• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

19 ноември 2024

Штип - Во буџетот за 2025 година има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на штипската Гимназија „Славчо Стојменски“. Забележа дека нема дилема за покачување на оваа ставка во буџетот и планирано е зголемувањето на средствата за студентскиот оброк.

-Но, се уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат „парт тајм“, а се уште непостигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот, изјави Јаневска.

Гевгелија - Над 1.000 учесници на различна возраст,од младо до старо, продефилираа низ улиците во Гевгелија со возење велосипед на петтата манифестација „Гевгелија на точак“, која се одржа по повд одбележувањето на општинскиот празник-7 Ноември, информираа денеска од локалната самоуправа.

По дефилето на Градскиот плоштад беше одржан натпреварувачкиот дел од настанот во соработка со Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, односно бавно возење. Голем интерес за учество на овој натпревар пројавија учениците од гевгелиските училишта, а најдобар во бавното возење беше Александар Грујиќ од Гевгелија, за што беше награден со велосипед. Додека на најмалите учесници им беше овозможено да ја искажат својата творечка креативност со цртање.

На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, кој го изрази своето задоволство од организацијата на настанот.

Тетово - Жител на тетовска Стримница на 90 години го загуби животот во пожар во неговата куќа ноќеска околу полноќ.

Според информациите на Регионалниот Центар за управување со кризи Тетово, во период од 23.34 до 02.45 часот после полноќ Територијалната противпожарна единица со 11 пожарникари и четири противпожарни возила ја гаснеле запалена куќа во селото Стримница дел од Општина Желино.

-Од страна на тетовските пожарникарите во 00:19 часот починатото лице е извадено од куќата и за настанот беа известени јавен обвинител и лекар по судска медицина за понатамошна постапка, информираа од РЦУК Тетово,

Од СВР Тетово информираа дека полициски службеници од станицата во Групчин дошле на местото на пожарот.

Скопје - Дали најавите на Мицкоски за преговори со компанија за набавка на 100 електрични автобуси и ветувањето за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, е причината за 3 годишната блокада на градот од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Изјавите на Орце Ѓорѓиевски и Александар Николовски, дека проблемот со автобусите ќе се реши по локалните избори, се потценувачки кон граѓаните во Скопје. Ако имаат решение, зошто тие не го понудат веднаш, за што градоначалничката Данела Арсовска повеќе пати истакна дека ќе прифати соработка за доброто на граѓаните. Доколку навистина се грижат за граѓаните, нека донесат автобуси, нека го оправат ЈСП, зошто да чекаат до изборите и ги оставаат граѓаните со проблеми уште цела една година? Дали оваа штета врз Скопје се прави поради повредената суета на Мицкоски, поради неговиот инает кон градоначалничката Арсовска или за Мицкоски политички да поентира на следните локални избори?

Тетово - Ослободувањето на Тетово од фашистичката окупација во Втората светска војна на 19 ноември 1944 година беше одбележано со оддавање на почит на загинатите борци пред Споменикот на победата (револуцијата).

Со инторање на химната, почесна стрелба и минута молчење почна одбекежувањето во организација на Општинската организација на Сојузот на борци Тетово од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи како и тетовската касарна „Кузман Јосифоски-Питу“.

Реферат за значењето на датумот, подготви професор по историја, Ружица Ристовска од ОУ „Гоце Делчев“- Тетово.

Куманово - Зголемен е напливот на пациенти кај матичните лекари кои се жалат на здравствени тешкотии предизвикани од аерозагадувањето, соопштија денеска од Здружението на матични лекари Куманово.

Претседателот на Здружението д-р Фатмир Асани вели дека последниве денови хронично болните пациенти и децата се жалат на доглотрјана сува кашлица.

Аерозагадувањето е светски проблем. Долготрајните последици допрва ќе ги почувствуваат сите. Најголем проблем ќе имаат хронично болните и децата кои имаат уште слаб имунитет доаѓаат со сува кашлица, која се провлекува месец дена, а немаат наод на белите дробови, но упорно кашлаат, изјави д-р Асани.

Штип - Приредба, рецитал и засадување на дрвца, дечињата од детската градинка „Астибо“, клон „Сончогледи“ денеска беа дел од уредувањето на нивниот двор. Се засадија околу 180 садници, донацијата е од општествено- одговорна фирма. На овој начин децата се учат од најмали нозе да се грижат за екологијата и животната средина. Дрвца се засадија и во дворот на Основното училиште „Славејко Арсов“ во населбата Баби.

-Со донацијата која е одбрена денеска практично ќе се засадат стотици садници во дворовите на основното училиште „Славејко Арсов“ и детската градинка заедно со најмалите од предучилишна возраст и училишна возраст, што само по себе говори за суштината и целта на оваа донација. Да се едуцираат најмладите и да се креираат здрави навики, вели градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Освен засадените нови 180 садници во дворот на детската градинка „Сончогледи“ се постави и нова клупа за најмалите. Директорот на градинката „Астибо“, Илија Митров вели  на овој начин градинката го задржува златното еко знаме.

