• сабота, 09 ноември 2024
МИА Општински пул

6 ноември 2024 

Скопје - Општина Ѓорче Петров ја стартуваше следната серија реконструкција на спортски терени, овојпат на фудбалското игралиште во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, кое сега ќе добие нова тартан подлога, која ќе овозможи уште подобри услови за спорт и рекреација на нашите ученици.

Во дворот на ова училиште изградивме и целосно ново школско фудбалско игралиште со нова подлога од вештачка трева, по сите современи стандарди за училишен и рекреативен спорт. Истото, партерно го уредивме со што го заокруживме процесот на негова изградба.

Продолжуваме со интензивна реконструкција на игралиштата и веќе во наредниот период ќе започнеме со обновување на игралиштата во ООУ „Мирче Ацев“ и ООУ „Страшо Пинџур“.

Кавадарци - Полицијата поднесе кривична пријава против неколку лица во Кавадарци зошто береле грозје во туѓа нива. Кривична е поднесена и против лицето поттикнувач на кражбата, исто така од Кавадарци, информираа денеска од СВР Велес. 

- ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против 41-годишната С.В, Н.В.(43) и Р.В.(24), сите од Кавадарци, поради постоење основи на сомневање дека сториле кривично дело „кражба“ по член 235  став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик и против З.К.(64) од Кавадарци, поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело по член 235 став 1 во врска со член 23 до Кривичниот законик, соопштија од СВР Велес. 

Оттаму појаснија дека на 14 септември,  полициски службеници од ОВР Кавадарци ги затекнале С.В., Н.В. и Р.В. како берат грозје од лозов насад во атар на село Возарци, Кавадаречко, сопственост на 54-годишната Л.Р. од Кавадарци.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски се сретна со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На средбата, како што информира Општина Илинден, се разговараше за актуелни теми во однос на функционирањето и работењето на Општина Илинден со посебен акцент на состојбата со безбедноста во сообраќајот и потребата од поголема застапеност на припадниците на Министерството за внатрешни работи на територија на Општина Илинден.

-Имајќи ги предвид сите показатели во делот на локалниот економски раст на Општина Илинден, како и зголемениот прираст на население во Општината, заеднички став на министерот и градоначалникот е потребата од изградба на полициска станица во Општина Илинден. За таа цел се изрази подготвеност од двете страни во наредниот период да се интензивираат активностите во насока на реализација на овој проект, се вели во соопштението.

Скопје - Со голема динамика се одвива инфраструктурната обнова на општина Кисела Вода. Во Пинтија, во моментов после 50 години нов асфалт добива улицата “1438” на површина од околу 2000м2. Само годинава, во ова населба досега се асфалтираат улици во должина од над 3000 метри или за овие три години, околу 5400 метри.

-После половина век нов асфалт добива улицата 1438 во Пинтија! Со засилено темпо се одвива обновата на Кисела Вода. Во овој момент, се работи на улицата “1438” во Пинтија на површина од 2000m2, која повеќе од пет децении не била предмет на интерес на ниту еден од моите претходници, што е евидентно од големите оштетувања. Овој отпочнат проект е само уште од низата докази дека не застануваме, дека моите ветувања не се само празни зборови а барањата на граѓаните се мој приоритет. Ликот на Кисела Вода го менуваме секој ден кон подобро. Продолжуваме во сите урбани и месни заедници. Мојот народ заслужува-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Граѓаните се приклучија на акцијата за бесплатно дислоцирање на хаварисани возила. Општина Центар во соработка со пајак службата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и МВР веќе спроведува акција за бесплатно дислоцирање на хаварисаните возила од јавните површини со јавување на телефонскиот број 076 350 767 со цел ослободување на јавната површина.

-Со заедничката акција која ја спроведуваме досега од јавните површини дислоцирани се околу 40 возила. Сопствениците на хаварисани возила имаат одлична можност да се јават на бесплатниот број да го пријават своето нерегистрирано или неисправно возило за истото да биде однесено во отпад каде ќе им биде проценето согласно откупната цена за старо железо. Затоа во оваа прилика ги повикувам граѓаните да ја искористат можноста и помогнат во ослободување на јавните површини, тревниците, паркинг местата и да ја променат сликата во општината“, вели Герасимовски.

Скопје - Општина Гази Баба од денеска ја започнува постапката за креирање на буџетот за 2025 година што ќе се реализира во неколку фази.

