• среда, 04 март 2026
МИА Општински пул

24 февруари 2026 

Демир Хисар - Општина Демир Хисар продолжува со континуирана поддршка и финансирање на програмски активности на Здруженија на граѓани и Фондации во областите од надлежност на општината.

Локалната самоуправа годинава обезбеди 170.000 денари за поддршка на тамошните здруженија на граѓани и фондации, а максималниот износ кој може да го добие еден апликант изнесува 30.000 денари.

-За сите проекти задолжително е кофинансирање во износ од најмалку 10 проценти од вкупната вредност на проектот. Апликантите преку проектот треба да го потврдат значањето на проектот за општината и регионот, да овозможат афирмација на Општина Демир Хисар и да презентираат успешно реализирани претходни проекти од областа за која се однесува предложениот проект, посочуваат од Општина Демир Хисар.

Охрид - Во насока на стимулирање на социјалната интеграција на невработените лица и подобрување на нивните квалификации за идно вработување, како и на вработени кои сакаат да се докфалификуваат или прекфалификуваат, општина Охрид согласно Годишната програма на одделението за локален економски развој распиша конкурс за спроведување на бесплатни курсеви.

Курсевите се наменети за болничари односно негуватели на стари лица, сметководство – основно ниво, обука за компјутерски програми за канцелариско работење, странски јазици (англиски, германски), заварувачи и фризери.

Предност за пријавување за курсевите имаат невработени лица, но и вработени кои сакаат да се докфалификуваат и прекфалификуваат. За да се реализира одреден курс треба да се пријават најмалку 15 учесници. Општина Охрид го задржува правото некој од курсевите да не се реализира доколку нема заинтересираност. Изборот на учесниците ќе биде по принципот „Прв дојден, прв услужен”, посочуваат од општината. 

Крива Паланка - Со средства од буџетот на Општина Крива Паланка годинава ќе бидат финансирани проекти за заштита на животната средина и локален економски развој. Јавниот повик е објавен, а вкупната сума што им стои на располагање на апликантите изнесува 300.000 денари.

-Во тек е јавниот повик за поднесување пријави за финансиска поддршка за користење средства од буџетот на Општина Крива Паланка за 2026 година, предвидени со програмата за соработка со здруженија на граѓани и фондации за 2026, што ќе се доделуваат на здруженија и фондации за акциски грантови од областа на заштита на животната средина и локален економски развој. Апликацијата и потребните документи, како и условите и критериумите се достапни на веб-страницата на општината, а максималниот износ на сумата што ќе биде издвоена по проектна активност е 80.000 денари, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Проектите треба да кореспондираат со стратешките и развојни документи на општината, како и да бидат родово - сензитивни.

Скопје - Без вода денеска од 10:15 часот се дел од корисниците лоцирани на улица „Мариовска“ во општина Кисела Вода.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ -  Скопје, прекинот е поради дефект во шахта на улица „Мариовска“ 3/3. 

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санаирање на дефектот. 

Скопје - НУ Камерен оркестар на Битола свечено ќе ја отвори концертната сезона за 2026 година со концертот „Вечер на романтични балади“, соопштија од организацијата на настанот, што ќе почне во 20 часот во Офицерски дом - Битола.

Под диригентската палка на Владимир Димовски, како што е најавено, оркестарот ќе ѝ понуди на публиката внимателно одбрана програма посветена на романтичниот израз во музиката, со дела од Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски. Влезот е слободен. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и достојно отворање на новата сезона.

- И покрај тоа што оваа година, Министерството за култура одобри само шест проекти, НУ Камерен оркестар на Битола, како и минатата година, ќе се стреми кон реализација на повеќе од 10 концертни и музички проекти во текот на сезоната. За потсетување, во 2025 година оркестарот реализираше 12 проекти, како и повеќе од пет гостувања низ Македонија, потврдувајќи ја својата активна улога на националната музичка сцена, се наведува во соопштението.

Скопје -  Традиционални танци, храна и интерактивни работилници се дел од денешниот настан „Кинески пролетен фестивал“, чија цел, како што појаснија организаторите, е доближување на богатата кинеска култура и традиција до учениците.

Настанот е во организација на Меѓународното училиште НОВА - Скопје, Амбасадата на Народна Република Кина во Северна Македонија и Институтот „Конфучие“.

Предвидено е обраќања да имаат амбасадорката Џијанг Сјаојан и директорот на училиштето, Иван Новаковски.

