• четврток, 05 март 2026
МИА Општински пул

25 февруари 2026

Струга - Струшкиот суд ги одложи двете рочишта закажани за денеска против поранешниот градоначалник на Струга Рамис Мерко за незаконско поставување спомен обележје - плоча на влезот на општинската зграда и за склучен договор за осветлување на дел од речното корито на Црн Дрим. 

Причина за одлагањето, според судечкиот судија Јордан Јованов, е привремена спреченост за работа поради оперативен зафат на обвинетиот.

Последните рочишта за овие предмети беа во ноември, кога беа одложени поради отсуството на бранителот на Мерко, за што Судот го казни парично по 1.000 евра од предмет, а беа одложени и термините во декември. Следно рочиште е закажано за почетокот на април.

Предметот со плочата е во завршна фаза, додека со осветлувањето на коритото на реката Црн Дрим треба да почне од почеток.

Битола - Нашата цел е јасна, да имаме модерна, стабилна и одржлива енергетика. Но уште појасна е вистината - иднината на енергијата не ја создава машината, туку луѓето - истакна министерката за енергетика, рударство и минерална ресурси, Сања Божиновска, на промотивниот настан „Вештина на иднината“, организиран од АД ЕСМ, а се одржа во Битола.

Пред вработените на АД ЕСМ, претставници на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, како и претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), министерката Божиновска нагласи дека програмата „Вештина на иднината“, реализирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика почнува токму тука, со луѓето.

- Енергетската трансформација не почнува со технологијата, таа почнува со луѓето. Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Програмата „Вештина на иднината“, реализирана со поддршка на ЕБОР, и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика почнува токму тука, со луѓето. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да управуваат со промените што доаѓаат, со тоа институцијата станува посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. Вложувањето во знаења е еднакво важно како и вложувањето во новите енергетски капацитети. Енергетската трансформација е процес што бара постојано надградување, партнерство и доверба. Модернизацијата не се случува сама, таа се учи, се гради и се води - рече Божиновска.

Струмица - Со симболичното враќање на клучот од градот од страна на карневалџиите на градоначалникот Петар Јанков завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица.

- Струмичани уште покажаа дека се гостољубив народ и се подготвени за добра организација и добра забава. Како градоначалник сакам да се заблогадарам на сите кои придонесоа да го направиме ова карневалско издание едно од најдобрите, рече градоначалникот Јанков.

Претседателката на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Танкица Стојанова истакна дека со враќањето на клучот се исполнети ветувањата за добра карневалска забава.

-Драго ми е што Струмица имаше карневал каков што заслужува да има. Сите карневалџии беа тука со нас и се надевам дека догодина ќе ги имаме во уште поголем број, рече Стојанова.

Битола - Општина Битола објави јавен повик за доделување финансиски средства од локалниот буџет за спортски клубови, спортски здруженија и спортисти.

Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите изнесува два милиони денари за спортски клубови и спортски здруженија и еден милион денари за индивидуални спортисти.

Основен услов за доделување на финансиските средства е поттикнување и унаопредување на спортот, популаризирање на масовниот спорт и вклучување на младите, учество во систем на натпревари, како и постигнување на врвни резултати.

Во конкурсните услови наведено е и учеството на натпревари со национален или меѓународен карактер, како и учество во програми што ќе се реализираат на подрачјето на Општина Битола, се нагласува во јавниот повик кој е отворен до 11 март.

Струмица - Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев објави на неговиот фејсбук профил дека поднел тужби за клевета и нарушување на честа и угледот против пратеникот од ВМРО - ДПМНЕ, Бране Петрушевски и д-р Жан Митрев.

-Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед. Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата. Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби, напиша Заев во објавата.

Во фотографиите од тужбите кои Заев ги објави тој и од двајцата побарува штета по 500.000 денари.

Битола - Битолскиот градоначалник Тони Коњановски одржа работна средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која е во посета на Општина Битола.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираа дека во кабинетот на градоначалникот, соговорниците размениле информации за новиот Законт за енергетика.

-Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска разговараа за енергетската иднина на Битола, за новиот Закон за енергетика кој опфаќа широка лепеза на одговорности и за општините, а зборуваа и за новите можности за имплементација на енергетска ефикасност во јавни институции и потребата од вклучувањето на индивидуалните објекти во насока на подобрување на енергетската ефикасност, соопштија од тамошната локална самоуправа.

Дел од регулативите се содржат и во Општинскиот енергетски план за 2026 година за Општина Битола, за кој ќе одлучуваат членовите на Советот на Општина Битола, се наведува во соопштението за јавност.

Куманово - Вработен во музичко училиште  вознемирувал малолетничка, соопшти денеска СВР Куманово, од каде додаваат дека лицето е приведено.

- Вчера во 14:55 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода С.А.(60) од Куманово. Тој се сомничи дека претходно во музичко училиште, каде што бил вработен, вознемирувал малолетничка од Липковско на тој начин што ја повикувал на средба со него, соопшти полицијата.

Тој е задржан во полициска станица и по целосното документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Кочани - Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел.

-На средбата се разговараше за актуелната состојба во Кочани, со посебен акцент на предизвиците во периодот на закрепнување, како и за можните облици на понатамошна поддршка и продлабочување на соработката меѓу Општината и холандските партнери, информира службата за комуникации на локалната самоуправа.

Во информацијата се наведува дека амбасадорката Џанел истакнала дека Кочани и регионот се препознатливи по присуството на холандски инвеститори, кои во наредниот период ќе настојуваат, покрај економската активност, да понудат и конкретни социјални мерки. 

Скопје - Децата од Општина Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба. Ова, како што информираат од локалната самоуправа, е овозможено со потпишувањето на меморандумот за соработка со Здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможуваат индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни тешкотии и деца со попреченост.

-Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања, посочуваат од Општина Аеродром.

Скопје - Превентивно-едукативен настан посветен на безбедноста на најмладите во сообраќајот се одржа денеска во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода, во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.  Учениците од прво одделение од основните училишта „Круме Кепески“ и „Кирил Пејчиновиќ“ имаа можност преку специјално подготвена куклена претстава да ги учат основните правила за безбедно движење на улиците.

Активноста ја организираа  Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП со поддршка од Министерството з авнатрешни работи, Секторот за внатрешни работи -Скопје и Општина Кисела Вода, а присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претседателот на РСБСП Горан Ангеловски, како и претставници на МВР и СВР-Скопје. 

Скопје - Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски ги информираше амбасадорите на Полска, Црна Гора и Чешка за клучните проекти на Град Скопје, објави тој на неговата страница на Фејсбук.

На работните средби со полскиот амбасадор Мариуш Бримора, црногорскиот амбасадор Зоран Миљаниќ и чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, градоначалникот ги информирал за клучните приоритети и проекти на кои е посветен Градот Скопје, како унапредување на сообраќајната инфраструктура, зголемување на енергетската ефикасност и системско отворање и промоција на значајните културно-историски локалитети, со цел посилно позиционирање на градот на културната мапа на Европа.

- Со амбасадорот Бримора разговаравме за конкретни можности за продлабочување на соработката преку заедничка реализација на проекти и иницијативи, со особен фокус на заштитата на животната средина, поттикнување на локалниот економски развој и развој на одржлив туризам, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Остани поврзан