Во првата фаза, како што соопштија од Општина гази Баба, ќе се организира сеопфатен граѓански дијалог во кој граѓаните ќе имаат можност да ги кажат своите идеи и проекти кои сметаат дека треба да го имаат своето место во буџетот на општината за следната година.

-Ве повикувам да го дадете својот придонес во развојот на општина Гази Баба. Ветив отворена и транспарентна општина во која Вие, граѓаните ќе одлучувате и од таа моја заложба нема да отстапам, напишал градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски на неговиот официјален фејсбук профил.

Тетово – Градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса, Биљал Касами смета дека нема потреба за вонредни парламентарни избори. Ваков е неговиот одговор на новинарско прашања денескa откако за вонредните парлaмeнтарни избори во своите изјави побараа политичари од опозицијата.

- Ние работиме интензивно во делот на реализација на нашите проекти. Оваа Влада е на почеток на својот мандат, има консолидирано мнозинство, не гледам потреба од вонредни парламентарни избори. Не гледаме некоја консолидирана опозиција која би нè предизвикала за такви избори. Повеќе тоа го гледаме како нели моментален крик на опозицијата која се обидува да преживее во овие тешки моменти за нив. Оваа влада има консолидирано мнозинство и работи сериозно во реализација на предизборната програма, истакна Биљал Касами откако денес како градоначалник направи увид во чистење на дива депонија на периферијата на градот.

Касами го повтори ставот дека за локалните избори, тие како коалиција „Вреди“ работат интензивно да ги координираат активностите заеднички настап.

Струга - Целосно е изгаснат пожарот што утрово пред 10 часот избувна во кровната конструкција на Безистенот во Струга, потрвди за МИА командирот на Територијалната против пожарна единица Струга, Фети Мазари. 

Поради збиеноста од градби во старото градско јадро, во центарот на Струга постоела опасност од зафаќање други објекти, но, брзата интервенција на пожарникарите, според него, спречила поголема штета.

- Постоеше опасност да бидат зафатени и другите објекти, но за среќа ние брзо дојдовме и го изгаснавме. Кровот е зафатен од Безистенот, можеше да се прошири, среќа пожарникарите стигнаа на време. Го изгаснавме и ги спасивме околните објекти, изјави Мазари.

Пожарот во Струшката пожарна бил пријавен околу 9 часот и 30 минути од граѓани, а интервенирале 11 пожарникари со три противпожарни возила.

Штип - Во штипското село Лакавица почна изградбата на нов водовод. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов. кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните активности рече дека ова барање на жителите на село Лакавица е со години наназад и сега веќе се реализира од страна на општината.

-Се работи на стариот и дотраен водовод, како и на реконструкција на мрежата, која е стара повеќе од 40-50 години. Честите дефекти создаваа проблеми не само на домаќинствата, туку и на ЈП „Исар“ заради несоодветните линии, кои своевремено биле инсталирани. Навистина ми е драго кога се решаваат децениски проблеми, вели Јорданов.

Во село Лакавица ќе се инвестираат повеќе од 3,5 милиони денари, а освен водовод ќе се асфалтираат и краци од улици, кои биле заборавени, а жителите оделе по кал. Со новиот водовод ќе управува штипското комунално претпријатие „Исар“.

Тетово – Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денеска следеше како се подига сметот од дива депонија формирана кај надвозникот при влезот на градот од Скопје. Тој рече дека дивата депонија е создадена од несовесни граѓани, кои тука оставаат пред сè кабаст отпадот и апелираше тоа да не се прави бидејќи само пред неколку дена општината промовираше место каде бесплатно луѓето може да остават таков вид смет.

- Ги замолуваме нашите сограѓани да ова не треба да биде, нели лицето на Тетово. Не треба да биде тоа што сите ќе гледаат кога ќе влезат во нашиот убав град. Ги замолувам сите да не фрлат отпад каде што не е место, затоа што веќе има локацијата за фрлање на ваков вид на кабаст отпад која не е подалеку од 200-300 метри од ова локација. Тоа е бесплатно, работат шест дена во неделата, во текот на работен ден можат да однесат таму и да фрлат отпад кој ќе биде третиран понатаму согласно законските одредби, истакна Касами.

Градоначалникот тврди дека веќе има и конкретни мерки што се преземаат за санкционирање на несовесните граѓани. Тој информираше за број на казнети од јуни досега.

Скопје - Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашниот ден подигнале 60 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир и Ѓорче Петров.

