МИА Општински пул
- 3 март 2026
3 март 2026
Тетово - Десетгодишно дете утринава го загубило животот во Тетово, информираат од СВР Тетово. Според првичните информации, причината за смртта е пад од балкон од станот во кој живеело.
Во 09:25 часот во СВР Тетово било пријавено дека во Клиничка болница Тетово било донесено починато 10-годишно момче од Тетово.
-Според пријавеното, детето кое било со здравствени проблеми паднало од тераса од станот во кој живеело во Тетово, а родителите за настанот биле известени од сосед, по што го однеле во болница. Лекар констатирал смрт, се вели во информацијата на СВР Тетово.
Прилеп - Не се согласуваме и ги отфрламе новите цени на тутунот за новата реколта што ги понудија откупувачите, реагираа од Сојузот на земјоделските здруженија на денешната прес-конференција во Прилеп. Од откупувачите добија помалку од 5 проценти зголемени цени во договорите за новата реколта. Од досегашната 420 денари за прва класа, понудената цена е само 430 или 435 денари, револтирани се производителите.
- Откупните компании ни ги доставија цените и ние веднаш ги одбивме. Нивните понудени цени за нас се неприфатливи. Има мала разлика од компанија до компанија и понудените цени се движат од 430 до 435 денари за прва, 370 денари за втора и околу 305 денари за трета класа. Само да напоменам дека ланската реколта 98 проценти беше откупена во прва класа која изнесуваше 420 денари за килограм, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.
Тетово – Советот на Општина Тетово денеска со свечена седница го одбележа 3 Март - Денот на Општина Тетово.
По тој повод пригодно обраќање имаше градоначалникот на Тетово Биљал Касами. Потоа признанија им беа доделија на истакнати 39-тина поединци, клубови, организации и правни лица во знак на благодарност за постигнатите резултати во разни области од секојдневниот живот и дадениот особен придонес за афирмацијата на градот Тетово.
-Комисијата за распределба на награди и признанија заврши одлична и многу тешка работа, бидејќи е тешко да се избере меѓу многуте жители на Тетово кои работат за општото добро. Денес, на оваа листа се наоѓаат ветерани во образованието, лица од разни области, лекари, спортисти, луѓе од уметноста и културата, занаетчии, новинари и други профили. Ги повикувам сите наши граѓани секојдневно и посветено да придонесуваат за понапредно општество и за поубав и повреден град, истакна градоначалникот Касами.
Куманово - Денеска се врши ексхумација на уште една повозрасна жена за која ЈОРСМ има сомнеж дека е жртва на дваесет и петгодишниот овчар од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство, соопшти денеска обвинителството. Инаку, како што информираа од казнено-поправната установа Куманово (затвор К’шање), Т.Б. денеска е спроведен на Клиника за психијатриско вештачење.
-По наредба на судија на претходна постапка, осомничениот Т.Б. денеска е спроведен во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Психијатрија за психијатриско вештачење. По завршувањето ќе биде вратен во КПУ Затвор Куманово на издржување мерка притвор - изјави директорот на установата, Оливер Цветковски.
Струмица - Општина Струмица започнува соработка со студентите по архитектура од Американ Колеџ Скопје, соопшти градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
-Со големо задоволство најавувам една нова иницијатива за нашиот град. Општина Струмица започнува соработка со студентите по архитектура од Американ Колеџ Скопје со цел заедно да создадеме современи и одржливи архитектонски решенија кои ќе ја обликуваат иднината на нашиот град, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот Јанков.
Тој појаснува дека целта е идејните концепти што ќе бидат понудени за градот да бидат претставени пред Струмичани за и тие да бидат запознаени
-Овие млади и талентирани студенти, со поддршка и менторство од нашите стручни тимови, ќе работат на идејни концепти за јавни и урбани проекти кои ќе ги задоволат потребите на нашата заедница и ќе бидат во согласност со урбанистичката документација. По завршувањето на процесот, сите идеи ќе ги презентираме јавно, за да можете и вие, граѓаните на Струмица, да се запознаете со нивните креативни визии и потенцијалните насоки за развој на нашиот град, напиша Јанков.
Дојран - Формирање управувачко тело за заштита, воспоставување чуварска и инспекциска служба, зонирање на подрачјето околу Дојранското Езеро и распределба на дозволени и недозволени активности во зоните, како и строго управување со милта и талогот од пречистителните станици, се поважните мерки кои ги пропишува Предлог планот за управување со споменикот на природата - Дојранско Езеро, за периодот 2026-2035.
Станува збор за прв плански документ за целосна заштита на езерото, изработен согласно Законот за прогласување на подрачјето за Споменик на природата. Документот, кој ќе биде ставен на јавна расправа, е изработен од Здружение за одржлив развој „Милиеуконтакт Македонија“ во партнерство со Општина Дојран, во рамки на проект со финансиска поддршка од Партнерски фонд за критички еко системи-CEPF.
Според Законот, со заштитеното подрачје управува Општина Дојран како единствен субјект-управувач, која веќе формирала Совет на засегнати страни и Научен совет како консултативни тела.
Дебар - По 11 дена блокада патниот правец Ќафасан - Елбасан, делница Либражд - Прењас, е отворен за сообраќај за сите видови возила.
Преку објава на социјалните мрежи, Агенцијата за патишта наведува дека и тешките товарни возила ќе можат да се движат по овој патен правец, но само оние до 8,2 тона носивост.
-Сообраќајот ќе се одвива преку привремено пренасочена траса изградена веднаш до претходната постоечка, до целосна реализација на алтернативната траса, веќе објавена, на коритото на реката Шкумбин и интегрирана со железничката пруга, стои во објавата.
Се додава дека патот ќе функционира со сигнализација на градилиштето и, привремено, ќе биде неасфалтиран додека не се стабилизираат слоевите, по што ќе се изврши конечното асфалтирање.