МИА Општински пул
- 17 март 2026
17 март 2026
Кочани - Тоше Стојанов од денеска официјално ја презеде функцијата началник на ОВР Кочани, откако беше назначен од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Стојанов доаѓа на највисоката раководна позиција во Одделението за внатрешни работи – Кочани со повеќе од десет години професионално искуство во полициските структури.
Во текот на својата кариера, тој работел во специјализирани полициски единици, каде стекнал значајно оперативно искуство, особено во делот на безбедносните предизвици и справувањето со организиран криминал.
Посебен акцент во неговото досегашно работење е ангажманот како инспектор за сузбивање на недозволена трговија со дрога, област во која има реализирано повеќе активности насочени кон откривање и спречување на криминални мрежи.
Дебар - Телевизија Корча го емитуваше документарниот филм „Македонското малцинство во Пустец, наследство од генерација на генерација“, посветен на традициите, културата и обичаите на Македонците во областа Општина Пустец, Мала Преспа.
-Филмот претставува сведоштво за богатото културно и духовно наследство на македонската заедница во овој регион, прикажувајќи го животот на локалното население, нивните вековни традиции, народни носии, песни, обичаи и семејни вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација, објави весникот „Македониум".
Преку сведоштва на жители од Мала Преспа, како и преку автентични кадри од селата во Општина Пустец, документарецот ја истакнува важноста од зачувување на македонскиот јазик, културниот идентитет и традиционалниот начин на живот на Македонците во Албанија.
Охрид - Отсекот за превенција при СВР - Охрид вчера организираше тркалезна маса на тема „Родово базирано насилство и семејно насилство“, со учество на повеќе институции и организации.
На настанот присуствуваа претставници од Основен суд Охрид, Јавно обвинителство Охрид, Центар за социјални работи Охрид, локалната самоуправа, образовни установи, како и на невладини и младински организации.
Целта на средбата беше зајакнување на меѓуинституционалната соработка во сузбивањето на семејното и родово базираното насилство, поефикасна заштита на жртвите, рано препознавање на појавните форми на насилство, како и подобрување на механизмите за пријавување и интервенција. Дополнително, беше истакната потребата од подигање на јавната свест и зајакнување на довербата во институциите.
Штип – Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, претставници на Општинската Организација (ОО) на Црвен Крст-Штип и од Центарот за трансфузиона медицина во Штип денеска доделија признанијата на десет крводарителите кои несебично ја имаат дарувано својата крв, за да спасат нечиј човечки живот. Градоначалникот на општина Штип, Јорданов вели дека доделувањето на признанијата е да се мотивираат крводарителите да продолжат по тој пат, но и да мотивираат млади луѓе да бидат хумани и тие да донираат крв, за да се спаси човечки живот.
-Во име на тоа очекувам во годините што следат, во месеците што следат заедно со Црвен Крст и Трансфузиологија да се организираат многу крводарителски акции преку кои ќе се собираат крвни единици за да се спасат човечки животи. Како локална самоуправа стоиме во насока на продолжување на соработката со овие институции за продолжување на овој хуман гест, кој што е потребен на ова наше општество - изјави Јорданов.
Дојран - Хуманитарната организација Македонски Каритас одржа работна средба во Општина Дојран, на која беше презентиран проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“.
На состанокот присуствуваа градоначалникот Илија Тентов и општинскиот тим, при што беа разгледани планираните активности и можностите што проектот ги нуди за локалната заедница, соопштија од оваа невладина организација.
Овој проект е финансиран од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас.
Од организацијата истакнуваат дека целта на работната средба е зајакнување на меѓуопштинската соработка и спроведување мерки за намалување на ризиците од сè почестите климатски екстреми.
Велес – Се запира постапката поведена по обвинителниот предлог III КО.бр.46/25 од 23.06.2025 година на Основното јавно обвинителство Велес против обвинетиот Л.Н. од Кавадарци, за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ, денеска официјално информира Основен суд Велес на својата веб-страница.
Во известувањето од Судот се наведува дека вака донесеното решение е врз основа на чл.62 ст.2 од ЗКП, бидеќи Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 02.03.2026 година го извести Судот дека го повлекува обвинителниот предлог против обвинетиот и се откажува од понатамошно гонење за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.
