• сабота, 28 декември 2024
МИА Општински пул

6 декември 2024

Охрид - Возило од обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши претпладнево излетало на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, општина Дебрца, соопшти СВР Охрид.

Според информацијата, во 10 часот и 45 минути во СВР Охрид било пријавено дека на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Ново село, општина Дебрца, излетало од патот патничко моторно возило „сеат алтеа“, сопственост на Министерството за внатрешни работи, управувано од Ј.Л.(37), во кое сопатници биле И.Б. и Б.М, сите полициски службеници.

- По укажаната помош на местото на настанот од екипа од Итната медицинска помош, тие се пренесени во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, стои во соопштението.

По наредба на Јавен обвинител, увид на местото на несреќата извршиле полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.

Тетово - Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами ја пушти во употреба  реконструираната улица „Радован Цониќ“, познатат како „Улица на бутиците“. Станува збор за улица со должина од 400 метри, каде наместо бетонски плочки беше поставена калдрама, нови клупи, канделабри и млади дрвца. Се работеше и на нова канализација и подземна инфраструктура за поставување на кабли.

-Поважно од тоа што промовираме уште еден инфраструктурен проект е тоа што овој проект, ја враќа автентичноста на Тетово, културните вредности што ги имаше Тетово во минатото. Оваа улица е поплочена со калдрма, која е позната во минатото на град Тетово, која за жал во неконтролираниот раст на градот во последните 30 години се изгуби тој поглед и тоа што беше лик на Тетово. Затоа сме среќни што промовираме таков проект во центарот на Тетово, многу важна улица за економијата, се надеваме дека со оваа инвестиција ќе се врати таа динамика на овој дел од градот. Инвестиција заедничка финансирана од европските фондови, меѓудржавна соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, поконкретно помеѓу градовите Тетово и Призрен, изјави Касами.

Куманово - Заврши акцијата за пошумување на опожарената површина над Кокино, општина Старо Нагоричане, соопштија денеска надлежните од ЈП „Национални Шуми“.

Последниов период беа пошумени преку 51 хектари и засадени се преку 105.000 садници. Во акциите учествуваа волонтери, здруженија на граѓани, општествено одговорни компании кои придонесоа за пошумувањето на овој дел од Старо Нагоричане ој беше зафатен со пожар во 2021 година.

Надлежните се задоволни од одзивот на сите инволвирани чинители. Пошумувањето се спроведува под надзор на вработените од подружниците од Куманово, Крива Паланка, Кратово, денеска се приклучиле вработените од дирекцијата од Скопје и „Караџица“, Велес …

- Задоволни сме од акциите, најмладите активно беа вклучени во овој процес. Изминатите недели се вклучија сите чинители и презадоволен сум, честопати бев на терен и одблизу ја следев акцијата. На дневна основа беа инволвирани над сто луѓе, имавме денови со ангажирани над 300 луѓе, огромна бројка. Безмалку секојдневно беа присутни војниците од Армијата на Република Македонија, планинари, најмладите „Боренка“ со извидниците кои завршија огромна работа оваа година. Денеска беа претставници од администрацијата на Куманово и Старо Нагоричане, од политички партии, општествено одговорни фирми, сериозно големи фирми и раководниот кадар. Морам да се заблагодарам на присуството на австрискиот амбасадор, Мартин Памер што беше присутни, како и претставници од МЗШВ. Учеството на компаниите претставува иницјална каписла која во иднина ќе придонесе да се зголеми бројот на компании кои на овој начин ќе ја покажат својата општествена одговорност, изјави заменик-генералниот директор на ЈП „Национални Шуми“, Кире Михаилов.

Крива Паланка - Крива Паланка блесна во новогодишен сјај со новогодишни елки на двата плоштада, „Карпошово востание" пред зградата на општината и на централниот градски плоштад каде што се поставени и бројни декоративни елементи и форми што ја донесоа предновогодишната магија во „Градот на културата за 2024".

