• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

12 декември 2024 

Берово - Градоначалниците на Берово и Делчево, Звонко Пекевски и Горан Трајковски, од 11-ти до 13-ти декември, присуствуваат на завршна конференција ROMACTED II во Истанбул, Турција. Посетата, како што информираше Пекевски, е во рамките на Проект „Промовирање на добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво“. 

На настанот, како што рече Пекевски, акцент било ставен на поддршката на Ромите во Западен Балкан и Турција.

Битола - Националната установа Завод и Музеј во соработка со Македонски центар за фотографија организираат изложба на стари фотографии насловена „Битола виа Дебар“ на битолскиот фотограф Зафир Ошавков (Дебар,1905 - Битола,1996).

На изложбата ќе бидат прикажани 30 фотографии снимени помеѓу 1930 и 1945 година, изработени од оригинални негативи, стаклени плочи, и се дел од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. 

Скопје - Генералното собрание на Заедницата на единиците на локална самоуправа ЗЕЛС денеска на седница ќе дискутира за буџетот и акцискиот план на ЗЕЛС за 2025 година, како и за актуелни теми и предизвици со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа во нашата земја. 

- Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во обраќање пред делегатите ќе ги изнесе идните заложби за лобирање на ЗЕЛС пред централната власт за обезбедување законски одредби што ќе овозможат успешно спроведување на префрлените надлежности, но и продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта во земјава, најави прес-службата на ЗЕЛС.

Скопје - Раководството на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со отворено писмо до Агенцијата за филм, Министерството за култура и туризам и македонската Влада, јавно бара исплата на финансиските средства предвидени за фестивалот.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ нагласуваат дека повеќе од два месеца откако заврши јубилејното 45. издание на фестивалот кој се реализирал без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот, се соочува со опомени пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица.

Скопје - Ансамблот „Театро ала мода“ составен од музичари кои живеат и работат во Холандија вечер со почеток во 20 часот ќе настапат во Камерната сала на Филхармонија. Во ансамблот свири македонската чембалистка Цветанка Созовска, Лилија Славни (барокна виолина) и Џошуа Читам (виола да гамба). На програмата се дела Букстехуде, Телеман, Ј. С. Бах, Ж. Мари-Леклер, Форкере и Рамо.

- Преземајќи го името од сатиричниот памфлет на венецијанскиот композитор Бенедето Марчело (напишан во 1720 година), „Театро ала мода“ се посветува на изведување барокна музика, но во нејзиниот автентичен манир, онолку колку што постојат информации низ историјата за начинот на изведба. Членовите на овој ансамбл доаѓаат од четири различни културни средини, но го пронашле својот обединет музички јазик во Холандија, за време на студиите на Кралскиот конзерваториум во Хаг, информира Филхармонија во најавата за концертот.

Скопје - Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, вечер со почеток во 20:30 часот, ќе биде одржана читачката промоција на третата по ред стихозбирка на Јулијана Величковска ‒ „Рајсфершлус“. Изданието е на ПНВ Публикации и поддржано е од Министерството за култура и туризам. Стиховите ќе ги интерпретираат актерката Наташа Петровиќ и авторката.

‒ Уште од самото појавување во современата македонска поезија Јулијана Величковска видливо се издвои со нагласеното љубопитство за поместување и надраснување на веќе освоените стандарди во компонирањето лирска песна кај нас. Затоа и беше за очекување таа наскоро пред читателите да понуди книга песни во проза, но и тој потфат да го продлабочи со плодоносно зафаќање во дијахрониските слоеви на историјата и на книжевната традиција, да ги воспее судбините на митските хероини, суптилно алудирајќи на препознатливите темелни вредности, својства и судбини на женскоста како дел од човечката заедничка вертикала. Особено креативно привлечни и возбудливи се ефектите што во овие песни се постигнати со мајсторското користење на еуфониските и визуелните блискости и сличности како својства на лексичките единици, па на тој начин нивниот семантички полнеж бидува зафатен од внатрешна динамика на лирскиот тек, со што песната како да еманира од текстот и продолжува во продолжително ехо надвор од фиксираниот облик, пишува Санде Стојчевски за стихозбирката.

Остани поврзан