Скопје - Во КСП Јадро вечер ќе биде отворена интерактивната изложба на дигитална уметност „Момент на пресврт“ од Драшко Накиќ. Изложбата може да се посети до 26 февруари, секој работен ден од 10:00 до 16:00 часот.

Поставката со наслов „Момент на пресврт“ има за цел да поттикне сеќавање на оние луѓе кои ни помогнале кога ни било најтешко. Истата сака да потсети дека животот може брзо да се претвори од хармонична сказна во исцрпувачка борба, но и дека преку поддршката од искрено, грижливо социјално опкружување може да се најде инспирација и позитивна гледна точка за справување со предизвиците. 

Поставката нè води низ четири фази: „Пренасочување“ – моменти на драстична промена, „Еуфорија“ – период на возбуда поради идентификување на новиот пат и чекорење кон светлата точка, „Хармонија“ – запливување во мирни води и смиреност, и „Игривост“ – комплетна комотност во новата ситуација и охрабрување за влез во нови креативни процеси. Во фазата „Пренасочување“, посетителите се повикани да помислат на личност која им помогнала во тешки моменти слични на тие прикажани во делата и да стават стикер со името и меѓусебниот однос. Како симбол на тоа дека секој немил настан може да се гледа од различен агол во потрага по светла точка, посетителите ќе можат физички да ги ротираат делата и да запишат свои, нови наслови.

Струмица - Златни плакети за најдобра карикатура и афоризам на 27. Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам што се одржува во Струмица, жирито синоќа им додели на словачкиот карикатурист Роман Сика и на афористичарот Александар Чотриќ од Србија.

Сребрена плакета за карикатура доби Миро Георгиевски од Македонија, а бронзена плакета македонскиот карикатурист Блаже Докуле. Награда од Струмичкиот карневал доби Надица Митев.

Во категоријата афоризам сребрена плакета жирито му додели  на Атанас Крлевски, а бронзена плакета на Лилјана Крстиќ од Србија. Дипломи им се доделени на Екрем Мациќ (БиХ), Елисавета Бончева (Македонија)  и Марија Ранѓеловиќ (Србија), а наградата од Струмичкиот карневал ја доби Миле Ѓоргијоски.

Изложбата од годинашниов Меѓународен фестивал на карикатура  и афоризам  е дел од традиционалната програма на Струмички карневал.

Куманово - Полицијата уапси жител на Турција, кој превезувал шест мигранти, по тројца од Египет и Алжир, соошти денеска МВР.

- Вчера, околу 21.30 часот. на бензинска пумпа на автопатот Скопје - Куманово, полициски службеници го лишија од слобода О. К. (33) од Турција затоа што со возило „шкода“, со косовски регистарски ознаки, превезувал шест лица мигранти, тројца од Египет и тројца од Алжир - соопшти МВР.

Претходно, како што наведуваат на наплатната станица Романовце, тој не застанал на даден знак од полициските службеници, но по преземените мерки, возилото е пронајдено.

Скопје - Во текот на изминатата недела, екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје подигнале и транспортирале 615 кубни метри отпад од диви депонии на скопската територија.

ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје изутринава соопшти дека приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад биле отстранети од улицата „Џон Кенеди“, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период било забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

- Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир, информираа од претпријатието.

Скопје - Без струја денеска од 9 до 12 часот ќе останат корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 70Б - ТЦ Алуминка, потоа улиците 30, 36 и 38 во населба Трубарево и улицата „8“, како и дел од корисниците од улицата „12“ во село Долно Соње.

Од Регионалниот центар за управување со кризина на Град Скопје сопштија дека во периодот од 7 до 16 часот без електрична енегија ќе останат и корисниците од ул. „Мирослав Крлежа“ лоцирани позади грчка амбасада, како и стамбените објекти и локалите на бул. Партизански Одреди од бр. 19 до бр. 23, од 8:30 до 13:40 часот, корисниците од улицата „Јустинијан Први“ лоцирани на потегот од маркет Вајота кон село Студеничани и во периодот од 11 до 15:30 часот, дел од корисниците од ул. Женевска во општина Карпош.

Скопје - Прекин во водоснабдувањето поради изведување на различни интервенции денеска ќе има во неколку скопски општини - Кисела Вода, Карпош, Бутел и Центар.

Како што информираа од ЈП Водовод и канализација поради изведување на водоводен приклучок на ул. „Борис Трајковски“ 212 во општина Кисела Вода прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

Во општина Карпош поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул. „Варшавска“ 4 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од „Варшавска“ и дел од бул. „8 Септември“. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.

Остани поврзан