-Крива Паланка блесна, раскошно накитена и украсена, сјае во празничен декор од илјадници светилки и ја носи празничната магија во срцата на паланчани. Никој не остана рамнодушен на блескавата предновогодишна атмосфера за која веќе се шири и раскажува насекаде. Украсувањето предновогодишно е како посебен подарок, иако секоја година градот го украсуваме, за да ги радуваме граѓаните во пресрет на празнувањата, но и за сите што повторно со нетрпение очекуваат да го посетат најубаво украсениот град во државата, а годинава и „Град на културата за 2024"., информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Украсени се централната градска улица, влезот и излезот на градот, камнделабрите и останати посебности покрај магистралниот пат А2, Градечки мост и други делови од централното градско подрачје.

Крива Паланка се подготвува за новогодишниот базар што исто така ќе понуди и привлече голем број туристи и посетители во градот.

Куманово - Здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“ од Куманово, денеска одбележа 18 години од функционирањето. Локална власт, донатори, бизнис заедницата, граѓани-поединци, претставници од училишта, ученици, го честитаа денот и на корисниците и на тимот кој осумнаесет години придонесува да се зајакне свеста за процесот на инклузија, да станат самоодржливи и активни чинители во локалната заедница.

- Навистина сме богати кога гледа е колку пријатели имате. Патот воопшто не беше лесен, вложивме труд, истрајност, ние корисниците, родителите на лицата со попреченост. Од 20203 – та сме лиценциран давател на услуги. Акцент во моментов е ставен на професионалната рехабилитација, набавени се нови машини за печатење и репроматеријали, за производство на персонализирани производи кои ќе се понудат на бизнис задницата и на тој начин да развиеме социјално претприемништво, изјави Фросина Симоновска Антевска од „Порака Наша“.

Целта на порака наша е преку процесот на персонална рехабилитација да се овозможи вработување е на лицата со интелектуална попреченост на отворен пазар на труд.

- Патот беше трнлив, исполнет со предизици нѐ чекаат дополнителни, но горди сме на успехот кој е заеднички на целата локалната заедница на сите нас, локална заедница, бизнис заедница, граѓани поединци, медиумите кои придонесоа да станеме видливи и препознатливи, кажаа Мартина Костовска и Јелена Стаменковиќ од „Порака Наша“.

Претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска рече дека е горда што после 18 години корисниците стануваат самоодржливи. Финансирањето се спроведува преку Министерството за труд и социјална политика.

Прилеп - Во Прилеп привршуваат подготовките за прославата на градската слава Свети Никола, на 19 декември, а веќе денеска почнува и традиционалниот турнир во мал фудбал што е дел од активностите за прославата.

Турнирот кој 20-тина години стана традиција и дел од прославата на градската слава Свети Никола опфаќа 32 екипи фудбалски екипи кои ќе играат во осум групи.

-Вечер во спортската сала на средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ почнува традиционалниот Светиниколски турнир во мал фудбал и со тоа ја продолжуваме традицијата за прославата на градската слава. СЕ надеваме дека догодина ќе имаме можност турнирот да го гледаме во Универсзалната спортска сала која може да се стави во функција, вели Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.

Што се однесува до прославата на Свети Никола подготовките привршуваат и веќе се знае програмата за одбележување на празникот на 19 декември.

-Годинава домаќин е прилепската локална самоуправа. Традиционално, утрото на празникот се служи света архиерејска литургија во храмот „Свето Благовештение“, потоа до центарот на градот, до Параклисот ќе има литија. Напладне ќе се служи и славскиот посен ручек: посни сармички, гравче, а нема да изостане ниту богатата програма на плоштадот Александрија, објаснува Тунески.

Битола - Филмски професионалци од Шпанија, Полска, Германија, Ирска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија во Битола учествуваат на форум на филмските градови на УНЕСКО.

Битола е дел од мрежата која годинава е фокусирана на „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“, изјави за МИА, Кристина Христова Николова, претставник на Центар за филм-Битола.

