МИА Општински пул
- МИА Општински пул
12 декември 2024
Вевчани - Општина Вевчани почна со акција за заловување и хуман третман на бездомни кучиња, информира градоначалникот Спасе Кочовски.
Заловувањето, истакна, ќе го врши ветеринарна амбуланта од Македонски Брод, која располага со соодветна опрема и услови за хуман третман на кучињата, по што повторно ќе бидат вратени во Вевчани.
Целта на акцијата, како што нагласи за МИА, е безбедно движење низ вевчанските улици, а заловени биле пет - шест кучиња.
- Иако во Вевчани нема многу кучиња скитници, по реакција на жители, веднаш пристапивме со нивно заловување, истакна Кочовски, нагласувајќи дека доколку има потреба и во иднина ќе обезбедат хуман третман на кучињата скитници.
Упати апел до сопствениците на миленици, своите кучиња да ги чуваат во сопствените дворови.
За заловување и хуман третман на кучињата скитници Општина Вевчани издвоила околу 100.000 денари.
Неготино - Се гради објект за педесетина стари автомобили на колекционерот Дионис Пашлаков за кој беше снимен и филм. Оваа информација ја потврди денеска за МИА, неговата сопруга Грозданка. Таа појасни дека по четири години од неговата смрт, семејството Пашлакови го исполнува неговиот аманет и гради современ музејски простор од околу 450 квадратни метри.
- На едно место ќе собереме реставрирани стари автомобили и други превозни средства, моторцикли, едрилица - авион и змај, што тој со децении ги чуваше и заштитуваше. Објектот ќе биде споен со семејната работилница за слатки работи. На тој начин, туристите кои доаѓаат ќе можат да ги видат неговите експонати, но и да си купат слатки сувенири, инспирирани од нашето поднебје и регионот, рече таа.
Притоа, подвлече дека и сега, неговите автомобили на кои им посвети голем дел од својот живот, се доста привлечна дестинација во Неготино, за туристи од целиот свет.
- Со ова сакаме да заокружиме убав модерен туристички комплекс, што има уште многу други изненадувања за во иднина, сподели сопругата на колекционерот, кој работниот век го помина како професор по биологија.
Пензионираниот професор Пашлаков беше познат по големата колекција од над 100 стари автомобили и по неговата љубов кон нив.
Гостивар - Судии од гостиварското апелациско подрачје денеска во Основниот суд во Гостивар на тркалезна маса даваа предлози и дискутираа за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет.
Ова е четврта од серијата јавни дебати кои ги организира Министерството за правда во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
На почетокот на дебатата беше кажано дека организирањето на стручни расправи, чија цел е подготовка на измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет за адресирање на препораките од Оценската мисија, преку транспарентен и инклузивен процес. Ваквиот пристап треба да придонесе за унапредување на законската рамка која го уредува работењето на ова тело.
Донесувањето на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет е дел од активностите и на клучните стратегиски документи: Планот за раст и на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година. Изнесените сугестии, мислења, забелешки и предлози на одржаните јавни расправи ќе бидат исклучително важни при дефинирањето на финалното законско решение кое особено ги тангира судиите.
Ваква расправа наскоро ќе се организира и во Скопје.
Дебар - Општина Маврово и Ростуше денеска објави јавен повик за доделување еднократен финансиски надоместок за редовни и вонредни студенти од оваа општина, за една академска, кој сега изнесува 10 илјади денари, што е за 4 илјади повеќе во однос на претходните три години.
Со цел мотивирање на младите да го продолжат школувањето на високо образовните институции и да се трудат редовно да ги полагаат испитите, оваа можност, почна да се аплицира од академската 2021/22 години, и до сега ја оствариле 84 студенти.
-Како и до сега може да конкурираат редовни студенти, како и вонредни, но кои не се вработени, а се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за академската 2024/2025 година. Барањето може да се преземе преку линкот поставен на веб страницата на општината или во општината, изјави за МИА, Омер Муратоски, назначен службеник за млади.
Според него, еден од условите за остварување на ова право е студентот да не е во работен однос и да е жител на општина Маврово и Ростуше, не е потребен просек туку единствен услов е редовно полагање на испитите.
Барањата со потребните документи се доставуваат до 31 овој месец.
Студентот треба да достави важечки документ за идентификација (лична карта или патна исправа), потврда за редовен или вонреден студент, односно запишан или заверен зимски семестар (прв, трет, петти или седми семестар а за студентите од медицинските науки и деветти и единаесетти семестар, како и трансакциска сметка.
Општина Маврово и Ростуше од 2018 година еднократен паричен надоместок доделува и за секое новороденче, во семејства, кои живеат постојано на територијата на општината, кој од септември годинава изнесува 9.000 денари а четврта година по ред надоместок за секое прваче кое годинава изнесуваше 6.000 денари.
