• вторник, 24 февруари 2026
МИА Општински пул

23 февруари 2026

Струмица - На „Чист понеделник“, кој се одбележува во рамките на карневалските празнувања во Струмица, со делење и консумирање бел грав, којшто се подготви на Градскиот плоштад, беше означен почетокот на Велигденскиот пост.

Пред делењето гравот беше благословен од свештеници од Струмичката епархија, а градоначалникот Петар Јанков со соработниците прв го вкуси белиот грав. 

Одбележувањето на Чист понеделник беше збогатено со настапот на играорците од КУД „Фолклорна низа“ од Струмица.

Оваа традиција има долги корени во Струмица и низ чаршијата и во домовите на струмичани се подготвува бел посен грав.

Струмица - Маските на Цветко Багашевски, кој годинава одбележа 35 години од учеството на Струмичкиот карневал, добија најмногу награди во различни категории од Главната карневалска вечер што се одржа во саботата, а петте маски „Варварска хорда“, „Природата во мене“,„Блескавиот був“, „Сите сме различни, а сепак исти“и „Очилата на илузијата“ добија најмногу поени од жири комисијата.

Во категоријата на карневалска маска со над 50 лица првото место го освои маската „Цветина свадба“ на СОУ „Јане Сандански“, додека во кматегоријата на каерневалска маска до 50 лица првонаградена е „Аманет“ на Здружението „Струма“.

Кај карневалските маски до 30 лица најуспешна е маската „Меѓу силата и мудроста“ на Групата „Мулен Руж“ од Струмица. Во категоријата на маски до 20 учесници првото место го освои „Струмички тотеми“ на ООУ „Маршал Тито“ од Струмица, а во категоријата до 10 лица „Сите сме различни, а сепак исти“ на Цветко Багашевски.

Битола - Во јужниот дел на Пелагонија, во атарот на селата Жабени и Породин, земјоделските површини сè уште се под вода.

Од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за МИА информираа дека станува збор за површини засејани со јачмен и пченица.

- Обилните дождови и условите на терен, кои во јужниот дел на Пелагонија, особено во атарот на селата Жабени, Породин и околината, каде што Пелагонија е пониска, сè уште има вода од обилните дождови. Но не се очекува предизвикување евентуална штета врз посевите или евентуална агроинтервенција. Треба да се почека за појасна слика, која можеби ќе се добие деновиве бидејќи се очекуваат повисоки дневни температури на водухот - посочија од ПЕ на МЗШВ Битола.

Штип - Во сообраќајната несреќа на автопатот Штип - Скопје, која се случи утринава, учествувале осум возила, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) .

- Денеска, 23.2.2026, околу 7 часот, во СВР Скопје е пријавено дека на автопатот Штип - Скопје, по наплатната станица „Преод“ во насока кон Скопје, се случила сообраќајна незгода помеѓу осум возила - соопштуваат од МВР. 

 Во соопштението се вели дека на местото на настанот излезени се полициски службеници од СВР Скопје, а за тоа колку лица се повредени во несреќата и за причините најавија дека ќе информираат во текот на денот.

Куманово - Вкупната количина на вода во браната Глажња во липковско изнесува 22.800.325 метри кубни вода, а во браната Липково 950.322, соопштија денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ од каде потенцираат дека има празен акумулациски простор од 1.258.877 метри кубни вода. Викендов, екипите на претпријатието, извршија контролирано испуштање на водата од Глажња кон Липково, со што оставија акумулациски простор за собирање дополнителни количини врнежи. Денеска нема прелив на браната.

-Во изминатиот два дена имавме благ прелив преку преливниот отвор на браната Глажња. Водата се акумулираше низводно во браната Липково каде што се прифатија дополнителните количини од горната брана Глажња за да не дојде до зголемување на водостојот на реката Липковка, а со тоа и на останатите реки во нашиот реон-изјави раководителот на претпријатието, Дарко Живковски.

Пехчево - Директорот на Центарот за развој на источно-планскиот регион (ИПР) Трајче Здравков денеска беше во работна посета на Општина Пехчево каде оствари средба со градоначалникот Александар Китански. На средбата, како што информираа од Општината, се разговарало за тековните и идни проекти за регионален развој.

-Посебен акцент на средбата беше ставен на унапредување на инфраструктурата, поддршка на локалната економија и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Исто така, се дискутираше и за повиците од Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој, информираа од Општината.

