• среда, 04 март 2026
МИА Општински пул

4 март 2026 

Штип - Во Основен суд Штип денеска почнува судењето против 74-годишниот Денис Асанов, обвинет за убиство на 79-годишната Б.Н. од Штип.  Обвинетиот Асанов не признава вина за делото што му се става на товар.

Убиството се случи лани, а дел од трупот на починатата жена беше пронајден закопан во дворот на куќата на обвинетиот. Според исказот кој го дал пред Основното јавно обвинителство Штип, мотивите биле љубомора и љубовни недоразбирања. По  убиената жена се трагаше неколку дена, а исчезнувањето го пријавила нејзината сестра.

Според податоците од МВР, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека Б.Н. се оддалечила од домот. На 10 ноември, по судска наредба, бил извршен претрес во домот на обвинетиот Асанов, при што биле пронајдени траги од крв и други предмети поврзани со убиството.

Струга - Вкупно 25 возила одзела полицијата при контроли во сообраќајот на подрачјето на СВР Охрид од почетокот на имплементација на измените во Кривичниот законик, односно од 1 февруари, информира за МИА портпаролот Стефан Димоски.

За „Безобѕирно управување моторно возило“,  според информацијата, 11 возила се одземани во Струга, седум во Кичево, шест во Охрид и едно во Дебар.

- За управување моторно возило без возачка дозвола одземани се 12 возила, со активна забрана за возење - осум, четири возила биле управувани од лица под дејство на алкохол и едно нерегистрирано, појасни Димоски.

Интензитетот на сообраќајни контроли, според него, е зголемен на целото подрачје.

Демир Капија - Општина Демир Капија најави дека со нови мерки ќе им помага на самохрани родители, лица кои во текот на годината ќе имаат склучено прв брак и пензионери приматели на социјална пензија.

Од општинскиот Совет за социјална заштита денеска информираа дека согласно програмските активности на Општина Демир Капија од областа на социјалната заштита за тековната година, покрај веќе воспоставените мерки и активности се воведуваат и нови мерки што ќе придонесат за социјална сигурност за одредени категории на лица - семејства.

- Нови мерки се еднократна парична помош за еднородителски семејства и семејства на самохрани родители во износ од 10.000 денари, еднократна парична помош за прв склучен брак во 2026 година во износ од 20.000 денари, еднократна парична помош за пензионери приматели на социјална пензија во износ од 6.000 денари, појаснија оттаму.

Дојран - Основен проект за изградба на Музеј на отворено во водите на Дојранското Езеро, по примерот на охридската наколна населба, ќе се изработи оваа година.

Проектот кој предвидува реконструкција на праисториска наколна населба е дел од годишната програма за работа на надлежниот Завод за заштита на споменици на култура и Музеј од Струмица и за него се издвоени 600 000 денари.

Археологот Зоран Рујак од струмичкиот Завод и музеј, кој во изминатите години ги предводи истражувањата на терен во месноста Мрдаја, до самата граница со соседна Грција, објаснува дека за најпогодна локација на која би се градел новиот музеј е избрана поранешната струмичка плажа.   

Велес - Во пресрет на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, во Велес ќе се одржи традиционалниот Осмомартовски базар на кој ќе се претстават градинките, училиштата, ракотворците и трговците со цвеќе од градот.

Базарот започнува денеска, во 11 часот, на главната улица „Благој Ѓорев“, спроти Гимназијата кај „Панини“. Настанот ќе го отворат децата од велешките градинки и училишта, кои ќе ги изложат своите креативни изработки.

Од  четврток до недела, од 5 до 8 март, ќе се претстават ракотворците од градот со рачно изработени подароци од различни материјали, како и  трговците со цвеќе. 

Од Општина Велес ги покануваат сите граѓани да го посетат Осмомартовскиот базар и да одберат пригодни подароци и цвеќе за своите најмили – мајки, баби, сестри, сопруги, тетки и пријателки. 

Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека започнува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти - изградбата на булеварот „Борис Трајковски“. Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да започнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година, соопштија денеска од Одделението за односи со јавноста на Град Скопје.

- Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со што секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани, информираа од Град Скопје.

Скопје - Општина Аеродром објави јавен оглас за изразување интерес за ангажирање лица за вршење јавни работи во текот на 2026 година. Можат да се пријават сите евидентирани невработени лица, социјално загрозени лица и пензионери што сакаат да се вклучат во активности од јавен интерес на територијата на општината, информира денеска Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром.

Ангажираните лица ќе бидат вклучени во активности за одржување на јавната чистота (чистење јавни површини, празнење на канти за отпад, собирање лисја и гранки и сл.),  на зелените површини и на парковите (косење трева и хортикултурни активности), како и за одржување на улици, пешачки патеки и тротоари.

Заинтересираните кандидати треба да пополнат и поднесат пријава во aрхивата на Јавното претпријатие во просториите на Општина Аеродром. Образецот може да се подигне во просториите на Општина или да се преземе електронски од официјалната веб-страница на линкот:
http://aerodrom.gov.mk/vest/9540 . Повеќе информации можат да се добијат и на телефонскиот број: 072 270 886. 

Остани поврзан