• сабота, 28 декември 2024
МИА Општински пул

4 декември 2024

Охрид – Постојниот комитет на Бернската конвенција денеска во Стразбур ќе расправа по заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“, односно неспроведувањето на препораките за заштитата на регионот и конкретно за градежните ативности во Студенчишкото блато.

Во последниот Извештај на Мисијата на УНЕСКО од 2024 година по трет пат беше укажано дека Охридскиот регион ги исполнува критериумите за поместување на листата светски наследства во опасност, притоа посочувајќи дека несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти, итн. нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период. 

Активистите на Граѓанската иницијатива „Фронт 21/42“ како последен случај на недозволена интервенција во регионот посочија незаконски градежни активности на територијата на Студенчишко Блато, простор за кој се уште е на сила Решение за привремена заштита.

Независно укажувањата испратени до Државниот инспекторат за животна средина и до општинскиот градежен инспектор и како што посочуваат „ шестмесечна комуникација со сите релевантни инспекциски служби – ДИЖС, Инспекциски совет, Државен управен инспекторат, Државен градежен инспекторат и локални инспектори при Општина Охрид“, од „Фронт 21/42“ укажуваат дека се продолжува со непречени градежни активности на терен.

„Ниту еден инспектор од сите надлежни инспекторати не ги спроведе доследно законските обврски. Од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за флагрантно кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела - само за еден надзор се изготвија решенија и тие беа очигледна празна формалност. Не се спроведе ниту еден контролен надзор, дури ни по известувањето од ‘Фронт 21/42’ дека состојбата на терен е влошена. Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки за биодиверзитетот на Охридското Езеро, ескалира - и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела“, се посочува во реакцијата на „Фронт 21/42“ доставена до медиумите.

Крива Паланка - Генералниот урбанистички план на град Крива Паланка освои високо признание, втора награда за на 33-от Меѓународен салон за урбанизам во Бијелина, во организација на Здружението на урбанисти на Србија.

Агенцијата за планирање на просторот учествуваше на годинашното издание на Меѓународниот салон за урбанизам што претставува смотра на најзначајни актуелни остварувања во областа на просторно и урбанистичко планирање и во конкурекција на 144 трудови Генералниот урбанистички план на Крива Паланка (2019-2029) освои втора награда во категорија „Генерални урбанистички планови и Планови со генерална регулација".

- Овој ГУП е изработен од страна на Агенцијата за уредување на просторот, а е финансиран од Владата, за плански период од 2019-2029 година. Претходниот ГУП е нефункционален и по истиот Крива Паланка немаше донесено ниту еден детален урбанистички план. Во овој ГУП (2019-2029) се предвидени општи намени со што дава поголема можност на сите идни инвеститори во деталните планови да предвидат основна класа на намена согласно нивните потреби. Исто така, дава можност за разработка на помали опфати со што интересот за финансирање на ДУП - првите од страна на физички и правни лица е значително голем. Со донесувањето на овој ГУП општината за само 6 месеци донесе и детален урбанистички план,со разработена основна класа со намена А2, со што Крива Паланка ќе добие нов стамбено- деловен објект по многу години, изјави Маја Костадиновска, раководител на Сектор за урбанизам, сообраќај, заштита на животна средина и комунална инфраструктура при Општина Крива Паланка.

Наградата е признание за спроведливоста на овој план, значаен за идниот развој на градот, но и големо признание за сите учесници во изработка на планот, од авторите : Маја Доновски Лукаревска, Боро Петковски, Ана Пижула Ефкоски, членови на комисијата за урбанизам како и сите стручни лица од Одделението за урбанизам при Општина Крива Паланка.

Новиот ГУП го отвори новото поглавје за интензивен урбан развој на Општина Крива Паланка, што ќе значи модернизација и економско јакнење на општината.

Куманово - Комисијата за избор на сувенир на општина Куманово го избра сувенирот на Општината за 2024 година, „Спортска сала Соколана Куманово“, со мотив „Да ја сочуваме“, соопштија денеска надлежните од општината. Сувенирот е дело на кумановскиот автор Јелена Спасовски, приспособен за масовно производство, со цел да се користи за промоција на Куманово.

-За изработката користев срмен конец, жица, акрилна боја, ставена на тафт подгола во дрвена рамка. Се инспирирав од Соколана кое обележје на Куманово, изјави авторката Спасовски.