-Отстранета е обемна дива депонија лоцирана до ООУ „Хасан Приштина“ во населбата Серава, а интервенирано е и на улицата „Славеј Планина“ во непосредна близина на скопското Теќе, како и на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), каде се подигнати вкупно 40 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад, соопшти ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје.

Во рамки на третата смена екипите од ова јавно претпријатие извршиле и расчистување на дива депонија лоцирана на улицата „Македонска војска“ во општина Ѓорче Петров, се подигнати и транспортирани приближно 20 кубни метри непрописно одложен отпад. 

Велес - По завршувањето на јавниот повик и спроведување на административните процедури од страна на комисијата, денеска  градоначалникот Марко Колев  го потпиша  решението за одобрување на барањата за субвенции на физички лица за купена инвертер клима.

Списокот со добитници е објавен на веб страната на Општина Велeс.

-Со субвенциите за граѓаните за набавка на инвертар клими во многу им помагнеме  на граѓаните за затоплување на нивните домови на енергетски ефикасен начин беа создавање на јаглероден диксид во воздухот во градот,Со ваквата практика за доделување субвенции ќе продолжиме и во наредните години, најави Колев.

Велес - Проф. д-р Јордан Нојков е добитник на престижната награда за животно дело „Гемиџии“ за 2024 година. Тој е познат специјалист анестизиолог, сега во пензија. Годинашна добитничка на наградата за најстудент „Професор д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ е студентката Тамара Коцевска.

На Свечената  академија за Денот на Општината 9-ти  Ноември, во сабота вечер во 19 часот во салата на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес ќе бидат врачени и традиционалните пофалници, благодарници и спомен плакетите, информираат од Општина Велес.

Изборот го направи Комисијата за општетствени дејности  при Советот, а предложените кандидати беа избрани на последната 55 седница на Советот на Општина Велес.

Годинава добитници на спомен плакета на Општина Велес се директорот на Државен завод за ревизија,  Максим Ацевски и граѓанската организација Извиднички одред  „Димитар Влахов“- Велес.

Благодарница 9-ти Ноември ќе им биде доделена на над 20е учесниците на XXIV „Вардарска регата Гемиџии 2024“, која годинава пловидбата по Вардар од Велес не ја завши во Гевгелија, и првпат продолжи и пловеше по Вардар се до вливот кај Солун.

Струга - Преку симулациската вежба за евакуација на вработените во случај на земјотрес, при кој настанал пожар и пружање помош на повредени лица, денеска во компанијата Магна, лоцирана во ТИРЗ Струга, практично беше применет планот за заштита, спасување и евакуација.

Според командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски, компанијата Магна е една од поретките во општините Охрид и Струга на која оперативните планови и се на највисоко ниво, поседуваат различни системи, дојавувачи на пожари, алармни системи.

- Извршивме вежба за евакуација на вработени во компанијата Магна со цел да видиме дали нивниот план за евакуација и спасување работи. Вежбата беше симулација на земјотрес, а после земјотресот и настанат пожар. Вежбата е успешна и се надеваме дека во наредниот период ќе ја продлабочиме соработката и се почесто вакви вежби да се организираат, истакна Јанкулоски.

Превенцијата во дејствување при несреќи и катастрофи, за претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, е најважниот сегмент, нагласувајќи дека секој треба да знае како треба да се реагира и кој кое задолжение го има.

Куманово - ЈП „Чистота и зеленило“ од утре почнуваат со акции за пошумување и ќе трае наредните два месеци, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Обезбедени се 1.815 садници, кои ќе бидат насадени во градскиот парк, кејот, соколанскиот парк.Садењето ќе се проведе во четири етапи, првата фаза почнува во градскиот парк. екипите ќе насадат шестотини зимзелени садници. Во наредниот период ќе се садат листопадни и зимзелени садници на градскиот кеј, а во соколански парк и повторно во градскиот парк.

- Садниците се обезбедени преку прекугранична соработка. Имаме и дополнителни садници наше производство кои ќе се садат на повеќе локации. Ги замолуваме граѓаните да не ги корнат. Од нашите садници претежно се грмушки, перени, листопадни и зимзелени садници, изјави директорот на ЈП, Ненад Стојановски.

Уништувањето на садниците е честа појава во Куманово, додаваат надлежните и апелираа проактивно дејствување на инспекциските и службите на МВР за санкционирање на несовесните кумановци.

Остани поврзан