МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
27 јуни 2025
Скопје - Собранието денеска ќе одржи две пленарни седници - 58-та и 55-та.
На дневен ред на 58. седница се предлог-законите кои се дел од Реформската агенда - Предлог на законот за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, Предлог на законот за електронските комуникации, Дополнетиот предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Дополнетиот предлог на закон за архивски материјал и архивска дејност, сите во второ читање и Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, Предлог на законот за административни службеници и Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите во прво читање.
Скопје - Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска ќе се одржи прес-конференција на која ќе биде презентирано сработеното во првата година од мандатот на новата Влада.
На прес-конференцијата ќе се обратат министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски не очекува по локалните избори да има промена во државните позиции во однос на уставните измени. Вели дека за нас како држава клучно е патот кон полноправно членство во ЕУ да биде предвидлив, а актуелната власт е внимателна во донесувањето одлуки кои би можеле да имаат далекусежни последици.
- Мислам дека нашите позиции се доста јасни и резултатот на претстојните локални избори нема да влијае врз тие позиции. Нема да влијае врз нашето очекување за предвидливост, нема да влијае врз нашето очекување дека кога нашиот сосед бара од нас одредени промени во делот на малцинските права, треба да очекува дека и ние ќе имаме некои очекувања дека од нивна страна ќе се почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), нашето очекување за поголема јасност во европските документи дека нема повторно да бидеме доведени во иста ситуација. Не е ова прва отстапка што се бара од нашата држава од ваков вид и да, процесот на европска интеграција на сите земји во сите фази на проширување бил тежок и комплексен, но ниту еден не бил како што е македонскиот случај и од таа гледна точка, не очекувам по локалните избори да има промена по однос на позицијата што ние како држава ја имаме по ова прашање, вели Муцунски во интервју за „360 степени“.
Скопје - Во Струга денеска ќе се одржи настан по повод започнувањето на првата фаза од мега-проектот за реконструкција и замена на главната водоводна мрежа од азбестни цевки.
На настанот ќе присуствува првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Како што информираат од МЖСПП, овој капитален проект финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, предвидува инвестиција од околу 90 милиони денари (1,5 милиони евра) во првата фаза.
Скопје - Зaменикот на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи денеска ќе одржи прес-конференција.
Како што информираат од неговиот Кабинет, Фетаи ќе ги презентира значајните прашања поврзани со тековните и идните политики во областа на доброто владеење.
Делчево – Во пожар што избувна ноќеска околу 00:20 часот во зграда „Брод“ на улицата Булевар Македонија во Делчево, целосно изгоре еден стан. Во настанот нема повредени, но едно лице било пренесено во Општата болница во Делчево од екипа на Итна медицинска помош за понатамошен преглед.
На местото на настанот интервенираа три противпожарни возила и екипи од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Делчево, како и припадници на полицијата. Според информации од ТППЕ Делчево, пожарот бил целосно изгаснат во 01:30 часот по полноќ.
Будимпешта - Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, изјави дека украинското Министерство за надворешни работи погрешно мисли дека земјата може да се приклучи на Европската Унија без поддршка од граѓаните на ЕУ, вклучително и Унгарците.
Сијарто рече дека украинското Министерство за надворешни работи вчера тврдело дека Унгарците немаат право да одлучуваат за кандидатурата на Украина за ЕУ, пренесува МТИ.
Стокхолм - Кларк Олофсон, еден од двајцата „харизматични“ криминалци вклучени во држењето заложници во банката „Кредитбанкен“ во Стокхолм, што го покрена поимот „Стокхолмски синдром“, почина на 78-годишна возраст. Тој починал по долго боледување, изјави неговото семејство за интернет-страницата „Дагенс ЕТЦ“ (Dagens ETC).
Олофсон стана меѓународно познат во 1973 година, по упадот во шведската банка проследен со заложничка криза. За време на шестдневната опсада, заложниците на Олофсон почнале да сочувствуваат со него и неговиот соучесник Јан-Ерик Олсон, бранејќи ги нивните постапки, додека станувале сè понепријателски настроени кон полицијата.