Лазар Нанев е поранешен судија и поранешен претседател на Основен суд Кавадарци. Против него во Основен суд Велес се водеше парница по предметот К.бр. 224/ 25 за кривично дело Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.4 од КЗ.
Велес – Учениците и вработените од Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес со театарска претстава насловена „Штрајкот на велешките гимназијалци“ на сцената на Теaтарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ одбележаа 84 години од Штрајкот на тогашните гимназијалци од 14 март 1942 година за време на Втората светска војна, поради несогласување за воведување на бугарскиот јазик во наставата од страна на бугарската фашистичка власт.
Воедно учениците со оваа програма синоќа и публиката во преполната сала на Театарот со едноминутно молчење им оддадоа почит на трагично загинатите млади, нивни врсници, во Кочанската трагедија во дискотеката „Пулс“ од 16 март 2025 година.
Инаку театарската претстава која беше збогатена со видео бим, беше подготвена од професорките по македонски јазик и литература Цветанка Карамаркова и Весна Павлова во соработка со професорите по музичка и ликовна уметност, Атанас Зафиров и Јулијана Михова.
Скопје - Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најавува нов инвестициски циклус насочен кон сите средни училишта, кој ќе овозможи современи услови за образование преку воведување дигитална опрема и одржливи енергетски решенија, информира прес-службата на град Скопје.
Од таму денеска соопштија дека Ѓорѓиевски присуствувал на одбележување на патрониот празник на ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, кое, како што истакнал на свеченоста, претставува значаен дел од образовниот и општествениот живот во општината, место низ кое поминале бројни генерации ученици кои таму ги стекнале своите знаења, вредности и трајни пријателства.
Скопје - Општина Аеродром почна со реконструкција и уредување на просторот во Трговскиот центар во Лисиче, којшто по подолг период, конечно добива нов, модерен и уреден изглед.
Како што информираат од прес-службата на општината, Трговскиот центар претставува едно од главните јадра во овој дел од Аеродром, место каде што секојдневно гравитираат голем број граѓани и кое има значајна улога во локалното секојдневие.
Со проектот, како што посочуваат од Општина Аеродром, се поставуваат нови павер-елементи во централниот дел, како и на пристапните патеки, на површина од околу 6.000 квадратни метри. Дотраените површини се заменуваат со квалитетни и издржливи материјали, што значително ќе ја подобри функционалноста и естетиката на просторот.
Скопје - Општинската организација на Црвениот крст во Кисела Вода, во соработка со локалната самоуправа, започна голема еколошка акција. Оваа иницијатива е дел од активностите за промоција на хумани вредности, преку што младите со својот ангажман прават позитивни промени во општеството, се наведува во денешното соопштение на Општина Кисела Вода.
- Денеска се чисти левата страна на патеката кон населеното место Драчево, на потегот од бензинската пумпа до семафорите во населбата Пинтија. Вакви акции ќе се реализираат редовно, во неколку наврати, сè до крајот на месец април, се појаснува во соопштението.
Во пишаната изјава на градоначалничката Бети Стаменкоска - Трајкоска се истакнува дека силно се поддржуваат ваквите еколошки иницијативи, преку што младите со креативност и труд, директно придонесуваат за општината.
Скопје - Посебна и емотивна прослава, прв роденден на малиот гибон Мики во скопската Зоолошка градина - најавија денеска од установата на „Фејсбук“.
- Приказна што почна тешко, но заврши со надеж, љубов и среќен крај. Мики како бебе, на возраст од неколку месеци, беше отфрлен од мајката и се соочи со сериозни повреди на главата и епилептични напади. Во овие најкритични моменти неговиот живот зависеше од човечка грижа, посветеност и борба. Нашата зоонегувателка Зера 24 часа дневно беше покрај него, со мала помош од колешките дадилки, без ниту еден момент да остане сам. Со многу љубов, трпение и стручна грижа, Мики денес е здраво, активно и разиграно младо гибонче - пишува во објавата.
Преку прославата, како што посочуваат, сакаат да ја споделат неговата инспиративна приказна со јавноста, но и да потсетат оти гибоните се загрозен вид, кој има потреба од заштита.