• петок, 27 март 2026
МИА Општински пул

26 март 2026 

Гостивар – Претставници на Македонската риболовна федерација, локалната самоуправа и Националниот парк Маврово го најавија одржувањето на Светското првенство во лов на крап на Мавровското езеро и потпишаа меморандум за соработка.

Директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими во обраќањето напомена дека ова е официјална најава на спортски настан од највисок ранг што ќе се реализира во септември.

- Овој значаен меѓународен настан претставува големо признание, но и обврска за сите нас – како институции и како домаќини. Во соработка со Општина Маврово и Ростуше и Македонската риболовната федерација, активно работиме на создавање услови за успешна организација на настанот. За таа цел ќе се формира координативно тело кое ќе дава насоки и опредувелува обврски, рече Ибраими.

Виница - Општина Виница денеска  започна со подготвителни активности за поплочување на две улици во Истибања и за изградба на тротоар на влезот од ова село. Нешто подоцна, најавуваат од Општинатата,  ќе продолжи поплочувањето на повеќе помали и потесни улици во градот и во неколку други помали  населените места.

-Финансиските средства за овој проект во висина од 5,7 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Виница, информира градоначалникот Митко Костадиновски.

Исто така, во Истибања, додава тој,  одлична е динамиката и на изградбата на уште еден капитален проект - Регулација на „Кајанечки дол“ во должина од околу 870 метри, во кој е вклучена изградба на два патнички и три пешачки моста.

Струга - Со 2,06 промили алкохол во крвта, лице од струшкото село Калишта управувало автомобил, удрило во паркирано возило и избегало, полицијата го привела, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, вчера во 17 часот и 15 минути во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода Л.Т.(60) од селото Калишта.

- При преземање мерки во врска со претходно случена сообраќајна незгода со материјална штета на улицата „Маркс Енгелсова“ во Струга, во која патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од пријавениот, удрило во   паркирано патничко возило „фолксваген голф“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на А.Ќ. од селото Велешта,струшко. Полициските службеници констатирале дека Л.Т. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2,06 промили алкохол во крвта, стои во соопштението на СВР Охрид.

Куманово - Јавната општинска установа „Зафир Сајто“ денеска одбележува седумдесет години од постоењето. Установата е една од најзначајните во државата и пружа институционален облик за грижа на старите лица. Корисниците во Домот, поранешните вработени ја проследија манифестацијата во чест на јубилејот на која учествуваа и најмладите од основните училишта и од различни културноуметнички друштва.

-Основан во 1956 година, домот „Зафир Сајто“ денес функционира како една од најзначајните установи од ваков тип во државата. Институцијата континуирано работи со максимален капацитет. Овој факт не е само показател за довербата во институцијата, туку и индикатор за поширок демографски и социјален тренд, стареење на населението и зголемена потреба од институционална грижа-изјави директорот на установата, Дејан Стојановски.

Кочани - Одделението за внатрешни работи Кочани информира дека вчера (25 март) во 15:40 часот, 42-годишна жена пријавила случај на психичко насилство врз нејзината малолетна ќерка.

Според пријавата, подолг временски период девојчето било изложено на навреди и омаловажување од нејзина соученичка, на која подоцна ѝ се приклучиле и други малолетници. Насилството се одвивало преку социјална мрежа, каде била формирана група во која ја навредувале, а покрај тоа, таа често била и телефонски вознемирувана.

Како последица на ваквото однесување, малолетничката повремено имала здравствени проблеми и ѝ била укажувана медицинска помош.

Битола - Апелираме да не се изнесуваат непроверени информации и да не се создава непотребна паника. Надлежните институции активно работат на целосно расчистување на случајот, а јавноста ќе биде транспарентно информирана за сите понатамошни наоди, соопштија АД ЕСМ и ЕСМ Молика Битола, а во врска со вчерашното труење со храна на работници од кобинатот.

Во соопштение за јавност АД ЕСМ и ЕСМ Молика Битола нагласуваат дека раководството на РЕК Битола ги известило надлежните институции и презело превентивна мерка со затворање на мензата, сè до целосно завршување на анализите на земените мостри и утврдување на причините.

Делчево - Ученици од ООУ „Ванчо Прке“ од искусни пчелари од Делчево денеска учеа за значењето и улогата на пчеларството, но и за медот произведен од делчевските ливади и шуми како здрава храна.

Настанот е дел од активностите на Здружението „Пијанечка пчела 2“, a во рамките на Деновите на пијанечкиот мед кој се спроведува под мотото „Јади го медот како храна за да не го јадеш како лек“, а сите ученици добија по една тегличка со пијанечки мед.

На настанот присуствуваше и градоначалникот Иван Гоцевски кој посочи дека востановувањето на оваа манифестација е во насока на зачувување на пчеларската традиција и на подигањето на свеста за значењето на пчеларството во руралниот развој на Делчево и регионот.

Куманово - Неколку училишта од Куманово имаат сензорни соби што придонесува за поддршка на учениците со попреченост, информираше денеска, Благица Димитровска од здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово. Според неа, и концептот на инклузивно образование последниве години доби силна законска и институционална рамка, практичната имплементација покажува сериозни предизвици. Пример за тоа е намалената употреба на сензорните и ресурсните соби во училиштата во Куманово и Старо Нагоричане алатка која првично беше воведена како клучна поддршка за децата со попреченост.

-Сензорните соби беа воспоставени преку европски проект, уште пред формалното воведување на Законот за инклузивно образование. Во период до 2023 година, сензорни соби се отворени во повеќе основни училишта, меѓу кои „11 Октомври“, „Наим Фрашери“, „Бајрам Шабани“ и „Кочо Рацин“, додека во други училишта се направени инфраструктурни адаптации, како пристапен тоалет и инклузивно игралиште-ијзави Димитровска.

Скопје - Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, по добиена телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК „Битола“, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје - Битола, Институтот за јавно здравје - Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот што вршел снабдување со храна на РЕК „Битола“.

АХВ соопшти дека во координирана акција земени се мостри од храна и брисеви од работните површини, рацете и носот на затекнатите вработени лица во кујната.

 

Остани поврзан