Прилеп - Од 1 март Општина Прилеп започнува со присилна наплата на неплатениот данок на имот и комунална такса за периодот од 2023, 2024 и 2025 години. Причина за ваквата непопуларна мерка на наплата е тоа што значителен број даночни обврзници и покрај досегашните повици, сѐ уште не ги подмириле своите обврски.

-Според податоците од Одделението за администрирање на приходи,  вкупниот процент на наплата на даноци за имот во 2025 година изнесува 60 проценти, при што се наплатени околу 137 милиони денари по основ на даноци и комунални такси. Иако, наплатата бележи раст во однос на претходните години, постои значителен износ на ненаплатени средства кои треба итно да бидат подмирени, информираат од прилепската локална самоуправа.

Делчево - Националниот центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ денеска на прес-конференција ги презентираше проектите кои ја добија поддршката од Министерството за култура и туризам за 2026 година.

Директорот Златко Начовски истакна дека поддршката опфаќа различни области на културната дејност: фолклорна дејност, музичка и музичко-сценска дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, литература и издавачка дејност, инвестициско одржување и опрема, како и музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство.

-Оваа година нашата установа доби финансиска поддршка за 23 проекти кои ќе ја збогатат културната понуда во Делчево, од фолклор и музика до визуелни уметности и литература- рече Начовски, потенцирајќи дека меѓу најзначајните проекти е реализацијата на постојаната музејска поставка во Спомен-домот на Разловечкото востание.

Тој посочи дека поддршката ќе овозможи континуитет и развој на културниот живот во градот.

Пробиштип - Во тек е реконструкцијата на спортската сала во Општинското осново училиште „Никола Карев“, информира денеска градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски. Посочува дека со реконструкцијата на подот во спортската сала се создава современ, безбеден и функционален простор, кој ќе овозможи квалитетно одвивање на наставата и спортските активности.

-Проектот опфаќа целосна замена на постојниот, дотраен под со нова современа подлога, санација и подобрување на хидрантската мрежа за зголемена безбедност, санација на системот за вентилација и обезбедување подобри услови во салата-вели Тоневски.

Делчево - Во Делчево денеска пчеларите го одбележуваат празникот Свети Харалампиј, заштитник на пчелите, пчелните производи и пчеларите. По трет пат по ред, локалните пчелари од здружението „Пијанечка Пчела 2“ традиционално го одбележаа овој значаен ден, со надеж дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина.

-По тој повод, вечерва организираме заедничка прослава на која се поканети околу педесетина пчелари. Во рамки на настанот ќе ја најавиме новата манифестација под наслов „Денови на пијанечкиот мед“, која во иднина се очекува да стане традиционална и да се вклучи во културниот календар на Општина Делчево, информира Јованчо Медарски, претседател на здружението.

За манифестацијата веќе е подготвен проект, чија реализација ќе зависи од финансиските средства што ќе бидат обезбедени.

Струга - Општина Струга на граѓаните им даде рок до 31 март да ја отстранат неконтролираната вегетација, трње и обраснати површини, кои го попречуваат движењето и го нарушуваат изгледот на јавниот простор.

Општинската прес-служба денеска соопшти дека акцијата се однесува на тротоари, улици и јавни површини, кои граничат со приватни имоти, а не се одржувани од страна на сопствениците.

- Ги повикуваме сите сопственици на земјиште, куќи и деловни објекти да извршат чистење и уредување на просторот околу своите имоти. Од 1 април, Јавното комунално претпријатие ќе пристапи кон чистење на необработените површини, а направените трошоци ќе бидат фактурирани на сопствениците, соопшти Општина Струга.

Скопје - Општина Кисела Вода и Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ воспоставија стратешка соработка насочена кон унапредување на сеизмичката безбедност и подобра подготовка на граѓаните за природните појави. За ова денеска се разговараше на работната средба што ја одржа градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска во една од опсерваториските станици лоцирани на територијата на општината.

Од Општината соопштија дека на средбата со раководителката на опсерваторијата, проф. д-р Катерина Дрогрешка, и деканот на ПМФ, проф. д-р Даворин Трпески, биле дефинирани насоки за заедничко дејствување во областа на едукацијата и урбанистичкото планирање. Соработката опфаќа обуки и едукативни сесии за наставници и ученици од основните училишта, со цел младите да стекнат практични знаења за справување со природни ризици.

Остани поврзан