• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

11 декември 2024 

Скопје - Без вода денеска се дел од корисниците лоцирани на улиците „Ордан Попјорданов“, „Ордан Пиперката“, „Жан Жорес“, „Пехчевска“ и „Валандовска“ во Општина Гази Баба. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради реконструкција на водоводна мрежа од ф-100 милиметри на улицата „Ордан Попјорданов“ број 12.

Скопје - Од Општина Центар денеска соопштија дека е завршен процесот на украсување за Новогодишните и Божиќните празници. Оваа година, новогодишното украсување со бројни светлосни украси, елки и декоративни елементи поставени на најфреквентните локации во општината започна на 21 ноември со цел создавање празнична атмосфера која ќе донесе радост и топлина на жителите на општината, но и на сите граѓани.

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцирал дека секоја светилка нѐ потсетува на празничната атмосфера со најблиските, на љубовта, на мирот и на радоста.

Кочани - Средното електромашинско училиште „Гошо Викентиев“ од Кочани отвори нов тренинг центар во кој учениците ќе се обучуваат за инсталирање фотоволтаични системи за производство на струја од сончева енергија, што е единствен во регионот од ваков тип.

Опремата за тренинг центарот е набавена од компанијата Интебако ДОО од Скопје, која обезбеди 18 фотонапонски централи од моделот Canadian Solar, инвертор Huawei и придружна опрема за нејзино поврзување и функционирање. Компанијата TAB MAK – TAB Batteries од Пробиштип обезбеди литиумска батерија со капацитет од 5000Wh и e-storage CLEVER, односно кутија за складирање батерии.

Куманово - Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски присуствува на петтиот глобален самит на Мрежата на силни градови во Кејптаун, Јужноафриканска Република, информираа денеска од Општина Куманово.

На самитот присуствуваат 220 претставници од локални и национални влади, претставници од граѓанско општество, од пет континенти од 115 града од 50 земји кои дискутираат на тема како да се спречи говорот на омраза, екстремизмот и поларизацијата. На самитот била претставена платформата за споделување иновативни пристапи за заштита на човековите права и зајакнување на социјалната кохезија во услови на последователни глобални кризи, како и начини за одржување на таквите напори.

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на вчерашната ноќ почна активности за отстранување обемна дива депонија лоцирана на улицата „Топаанска“ во скопската општина Чаир. Досега се подигнати и транспортирани приближно 50 кубни метри претежно мешан комунален отпад, а екипите на претпријатието и денеска ќе ги продолжат активностите на оваа локација.

Во општината Чаир се подигнати и 10 кубни метри непрописно одложен кабаст отпад на улицата „Џон Кенеди“.

Тетово - Драмскотo студио „Адоболс“ од Тетово синоќа премиерно ја изведе претставата „Лет во место“ според драмскиот текст на Горан Стефановски, а во режија на Владимир Јованоски. Сцената во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово беше подготвена на повеќе нивоа, симболизирајќи пекол, чистилиште и рај.

-Исклучително силен и талентиран актерски ансамбл го отслика македонското историско бреме но и жилавоста на нацијата. „Лет во место“ од исклучителниот Горан Стефановски е претстава - огледало на македонската историја која одекнува во сегашноста а може да се рефлектира и во иднината.  Во играта нема пардон ниту замаглување на историјата. Публиката имаше прилика да види извонредна игра полна со емоции и животна филозофија, како и можност да се пронајде себе си и да си замине емотивно и истоирски побогата, изјави Владимир Јованоски.

Штип - Судиите од штипското Апелациско подрачје денеска гласаат за нов член на Судскиот совет од нивното подрачје. Гласачките места низ Основните судови во Апелацискиот суд во Штип се отворени во 8 часот, а се гласа за пет кандидати.

На гласачкото ливче се имињата на судиите Ацо Тасев од Основен суд-Штип, Мери Гичева од Основен суд-Штип, Невена Перица од Основен суд-Штип, Данка Ристова од Апелациски суд-Штип и Тони Делев од Апелациски суд-Штип.

Скопје - Полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид вчера во струшката населба Езерски лозја го лишиле од слобода Л.А.(18) од Република Албанија.

Како што информира МВР, при претрес во апартман, кој го користел Л.А., била пронајдена и одземена марихуана и други предмети.

Скопје - Синоќа во 22 часот на улицата „18 Ноември“ во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар ја лишиле од слобода Џ.З.(29) од гостиварско Дебреше.

- При претрес во домот и помошните простории во с.Дебреше, каде што живее со нејзиниот сопруг Д.Н.(29) од Дебреше, извршен со судска наредба, биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, саксија со засадено стебло од канабис, кутија со семки од растението канабис, две дигитални ваги, една пушка, 144 парчиња муниција и пари, соопштија утрово од МВР.

Остани поврзан