• понеделник, 30 март 2026
МИА Општински пул

27 март 2026

Куманово - Кумановските пожарникари интервенирале на пожар во стан на улицата „Димитрије Туцовиќ“ во центарот на Куманово, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи. Во пожарот нема повредени лица.

-Територијалната противпожарна единица интервенирала од 10: 55 часот на пожар во стан на улица. Димитрие Туцовиќ“. Пожарот е успешно локализиран во 12:45 часот, со една екипа и едно противпожарно возило- соопшти РЦУК Куманово

Интервенирала и екипа на Итна помош Куманово, кај постаро лице поради стрес, по што лицето е пуштено дома. 

Кочани - Советот на Општина Чешиново-Облешево на последната седница едногласно донесе одлука за изградба на спомен-обележје посветено на младите лица, жители на оваа општина, кои ги загубија животите во пожарот во „Пулс“ минатата година.

Предлогот беше поднесен од градоначалникот Јорданче Костадинов и доби целосна поддршка од советниците, при што беше истакнато дека за неговата реализација е остварена координација и со семејствата на починатите.

Планирано е спомен-обележјето да биде поставено во паркот во Облешево, во непосредна близина на зградата на општината, на просторот каде што во моментов се наоѓа фонтана, која е нефункционална.

Градоначалникот Костадинов посочи дека идејата произлегла од заеднички средби со семејствата на жртвите, со цел да се обезбеди соодветно место за оддавање почит.

Валандово - Над еден милион евра ќе бидат инвестирани во изградба на уличната мрежа во општина Валандово, информираат општинските власти. Според објавата на Општина Валандово, Министерството за транспорт со јавна набавка предвидува реконструкција на улици на територијата на општината, во вредност од околу 65,5 милиони денари.

- Станува збор за рекорден инфраструктурен проект со широк опсег на улици за Општина Валандово, кој опфаќа 17 улични делници во 5 населени места, во вкупна должина од 4.642 метри. Оваа инвестиција значи подобра инфраструктура, поголема безбедност пред се за децата, подобар пристап до домовите и поквалитетни услови за живот за секое семејство, велат од Општината.

Во градежната инвестиција ќе се опфатат населените места Собри, Брајковци и Раброво со по 3 улици, Пирава со 2 улици, а вкупно 6 улични делници се предвидени за Марвинци. Од Општината велат дека покрај капиталниот зафат кој е дополнително вложување од страна на централната власт, преку редовните програми општинските власти продолжуваат и со останатите зафати за изградба и реконструкција на улици на целото подрачје.

Струга - Жителите од струшките села во чија близина е предвидено да поминува дел од автопатот Требеништа – Ќафасан ќе имаат можност да ги изнесат своите мислења и ставови во однос на проектот на консултативна средба во вторник во салата на Советот на Општина Струга.

Целта, како што информира денеска Општина Струга, е активно вклучување на граѓаните за прибирање мислења, коментари и предлози, разгледување на социјалните аспекти поврзани со проектот, идентификација и заштита на културното наследство и поттикнување на учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.

- Во рамките на подготовката на проектната документација за Коридор 8 – делницата автопат Требеништа – Ќафасан, ќе се одржи јавна консултативна средба со цел ваше активно вклучување во процесот. Средбата е наменета за жителите од: Мислешево, Мороишта, Драслајца, Враништа, Корошишта, Ливада, Заграчани, Шум, Вишни, Радолишта, Калишта, Франгово, Радожда и Делогожда, соопшти Општина Струга.

Ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат со свои мислења и предлози, бидејќи, како што е наведено, нивното учество е од големо значење за транспарентен и инклузивен процес. 

Штип – Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип денеска одбележа 19 години постоење, како симбол на посветена работа и развој во високото образование. Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски денеска рече дека низ 12 факултети и трите академии поминале над 35.000 студенти, а во моментов бројот на активни студенти изнесува околу 8.000 на сите три циклуси студии. Посочи дека Универзитет „Гоце Делчев“-Штип  од една идеја прераснал во модерен универзитет со јасна визија и европски стандарди. Мираковски додаде дека УГД-Штип претставува место каде младите не само што стекнуваат знаења, туку и ги реализираат своите идеи и потенцијали за успех. 

- Добредојдовте на свечената академија по повод 19 години од основањето на УГД Штип. Денеска го славиме датумот во кој од една идеја, имаме со јасна визија нова институција, која навистина претставува европски Универзитет, место каде што не само нашите студенти добиваат знаења, туку место каде што може да направат да ги реализираат своите идеи и идеи, кои што можат да станат навистина успешни млади луѓе и гордост за целата нација. Ми претставува задоволство што имаме успешно заокружување и на оваа 19. година од основањето. Имавме навистина плодотворна недела, во која што имавме гости од сите осум универзитети од европската универзитетска алијанса - рече Мираковски.

Битола - Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, искажа јавна поддршка на кампањата за одвикнување од пушење, која денеска беше акцентирана на работилница за зајакнување на активностите за контрола на тутунот и унапредување на услугите за одвикнување од пушење на локално ниво. 

Настанот, организиран Министерството за здравство, во соработка со Светската здравствена организација (СЗО) и Центарот за семејна медицина, претставува продолжение на посетите реализирани во декември 2025 година, информираа од Општина Битола.

