• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

10 декември 2024 

Скопје - СВР Скопје информира дека поради одржување на протест, денеска со почеток од 14.00 часот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот кај крстосницата помеѓу бул.„Никола Карев“ и ул.„Прохор Пчињски“ во Скопје.

Исто така, со почеток од 16.00 часот, поради одржување на протестен марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај.

Скопје - Во периодот од први до 10 декември 2024 година, екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје изготви вкупно 25 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што го прекршиле Законот за јавна чистота, односно се затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром и Кисела Вода.  

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, најголем дел од активностите на екопатролата се одвиваа во општина Чаир, каде се врачени 11 едукативно-информативни записници.

Скопје - Без вода денеска се дел од жителите од скопското село Батинци, лоцирани на улица „1“. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект ф-80 милиметри на улица „1“ бр.212 во Батинци. 

Скопје - Водата во Скопје е квалитетна и безбедна за пиење, покажуваат резултатите од анализите што ги изврши ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

- Секторот за санитарна контрола во периодот од 2 декември 2024 до 6 декември 2024 зема 204 примероци за физичко-хемиска и 204 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 50 мерни места во Град Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ, бр.183/18), се вели во соопштението од „Водовод и канализација“ - Скопје.

Струмица - Струмица денеска и утре го празнува 11 декември - Денот на заштитниците на градот, Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.

Одбележувањето почнува попладне со празнична Вечерна богослужба и Свечена академија во манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча, а утре со Света архиерејска литургија во чест на Светите Петнаесет во истоимената манастирска црква.

Скопје - Здружената иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денеска во Скопје организира протестен марш „За чист воздух“. Протестот започнува во 16 часот пред Министерство за животна средина и ПП, продолжува преку Собранието и завршува пред зградата на Владата. 

-Протестираме бидејќи секоја година од 3.828 до 5000+ луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17,7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух. Бараме од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на овие ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето, наведуваа од Зелен хуман град.

Остани поврзан