МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
2 јуни 2025
Скопје - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков денеска е во работна посета на општина Илинден, каде ќе се сретне со градоначалникот на општината, Александар Георгиевски.
Како што соопштија од нејзиниот кабинет, фокус на средбата ќе биде поддршката на нашата земја преку европските фондови и потребите на општината за поголемо искористување на овие средства со цел реализација на проекти од интерес за граѓаните.
Скопје - Откако на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот премиерот Христијан Мицкоски ја повика опозицијата да поддржи измени на Изборниот законик за една изборна единица, но и да се озвозможи и дијаспората да гласа, Либерално-демократската партија и Демократскиот сојуз најавија дека до Собранието ќе достават свои предлози за измени на Изборниот законик со цел воведување на една изборна единица.
Од ЛДП најавија дека денеска ќе поднесат предлог за воведување на една изборна единица, во којшто ќе бидат вклучени и предлозите доставени за независни листи. Демократскиот сојуз, пак, во петокот најави дека во текот на неделава до Парламентот ќе го достави Предлог-законот за измена на Изборниот законик, кој пратениците можат да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ и ОДИХР. Поддршка за една изборна единица дадоа и ТПХ и ДОМ.
Скопје - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
На дневен ред се повеќе предлог одлуки за изменување на одлуки за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието. Измени се предвидени во составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, во Националниот совет за евроинтеграции, во Комитетот за односи меѓу заедниците, во Советот на Собранискиот канал и во Буџетскиот совет на Собранието.
Скопје - Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска со свечена академија ќе одбележи 80 години од основањето на институцијата, а во рамки на јубилејот утре ќе организира и Статистичка конференција „25 години родови податоци“.
-Јубилеите осум децении постоење и 25 години собирање родово разделени податоци се можност да се потсетиме за клучната улога на официјалната статистика во демократските општества и за нејзиниот придонес за креирање јавни политики засновани на веродостојни податоци. Свеченоста се одржува во меѓународен формат, што претставува признание за важната улога на македонската официјална статистика на национално и на меѓународно ниво. Јубилеите „80 години Државен завод за статистика“ и „25 години собирање родово разделени податоци“ ги прославуваме во партнерство со Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, соопшти ДЗС.
Скопје - Во 2024 година, 19,5 милиони деца во Европската Унија биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Оваа бројка претставува 24,2 проценти од децата под 18 години, што е намалување за 0,6 процентни поени од 2023 година (24,8%), објави Евростат.
На ниво на земја, во 2024 година, највисоки вредности се пријавени во Бугарија (35,1%), Шпанија (34,6%) и Романија (33,8%). Спротивно на тоа, Словенија (11,8%), Кипар (14,8%) и Чешка (15,4%) се на дното на листата.
Скопје - Факултетот за безбедност-Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот универзитет во Тетово денеска ќе организираат научно-стручна конференција што ќе се одржи во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Тема на конференцијата е „Кон безбедна евроатлантска зона во глобализиран свет: Поврзаноста меѓу безбедноста и владеењето на правото“.
-Целта на конференцијата е да поттикне конструктивен дијалог за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува евроатлантскиот регион, соопштија организаторите.
Загреб - Кандидатот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) и на „Можеме!“ Томислав Томашевиќ е повторно избран за градоначалник на Загреб, јавуваат хрватските медиуми, повикувајќи се на податоците на Државната изборна комисија (ДИК).
Според резултатите со 100 проценти обработени гласачки места, Томашевиќ добил 57,56 проценти од гласовите во вториот круг од локалните избори, додека независната кандидатка Марија Селак Распудиќ добила 42,44 проценти од гласовите.
Во својот победнички говор, Томашевиќ рече дека зад него и партиите што го номинираа „стојат граѓаните, а зад другите стојат моќни лобија од интереси“, објави Индекс.
Истанбул - Претставници од Украина и Русија треба денеска повторно да се сретнат во Истанбул за разговори за можни начини за завршување на војната, јави ДПА.
Почетокот на средбата е закажан за 12 часот (10:00 часот по Гринич) во палатата Чираган во Истанбул, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
Москва ја предложи оваа рунда разговори. Кон средината на мај, завојуваните страни се состанаа на директни разговори за прв пат од 2022 година. Резултатот од таа средба беше размена на затвореници.
Варшава - Во вториот круг од изборите вчера Полјаците го избраа 42-годишниот Карол Навроцки за свој нов претседател, историчар со хулиганско минато, претседател на Институтот за народно сеќавање, поранешен боксер, чија политичка инспирација е американскиот лидер Доналд Трамп и движењето MAGA.
По пребројувањето на гласовите од сите избирачки места, Државната изборна комисија објави дека Навроцки, кандидатот на конзервативните популисти од партијата „Право и правда“, освоил 50,89 проценти од гласовите, а кандидатот на владејачката коалиција, либералниот проевропски градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, освоил 49,11 проценти.
Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес му ја честиташе победата на Карол Навроцки на претседателските избори во Полска, со порака дека е убедена оти Европската Унија би можела да продолжи со „многу добрата соработка“ со Полска.
„Сите сме посилни заедно во нашата заедница на мир, демократија и вредности. Затоа, да работиме на обезбедување безбедност и просперитет во нашиот заеднички дом“, напиша фон дел Лајен во објава на Платформа X.
Њујорк – Генералното собрание на ОН денеска треба да ја избере поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок за претседател на најголемото тело на ОН.
Бербок нема противкандидат во кандидатурата за оваа едногодишна највисока позиција, која е првенствено од церемонијално значење и не треба да се меша со улогата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Изборот на пленарната седница пред 193 земји-членки на ОН се смета за формалност.
Вашингтон - Шест лица беа повредени, а една жена се здоби со тешки изгореници во напад на мирен митинг за поддршка на израелските заложници во Газа, што се одржа вчера во центарот на Боулдер, во сојузната американска држава Колорадо.
Напаѓачот, 45-годишниот Мохамед Сабри Солиман, извикувал „Слобода за Палестина“ додека фрлал запаливи направи кон толпата.
ФБИ го третира инцидентот како терористички напад.
„Тие се убијци!“ извикувал напаѓачот додека палел луѓе.