-Работилниците се организираат во контекст на новиот предлог-закон за заштита од пушење и програмите за јавно здравје, со цел подобрување на координацијата и активностите на локално ниво. Целта на работилницата е да се поттикне дијалог и координација меѓу локалните институции и да се подготви акциски план на ниво на Општина Битола за 2026 година за зајакнување на активностите за контрола на тутунот, со посебен фокус на унапредување на работата и видливост на советувалиштата за одвикнување од пушење и подобро информирање на населението за достапните услуги. Како градоначалник на Битола, но и како доктор епидемиолог, ја искажав подготвеноста, и лична и на локалната самоуправа, за уште поголем акцент во кампањите против овој порок. Општина Битола има успешна соработка и со канцеларијата на СЗО во Македонија, Министерството за здравство и со Центарот за јавно здравје - Битола, во кој неколку години функционира советувалиштето за одвикнување од пушењето - истакна градоначалникот Коњановски.

Куманово - Автобус удри средношколка на пат во Долно Којнаре, кумановско, соопшти денеска МВР.

Вчера во 09:45 часот во СВР Куманово е пријавено дека на пат пред средно училиште во Долно Којнаре, кумановско, автобус „ман“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од Б.Т.(61) од село Алгуња, општина Старо Нагоричане, со кој се превезувале ученици, движејќи се наназад удрил во 16-годишна ученичка во училиштето од село Старо Нагоричане.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила ученичката, констатирани во општа болница Куманово. Увид извршила екипа од СВР Куманово. 

Скопје - Општина Центар ја заврши редовната пролетна дератизација на целата територија, како дел од активностите за одржување високо ниво на јавна хигиена и заштита на здравјето на жителите.

Во рамки на акцијата, како што соопштија од локалната самоуправа, беа опфатени околу 2.000 шахти, со поставување специјални препарати за контрола и уништување на глодари.

Дератизацијата се реализира два пати годишно – во пролет и во есен, како превентивна мерка за планско намалување на популацијата на глодари и заштита на јавното здравје.

„Со превентивна и систематска дератизација придонесуваме кон планско сузбивање на штетните глодари кои можат да претставуваат здравствен и хигиенски ризик“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.

Куманово - Амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас денеска ја посети општина Куманово и се сретна со кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. На средбата, како што информираат од општината се разговарало за тековните реализирани проекти со поддршка на ЕУ.

- Денеска градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас и заменик амбасадорот Бен Нупнау, во рамките на предвидената работна посета на Куманово. На работната средба се дискутираше за реализирани и тековни проекти со поддршка на ЕУ, значајни за развој на локалната заедница. Беше споделено обостраното задоволство од меѓусебните односи, кое ќе се одржува преку континуирана соработка и дијалог, со цел спроведување на проектни активности во сите општествени области - наведуваат од општината.

Евроамбасадорот одржа средба и со членовите на Советот на Општина Куманово, на која се разговараше на актуелни теми, со акцент на соработката со ЕУ и бенефит од спроведените проекти, кои имаат огромно значење за граѓаните на локалната самоуправа. 

Скопје - Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, имаше работна средба со проектантите на БРТ (Bus Rapid Transit) системот, на која детаљно биле презентирани решенијата, намената и техничките аспекти на проектот. На средбата се разговарало за трасите, начинот на функционирање, како и за придобивките што овој систем ќе ги донесе за градот и за граѓаните.

- Со реализацијата на овој проект се очекува значително намалување на сообраќајниот метеж, скратување на времето на патување и намалување на загадувањето. БРТ претставува стратешка инвестиција во иднината на Скопје и чекор кон достигнување европски стандарди во јавниот превоз и урбаното живеење - велат од Град Скопје. 

По средбата, градоначалникот најавил воведување брз, модерен и целосно еколошки автобуски превоз, кој ќе претставува значаен исчекор кон унапредување на јавниот транспорт во Скопје. БРТ-системот е замислен како метро на тркала, со посебни сообраќајни ленти, приоритет на раскрсници и висока фреквенција на возила, што ќе овозможи побрз, посигурен и предвидлив превоз.

Проектот предвидува изградба на две главни линии - Исток - Запад и Север - Југ, воведување современи нископодни автобуси на CNG/хибриден погон, како и поставување паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот. 

Делчево - Општина Делчево потпиша договор за соработка со ЕЛ КОЛЕКТ, со цел унапредување на системот за управување со опасен, електронски и електричен отпад на локално ниво.

Во рамки на договорот, општината доби 15 контејнери за мешан комунален отпад, како и шест сета за селекција на електронски и електричен отпад, наменети за собирање кабли, фенови, сијалици и мали апарати за домаќинство. Сетовите се распределени во двете основни училишта, детската градинка и средното општинско училиште во Делчево.

-Како дел од активностите, денеска од страна на ЕЛ КОЛЕКТ беше испорачан и ЕКО магацин, кој привремено е поставен во дворот на ЈКП Брегалница, сè до обезбедување на трајна и соодветна локација. Дополнително, поставен е и собирен центар за електричен и електронски отпад на локацијата на стариот градски пазар во Делчево, каде граѓаните ќе можат безбедно да го одложуваат отпадот од ваков вид, информираа од Општината.

Додадоа дека за поттикнување на селекцијата, на собирниот центар ќе има задолжено лице од ЈКП Брегалница, а контакт информации ќе бидат јавно истакнати.

 

Остани поврзан