Повикот беше објавен во октомври годинава. Општината на овој начин поддржува идеи и автентични трудови со цел да придонесат кон креирањето на производ кој ги отсликува карактеристиките на градот, во насока на зголемена промоција. Сувенирите содржат елементите на препознатливост и да ја отсликуваат традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на градот.

-На претходно објавениот јавен конкурс учествуваа тројца автори со свои креативни дела, во кои беа содржани елементи на препознатливост, отсликување на традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. 

Општината за оваа намена одвои 100.000,00 денари без ДДВ, при што првиот дел од износот изнесува 30.000,00 денари и е биде наменет за добитникот за мотивација и вложен труд. Вториот дел од наградата, добитникот на наградата во меѓусебен потпишан договор со Општина Куманово, зависно од проценетата вредност на трудот, должен е да достави одредена количина на сувенирот на општина Куманово во износ од 70.000,00 денари.

Куманово неодамна доби сувенирница, сместена во простор на занаетчискиот дом. Таа претставува траен симбол на посветеноста кон промовирањето на занаетчиството и туризмот. Локалните занаетчии имаат простор за презентацијата на своите дела. 

Охрид – Највисокото општинско признание што го доделува Градот Охрид – наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“ за оваа 2024 година му е доделена на проф. д-р Павле Митрески.

Како што е наведено во образложението за доделувањето на наградата, зад биографијата на проф. д-р Павле Митрески стои неговото големо високовредносно и величествено делување, темелно и темелито проучување на историјата, културата и традицијата на Охрид и Охридско.

- Проф. д-р Павле Митрески е неуморен раскажувач на минатото на Охрид и Охридско, неговата посветеност и заложба со пишани материјали и книги да се збогатуваат македонските библиотеки се од големо значење за нашиот Охрид, а преку претставувањето на охридските хроники кои денес постојат за Охрид како значајна историска лулка и центар на сите општествено политички и културни збиднувања, тој го афирмира Охрид во меѓународни рамки бидејќи од неговите книги учат најголемите промотори на Охрид и охридското културно наследство. Неговото име е длабоко врежано во современата македонска историографија. Неговото дело посветено на историјата на Македонија и македонскиот народ, со посебен акцент на Охридско – струшкиот регион, заземаат сосема заслужено и значајно место, стои во образложението за донесената одлука.

Павле Митревски ја збогати македонската историографија со над петнаесетина наслови на книги, како и написи во списанија и зборници и стотина научно-стручни прилози од историјата на Охридско-струшкиот регион.

Највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година ќе биде врачена на Свечената академија што ќе се одржи на 7 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека е завршен јавниот повик за доделување еднократна парична помош во висина од 2.500 денари за пензионери со старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија не повисока од 23.758,00 денари. На овој повик, 1735 пензионери аплицираа за еднократна финансиска поддршка од Општината која ќе биде исплатена до крајот на годината.

Герасимовски потенцира дека аплицирањето на 1735 пензионери за еднократна парична помош од 2.500 денари е важен чекор кон обезбедување на поддршка за време на новогодишните празници.

„Во период на новогодишни празници кога целото семејство заеднички прославува, овие денови можат да бидат и дополнителен финансиски притисок за пензионерите. Затоа, наша задача е да им го олесниме секојдневието. Интересот за јавниот повик беше навистина голем, верувам дека овие средства ќе им помогнат за празничниот семеен буџет”, вели Герасимовски.

Општина Центар продолжува да имплементира проекти преку кои ќе ја зајакнува локалната заедница, но и ќе го подобрува квалитетот на живот на сите граѓани.

Скопје - Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување 40 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров.

-Расчистена е обемна дива депонија на улицата „Чаирска“ во населбата Гази Баба, во непосредна близина на ООУ „Тефејуз“, каде што се подигнати и транспортирани приближно 15 кубни метри мешан комунален и кабаст отпад, се наведува вос оопштението од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Оттаму посочуваат дека повторно интервенирале и на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), каде што од јавни површини се отстранети 10 кубни метри мешан комунален, кабаст отпад и неколку автомобилски гуми.

На улицата „Васил Чакаларов“ во непосредна близина на Порта Влае биле подигнати и транспортирани приближно 15 кубни метри непрописно одложен градежен и кабаст отпад, санитарии и отпад од картонски пакувања одложени на тревни и сообраќајни површини. 

Остани поврзан