МИА Општински пул
- 17 март 2026
17 март 2026
Виница - Неделава започнаа градежните работи за пробивање и тампонирање на делови од улиците „Пере Тошев“ и „Вера Ацева“, информира Општина Виница.
За да ја започне изведбата, Општината претходно изврши експропријација на земјиштето што е дел од трасата.
Средства за реализација на овој проект во износ од 1,5 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Општина Виница.
Скопје - Општина Илинден и годинава ја продолжува поддршката за локалните земјоделци преку обезбедување бесплатни агрохемиски анализи на почвата. Во соработка со Факултет за земјоделски науки и храна, Општината објави Јавен повик за пријавување на заинтересирани земјоделци, со цел подобрување на квалитетот и продуктивноста на земјоделското производство, соопштија денеска од локалната самоуправа.
- Градоначалникот Александар Георгиевски истакна дека проектот има за цел земјоделците да добијат прецизни информации за состојбата на почвата што ја обработуваат. Овие анализи ќе им помогнат за правилно и навремено ѓубрење, зголемување на приносите, намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на земјоделските производи, се наведува во соопштението.
Проектот се реализира континуирано како дел од Стратешкиот план за развој на Општината, со намера да се опфатат што поголем број земјоделци и да се обезбедат сеопфатни податоци за квалитетот на обработливо земјиште на целата територија.