• вторник, 24 февруари 2026
МИА Општински пул

23 февруари 2026 

Виница - Вчерашниот ден беше вистински празник за љубителите  на природата, планината и за они чија страст е искачување на планински врвови - на Плачковица, со старт од  плоштадот во Блатец, се одржа „Чупино Winter Vertica“.

Ова зимска планинска трка, која годинава  се  одржа по осми пат, прераснува во вистински спортски спектакл. На стартот се појавија над 150 натпреварувачи од десетина европски држави, меѓу кои можеа да се сретнат и некои од поквалитетните вертикал тркачи од регионот.

Патеката до Чупино, врв на  Плачковица висок 1750 метри, е долга пет километри со 1000 метри искачување. 

Охрид - Младиот охриѓанец Марко Томоски освои бронзен медал на престижниот меѓународен натпревар за млади математичари International Youth Math Challenge.

Тој со само 12 години во категоријата млади математичари до 16 години ја освои престижната награда во силна конкуренција од 9.800 учесници од целиот свет. Со освоени 23 поени Марко се пласираше меѓу најдобрите седум проценти од сите учесници и меѓу најдобрите 60 проценти од финалистите, резултат што добива уште поголема тежина ако се земе предвид дека се натпреваруваше со ученици до четири години повозрасни од него.

Со тоа го освои и престижното второ Национално место за  Македонија, потврдувајќи дека станува збор за еден од најперспективните млади математичари во земјата.

Охрид - Со низа низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања општинската организација на Црвениот крст во рамки на своите здравствено-превентивни активности ќе ја одбележи Неделата на срцево-садови заболувања (21-28 февруари).

Под мотото „Здрав живот, здраво срце“, а во соработка со Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид денеска во просториите на Црвен крст Охрид  специјалист-кардиолог ќе одржи предавање за ризик факторите, превенција, третман и лекување на болестите на срцето и крвните садови.

Исто така, до основните и средните училишта во Охрид и Дебрца, доставено е типизирано предавање за срцево-садовите заболувања, со цел истото да се презентира пред учениците.

Скопје - Без вода утрово од 9 часот ќе останат корисниците од селата Батинци и Љубош.

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација-Скопје, прекинот со водоснабдување е поради уличен дефект Ф-350мм на пат за Китка во населба Драчево и ќе трае се до санирање на дефектот. 

Скопје - Полициски службеници денеска уапсиле лице во Берово за противправно одземање возило и безобѕирно управување под дејство на алкохол и без возачка дозвола, кај кого биле измерени 1,96 промили алкохол во крвта.

-Во 01:15 часот денеска на улица „Индустриска“ во Берово, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода Е.Џ.(25) од Берово. Лицето било затекнато при управување на моторно возило кое претходно било противправно одземено на подрачјето на Берово, а по даден знак за запирање се дало во бегство. По преземени мерки и активности, истото било сопрено и лишено од слобода, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „oдземање на моторно возило“ по член 242 став (1) од КЗ на РСМ. При лишувањето од слобода извршено е алкотестирање, при што биле измерени 1,96 промили алкохол во крвта - соопшти Министерството за внатрешни работи.

Како што посочуваат од Министерството, било констатирано дека лицето управувало моторно возило без да поседува важечка возачка дозвола, со што постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од КЗ на РСМ.

Остани поврзан