Москва - Американската амбасадорка во Русија, Лин Трејси, ја напушта својата функција, соопшти американската Амбасада во Москва, пренесуваат британските медиуми.
Медиумите забележуваат дека амбасадорката ја извршувала функцијата во еден од најтешките периоди во односите меѓу Русија и САД.
„Горда сум што ја претставував мојата земја во Москва во толку предизвикувачки времиња“, ја цитираше амбасадата Трејси во објава на платформата за пораки Телеграм.
Москва - Сообраќајот на мостот над реката Дон во областа Калачевски во рускиот Волгоградски регион е привремено ограничен за расчистување на остатоците од „масивниот“ украински напад со дронови, соопшти канцеларијата на регионалниот гувернер утрово.
Гувернерот на Волгоград, Андреј Бочаров, во објава на апликацијата Телеграм, изјави дека никој не е повреден во нападот. Во моментов нема информации дали мостот над реката Дон, петтиот најдолг во Европа, е оштетен.
Мадрид - Израелската амбасада во Шпанија денеска ја обвини шпанската Влада за започнување „антиизраелска крстоносна војна“ по изјавите на премиерот Педро Санчез, кој повика на суспендирање на договорот меѓу ЕУ и Тел Авив поради „катастрофалната геноцидна ситуација“ во Појасот Газа.
Според израелската амбасада, со овој повик Санчез „го демонизирал Израел“.
Газа - Најмалку 18 Палестинци беа убиени во израелски напад со дронови врз пазар во централна Газа, Деир ал-Балах, откако израелските дронови ја таргетирале полициската единица на Хамас која се обидувала да ја преземе контролата врз пазарот, изјавија лекар и сведоци.
Според исказите на очевидци, израелските дронови испукале ракети кон полицајци на Хамас облечени во цивилна облека и маски додека се обидувале да ги спречат продавачите да продаваат стока ограбена од камион што превезувал хуманитарна помош, објави Би-Би-Си.
Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп разгледува повеќекратни стимулации за враќање на Техеран на преговарачката маса, вклучително и помош на Иран да пристапи до 30 милијарди долари (25,6 милијарди евра) за изградба на нуклеарна програма за цивилно производство на енергија, како и ублажување на санкциите и ослободување на милијарди долари од ограничени ирански средства, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на четири извори запознаени со ситуацијата.
Изворите велат дека високи американски и блискоисточни претставници ги разговарале предлозите со Иранците „зад сцената“, дури и во услови на серија воени напади во Иран и Израел во последните две недели.
Њујорк - Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, денеска ја започна својата кампања за реизбор како независен кандидат, по изненадувачкиот успех на кандидатот за градоначалник Зохран Мамдани на демократските прелиминарни избори претходно оваа недела, објави „Ју-Ес њуз“.
Адамс, кој ја напушти Демократската партија, не го именуваше Мамдани на почетокот на кампањата, но алудираше на некои од ставовите и минатото на потенцијалниот демократски кандидат.
Мексико Сити - Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, денеска остро реагираше на објавата за блокирање на трансферите на пари од три мексикански финансиски институции од страна на САД, велејќи дека Вашингтон не презентирал докази во поддршка на неговите тврдења за перење пари.
Набргу потоа, Централната банка на Мексико објави дека привремено го презема управувањето со две од трите санкционирани институции - Сибанко и Интерком Банко - со цел да ги заштити доверителите.
Министерството за финансии на САД вчера објави дека за 21 ден ќе воведе санкции врз двете споменати банки, како и врз брокерската фирма „Вектор Каса де Болса“, тврдејќи дека тие го олесниле трансферот на милиони долари до мексиканските нарко-картели.
Токио - Такахиро Шираиши, познат како „Твитер убиец“, е погубен откако во 2020 година беше осуден на смрт за убиство на девет лица во 2017 година.
Неговата егзекуција ја означи првата употреба на смртна казна во Јапонија за речиси три години, објавува Скај њуз.
Во 2017 година, Шираиши убил девет лица, претежно жени, вклучувајќи тинејџерки, со кои претходно контактирал преку Твитер, нудејќи им помош во спроведувањето на самоубиствени намери.