-Во рамки на форумот беше презентиран проектот „Зелени филмски градови, јакнење на одржливи креативни градови“, а на посебен панел  филмски професионалци од целиот свет се обидуваа да најдат одговори на прашања за одржливи практики во филмската и креативната индустрија насочени кон градење одржливи градови. Сакам да истакнам дека голема е честа и Битола да  биде дел од оваа мрежа на УНЕСКО и наши гости да бидат филмски професионалци од Гдањск, Сараево, од Тераса-Шпанија, Потсдам, Ваљадолид, Софија, Голвеј и секако македонски филмски професионалци. Заклучоците од форумот ќе бидат испратени во кластерот за филм на УНЕСКО, нагласи Христова Николова.

Според програмата вечер во рамки на форумот, во битолското кино „Манаки“ ќе бидат емитувани филмови од одржлива и „зелена“ продукција, односно „Привлечност“ на режисерот Александра Шчепанијак, „Небото над Зеница“ на  режисерите Нана Франк Мелер и Златко Прањиќ, филмот „ГАЈА“ во режија на Нермин Хамзагиќ и Енис Чишиќ и „Жешки нешта“ во режија на Паскал Шух и Јонас Ример.

Прилеп - Во Прилеп почна новогодипшното украсување на центарот на градот. Елката е веќе украсена и поставена на плоштадот „Матодија Андонов Ченто“, а градските власти најавуваат богата предновогодишна и програма за пречекот на Новата 2025 година.

-Овие два три дена ќе заврши комплетното новогодишно украсување на централното градско подрачје. За радоста на најмладите да биде уште поголема ќе бидат поставни сите оние препознатливи фигури околу камената бина и на плоштадот Александрија кои секоја година се атракција не само за најмладите, туку и за возрасните и за туристите. Ќе бидат украсени плоштадот „методија Андонов Ченто“ и платото пред Саат кулата, вели Христијан Тунески, портпарол на општина Прилеп.

Пред новата година ќе се одржи традиционалниот тридневен новогодишен базар, а за пречекот на новата година ќе има забава со познати музички имиња како и богат огномет.

-Од 28 до 30 декември е новогодишниот базар во центарот на Прилеп каде е предвидена целодневна детска, но и културна програма. Што се однесува до пречекот на Новата Година, годинава ќе биде збогатен со неколку музички имиња, како што се ди-џеите Сирилик и бендот „Балканика“ како и победникот на балканското шоу „Никогаш не е доцна“, господинот Башески. Секако, нема да изостане и спектакуларниот огномет, објаснува Тунески.

Штип - Последни подготовки пред официјално да започне новогодишната магија во Штип. На шеталиштето „Ванчо Прќе“ од денеска се поставуваат типските куќички, а викендов улицата ќе биде целосно украсена и подготвена за престојните празници. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска изјави дека ќе има содржини за сите генерации, многу забава, музика.

- За време на викендот се поставуваат сите елементи, типските куќи на самото шеталиште, многу светилки во централното градско подрачје. Она кое е планирано е во рамки на самото шеталиште да има и предновогодишна програма која ќе започне од понеделник со најразлична содржина, изјави Јорданов.

Во Програмата се предвидени Дедо мразовци, аниматори, детски воз и многу детски претстави се само дел од содржините кои до Нова Година ќе се реализираат на шеталиштето „Ванчо Прќе“. Јорданов посочи дека организацијата е на повисоко ниво и очекува многу посетеност и многу задоволни граѓани.

 -Очекувам она посакувана предновогодишна среќа која ни е неопходна на сите нам, да се предизвика преку предновогодишната програма и преку украсувањето на градот. Очекувам и организацијата да биде на едно повисоко ниво, со многу повеќе предновогодишни украси, рече  Јорданов.

Дополнително од 20 декември ќе има и Божиќен базар, кој за првпат се организира во Штип.

Остани поврзан