МИА Општински пул
- 26 март 2026
26 март 2026
Виница - Во галеријата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница отворена е ликовна изложба на дела работени во текот на 33. Лесновска ликовна колонија, која и овој пат имаше меѓународен карактер.
Пред присутниуте зборуваше Марија Трајчева, претставник на ДК „Злетовски рудар“, локална установа од културата која ја организира Лесновската ликовна колонија од 1992 година па наваму, без никаков прекин.
Во галеријата на ДК „Тошо Арсов“ е изложена поставка од дваесетина слики на 13 автори од земјава и странство, создадени во јули минатата година во Лесново и околината. Изложбата не е тематска, сликарите твореле по сопствен избор.
Сликите од 33. Лесновска ликовна колонија во Виница ќе бидат изложени до 15 април, а галеријата е отворена за посети секој работен ден од 8 до 15 часот.
Тетово - Општина Тетово ги повика граѓаните да учествуват во консултативниот прашалник во врска со Физибилити студијата за дигитална трансформација на водомерните услуги.
Оваа студија беше презентирана преку две јавни расправи досега и ја испитува оправданоста од воведување дигитални водомери и наплаќање на сметки од далечина, како и воведување на јавно-приватно партнерство за овие услуги.
„Овој процес има за цел да ги процени можностите за модернизација на јавните услуги, како и подобрување на ефикасноста, точноста и транспарентноста во управувањето со потрошувачката на вода. Ги повикуваме граѓаните преку овој прашалник да ги споделат своите прашања, забелешки и предлози, бидејќи вклученоста на јавноста останува клучен елемент во креирањето политики и решенија што директно влијаат врз секојдневниот живот“, се вели во повикот на општината која подготви и онлајн прашалник (https://docs.google.com/.../1FAIpQLSfulEhXDoe2GC.../viewform) .
Скопје - Без вода денеска од 9:45 часот ќе бидат корисниците на потегот од фонтаната во Градски Парк до Влада.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради менување вентил во шахта на улица Ристо Шишков број 31.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.
Скопје - Поради зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија денеска од 08.00 до 14.00 часот, ќе останат корисниците од Пинтија, дел од ул. Саса, а од 08.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од ул.Востаничка од број 44 до 49 во Општина Кисела Вода, соопшти РЦУК Скопје.
Струја од 09.00 до 14.00 часот, ќе немаат и дел од корисниците од ул.101 во Волково, а од 11.00 до 14.30 часот, дел од корисниците од ул.Девол во Општина Карпош.