градот Турне. Активистите се членови на движењето „Стоп за вооружување на Израел“, а за време на рацијата кршеле прозорци, пишувале графити и оштетувале оклопни возила со чекани.

Според компанијата, оштетената опрема не била наменета за израелската армија, туку за украинските сили кои се борат против руската инвазија.

Киев - Украинските воздухопловни сили (ПВО) утрово соопштија дека собориле 359 од 363 дронови и шест од осум ракети испукани од Русија во текот на ноќта.

Украинските воздухопловни сили додадоа дека руските воздушни напади во текот на ноќта биле главно насочени кон малиот западен град Старокостјантинов во регионот Хмелницки, каде што се наоѓа клучна украинска воздухопловна база и честа цел на руските воздушни напади.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека исходот од војната со Иран претставува можност за мир што неговата земја не треба да ја пропушти.

Нетанјаху во соопштението рече дека „оваа победа претставува можност драматично да се прошират мировните договори. „Работиме на тоа со ентузијазам“, нагласи тој.

-Со ослободувањето на заложниците и поразот на Хамас, постои можност што не смее да се пропушти. Не смееме да изгубиме ниту еден ден, рече Нетанјаху.

Тел Авив - Израелското обвинителство се спротивставува на барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху за двонеделна пауза во неговото судење за корупција, наведувајќи дека бавното темпо на неговото сведочење и претстојниот летен одмор не се оправдани причини за паузата.

Адвокатот на премиерот, Амит Хадад, рече дека Нетанјаху бара пауза за да може да се занимава со „дипломатски, национални и безбедносни прашања од прв ред“ во светлината на неодамнешната војна со Иран, која заврши во вторникот, објави „Тајмс оф Израел“.

Токио - Такахиро Шираиши, познат како „Твитер убиец“, е погубен откако во 2020 година беше осуден на смрт за убиство на девет лица во 2017 година.

Неговата егзекуција ја означи првата употреба на смртна казна во Јапонија за речиси три години, објавува Скај њуз.

Во 2017 година, Шираиши убил девет лица, претежно жени, вклучувајќи тинејџерки, со кои претходно контактирал преку Твитер, нудејќи им помош во спроведувањето на самоубиствени намери.

Остани поврзан