Скопје - Првпат досега, Градинар добива мултифункционално игралиште на површина од над 1100m2. Во ова населено место каде претходно Општина Кисела Вода ги обнови улиците и изгради фекална канализација, сега се гради нов простор за спорт и рекреација, изграден по сите современи стандарди. Ќе може да се игра фудбал и кошарка, за децата има катче за игра, а за повозрасните ова ќе биде место за одмор и дружењем информираат од Општина Кисела Вода.

-Се работи за градежен зафат кој на младите, но и на возрасните од овој дел на општината ќе им обезбеди безбеден и современ простор за спорт и рекреација. На новото мултифункционално спортско игралиште со површина од 1100 квадратни метри, ќе има и детско катче опремено со нови реквизити, фудбалско и кошаркарско игралиште, простор за одмор за возрасните и урбана опрема која дополнително ќе го разубави овој простор. Со други зборови, за многу брзо време од сега, жителите на Градинар ќе добијат простор за одмор, за рекреација и спортување, изведен по сите современи стандарди, изјавил градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски. 

Скопје - Во рамки на наставниот предмет Историја и општество, учениците од четврто одделение при ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ денеска посетија Општина Ѓорче Петров. Заедно со градоначалникот Александар Стојкоски, учениците како ,,општински советници,, на интерактивен начин, преку симулација на општинска седница, научија како се дискутираат и усвојуваат предлози за различни проекти.

Малите „советници“ учествуваа во дебата, поставувајќи интересни прашања како: „Кој одлучува за изградба на нови паркови и игралишта?“ и „Како се избира што е најважно за граѓаните?“. Градоначалникот ги охрабри да размислуваат како вистински советници, објаснувајќи им ги чекорите од идеја до реализација, со посебен акцент на тимската работа и важноста на мислењето на граѓаните.

Вработените од различни одделенија во Општината ги запознаа децата со нивната работа. Учениците беа поделени во помали групи и посетија одделенија како урбанизам, финансии и служби за јавни услуги. Таму добија можност да видат како се водат проекти, како се комуницира со граѓаните и како се обезбедуваат важни услуги за општината.

Прилеп - Откупот на тутунот од годинашнава реколта почна воздржано. Од 305 откупни ваги, во моментов се отворени 19 ваги на две компании, на „Сокотаб“ и на компанијата „Кавекс“. Од утре пунктовите ќе ги отвори фирмата „Пашоски“, а сѐ уште не се знае кога ќе почнат да откупуваат уште седум компании меѓу кои и прилепскиот Тутунски комбинат зошто отворањето на пунктовите, поради поверениците мора пет дена порано да го најават кај Сојузот на тутунските здруженија.

И со отворени 19 откупни ваги, од кои по две во Прилеп и Битола, па во Пелагонискиот и во источниот регион, тутунарите се воздржани да го носат родот, очекувајќи каква цена ќе биде постигната. Според последните информации, во Прилеп се презеле 150-тина килограми  во прва класа по 375 денари за килограм. Од Сојузот на тутунските здруженија најавуваат дека ќе бараат цените да не бидат пониски од 420 денари што би било колку-толку исплатливо за производителите.

Куманово - Осумдесет и пет случаи на заболени од грип се евидентирани во Куманово од октомври, соопштија денеска надлежните од Центарот за јавно здравје Куманово. Најголем број од заболените 52 лица се на возраст од 15 до 64 години, следува категорија на училишни деца од 5 до 14 години со вкупно 26 заболени, од повозрасните над 65 години има шест заболени и еден заболен на возраст до четиригодишна возраст.

Вакцинацијата останува најуспешна, најбезбедна мерка против сезонскиот грип. Процесот на вакцинација трае. За да почне да дејствува потребно е од две до три недели, изјави д-р Едита Рамизи, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Куманово.

Скопје - Корисниците на дел од ул. „Варшавска“ во населба Тафталиџе утре (20 ноември) од 10 часот ќе немаат вода поради дефект на приклучна цевка на таа улица бр. 62б.

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација - Скопје, прекинато водоснабдувањето ќе имаат корисниците на ул. „Варшавска“ односно потегот од ул. „Виенска“ до ул. „Лондонска“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот.

Поради изведување водоводен приклучок ф-150 мм на ул. „Скупи“ 3а/бб (спроти „Олимпико“), прекинато водоснабдување утре од 9 часот ќе имаат и корисниците на ул. „Скупи“ - крак 3а, 5а и населбата  Криви Дол во општина Карпош. 

Водоснабдувањето ќе биде во прекин до завршување на работните активности.

Остани поврзан