Кавадарци - Интензивно се работи на изградбата на дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост, што ќе располага со капацитет од 40 корисници, се наведува во денешната објава на страницата на „Фејсбук“ на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
- Вкупната проценета вредност на проектот е 40.856.910 денари. За да им овозможиме подобар квалитет на живот на лицата со попреченост, се истакнува во објавата на „Фејсбук“.
Како што се појаснува, станува збор за проект што беше дел од изборната програма на градоначалникот Јанчев.
Скопје - Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје расчистиле две диви депонии во скопската општина Ѓорче Петров.
- Интервенирано е на улиците „Васил Чакаларов“ и „Воин Драшковиќ“, каде се подигнати и транспортирани приближно 20 кубни метри непрописно одложен кабаст, мешан комунален и отпад од картонски пакувања, соопшти „Комунална хигиена“ - Скопје.
Отстранети биле и седум кубни метри отпад од дива депонија лоцирана на улицата „Џон Кенеди“ во општината Чаир, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, како и 15 кубни метри градежен и мешан комунален отпад, санитарии и автомобилски гуми одложени на тревна површина долж булеварот „Босна и Херцеговина“ во скопската општина Бутел.
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, го посети ООУ „Ристо Крле“ во Кадино, пришто заедно со директорот на училиштето Јовче Петковски направија увид во активностите кои се спроведени во изминатиот период во нова училиште.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски, локалната самоуправа континуирано работи на обезбедување услови за образованието и успешно реализирање и подобрување на воспитно образовниот процес во сите училишта на нејзина територија. Инвестициите во образованието се од огромно значење за иднината на една општина, па затоа реконструкцијата и модернизацијата на општинските училишта е еден од приоритетите во работењето.
Директорот на училиштето истакна дека во насока на подобрување на условите во општинското училиште „Ристо Крле“ се реализраат повеќе активности. Во тек е изградба на нови тоалети за учениците од прво одделение и адаптација на просторија за кујна со цел воведување на продолжен престој, се врши партерно уредување на училишниот двор во подрачното училиште во Мралино на површина од 780м2, двор и паркинг за вработените. Исто така обезбедена е опрема со три фотокопири за централното и подрачните училишта. Подобрување на наставниот процес со нови нагледни средства за наставата од прво до петто одделение во подрачното училиште во Бунарџик. Обезбеден е нов училушен мебел во централното училиште со училишни клупи, столчиња, како и клупи за ходниците и пулт за информации, како и училишни паноа во кабинетите.
Скопје- – Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски нема прецизна информација дали Владата планира да му ги одземе ингеренциите на Град Скопје за јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје.
-Знам дека претседателот на Владата го изјави тоа. Знам дека размислуваат сериозно на таа тема затоа што ги засега сите скопјани и тоа не е единственото прашање кое во моментов предизвикува голгота за скопјани. Имаме проблем со Комуналната хигиена, со нефункционалноста на Паркови и зеленило, и за жал за првпат во историја со нефункционалноста на Водовод и канализација, посочи Ѓорѓиевски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Генералното собрание на ЗЕЛС.
Такво нешто, како што рече, досега не се случило во изминатите 30 години во државата.
-Како Управен одбор на ЗЕЛС, до крајот на оваа година ќе имаме состанок со Владата и со претседателот на Владата и верувам дека и ова прашање ќе го отвориме, ќе разговараме за тоа, но подетални информации поврзани со тоа немам, рече Ѓорѓиевски.
Прашан дали проблемите со донесувањето на буџетот на Град Скопје за 2025 година може да предизвикаат блокада и на останатите општини во градот, рече дека тоа прашање ќе се разгледа на денешното Генерално собрание на ЗЕЛС.
Берово - Градоначалниците на Берово и Делчево, Звонко Пекевски и Горан Трајковски, од 11-ти до 13-ти декември, присуствуваат на завршна конференција ROMACTED II во Истанбул, Турција. Посетата, како што информираше Пекевски, е во рамките на Проект „Промовирање на добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво“.
На настанот, како што рече Пекевски, акцент било ставен на поддршката на Ромите во Западен Балкан и Турција.
-Исто така беше извршен преглед на имплементација на програмата ROMACTED, кај 7 корисници, евалуација на програмата ROMACTED, преку научени лекции и препораки и унапредување на инклузијата на Ромите, преку обезбедување одржливост и инклузивност на развојните процеси на локално ниво, истакна Пекевски.
Меѓу останатите теми, како што додаде, се разговарало за зајакнување на учеството на Ромите за пристап до права и придонес за социјално вклучување на ранливите заедници.
Делегацијата од Северна Македонија ја сочинуваат и градоначалниците на Кочани и Прилеп, кои заедно со Пекевски и Трајковски имале прием од градоначалникот на Општина, Шишли, Ресул Емрах Сахан.