• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

21 ноември 2024 

Скопје - Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало девет пожари на отворено и сите се изгаснати. Интервенирале пожарникарите од Скопје, Велес, Кочани, Куманово, Старо Нагоричане и Крива Паланка, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Тројца скопски пожарникари вчера со едно возило гаснеле запалена депонија на површина од 1 000 метри квадратни кај обиколницата кај Смилковското езеро, Општина Гази Баба.

Куманово - Екипите на „Чистота и Зеленило“, утрово ги отстрануваа паднатите дрвја и гранки во урбаното градско подрачје во Куманово. Силен ветер го зафати подрачјето на Куманово после полноќ.

Вчерашниот силен ветер кој го зафати подрачјето на Куманово во вечерните часови, предизвика оштетување на дел од високата вегетација, екипите интервенираа на расчистување на паднати дрвја и гранки, соопштија од ЈП „Чистота и Зеленило“.

Кавадарци - Тешко бил повреден работник, а отруени биле и животни во Кавадарци, вакви пријави добила вчера кавадаречката полиција, информираа денеска од СВР Велес. 

- Во текот на вчерашниот ден во 11.00 часот во ОВР Кавадарци, од болницата во градот било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен кавадарчанецот П.С.(40). Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фирма во овој град. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од СВР Велес. 

Скопје - Без електрична енергија утре од 9:00 до 13:00 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Козле“ и дел од објектите над КАМ маркет кон Центар. 

Во истиот временски период утре без струја ќе бидат и корисниците од улиците „Ѓорѓи Андреевиќ“ и „Горно Лисиче“ во општина Аеродром.

Скопје - Јавниот превоз и утрово е редуциран поради недостиг на гориво за автобусите на ЈСП Скопје. Во Скопје од вчера попладне сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.

Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ за МИА синоќа изјави дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна бидејќи, како што рече, речиси 70 проценти од возилата се паркирани.

Струмица - Струмичкото комунално претпријатие почна со поставување на 60 контејнери во две бои-сина за хартија и жолта за пет пластика. Контејнерите се поставени во дворовите на сите средни и основни училишта, како и на 20 локации низ градот, информираа од ЈПКД „Комуналец“ на нивната официјална страница.

Оттаму напоменуваат дека истите се само за одреден тип на отпад, сини за хартија и жолти за пет пластика, додека депонирање на друг вид отпад во нив е строго забрането и ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби.

Скопје - Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот, откако автобусите на ЈСП прекинаа да сообраќаат поради недостиг на гориво.

-Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена, сподели Славески преку социјалните мрежи.

Скопје - Утрово најниска температура од -1 степен е измерена на Попова Шапка, а  највисока од 10 степени целзиусови во Битола. 

УХМР информира дека 1 степен е измерен во Лазарополе, Крива Паланка и Куманово, 2 во Скопје-Зајчев Рид, Скопје-Петровец, Штип, Тетово, Виница и Маврови Анови, 3 во Велес и Кавадарци, 4 во Демир Капија и Крушево, 5 во Берово, 6 во Струмица и Гевгелија, 7 во Охрид, 8 во Претор и 9 во Прилеп.

Скопје - Наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2024 година, денеска на Светскиот ден на филозофијата, ќе му биде врачена на годинашниот добитник проф. д-р Мирко Ѓошевски.

Наградата, како што соопшти Филозофското друштво на Македонија, ќе му биде врачена на Ѓошевски во Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје. 

Остани поврзан