• вторник, 01 октомври 2024
МИА Општински пул

2 септември 2024 

Скопје - Од денеска автобускиот градски превоз во Скопје ќе биде редуциран. Дел од приватните автобуси ќе сообраќаат само наутро, од пет часот. Еден автобус ќе вози само една тура, на една линија. Тоа се автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20. Потоа автобусите ќе останат во гаража, а возачите ќе им се приклучат на колегите кои нема да возат.

Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ денеска, пак, продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. Тоа се автобусите со број  9, 11, 11а, 12, 47 и 55. 

Дел од приватните превозниците најавуваат дека денеска ќе имаат средба со директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски и со секретарот на Град Скопје. Средбата, како што најавуваат, треба да се одржи во просториите на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда. 

Приватните превозници бараат да им биде исплатен долгот и да се зголеми цената која, како што посочуваат, е од пред осум години, поточно од 2017 година. Од друга страна, на Јавното сообраќајно претпријатие му недостигаат автобуси за да го покрие зимскиот возен ред, кој почнува од денеска.

Новаци - Општина Новаци и оваа година обезбеди по 10. 000 денари за секое прваче и оброк за сите ученици во основно образование во општината.

На првиот ден од новата учебна година, градоначалникот Стевче Стевановски најави дека наскоро ќе набават таблети за четвртоодделенците со цел квалитетно следење на наставната програма и содржини.

-Општина Новаци постојано вложува во образованието на децата и во подобрување на условите во училиштата. Во училиштата има нови санитарни јазли, реновирани се училниците и ходниците, а набавени се смарт табли, телевизори и нагледни средства, истакна Стевановски.

Новата учебна година во Општина Новаци ја почнаа 166 ученци, од нив 11 првачиња.

Кочани - Доброволното противпожарно друштво – Кочани го прошири возниот парк со уште едно возило, специјализирано за гасење шумски пожари. Се работи за камион што пристигна доцна синоќа од Белгија, а го донираше општествено одговорната компанија „Антура” од Кочани.

Вредноста на возилото е 25 илјади евра, а во неговиот транспорт помогна и Локалната самоуправа на Кочани.

- По поминати повеќе од пет илјади километри, низ шест држави, стигнавме со ново противпожарно возило. Станува збор за специјализирано возило за гасење шумски пожари, теренец со погон на сите четири тркала, со носивост од четири илјади литри вода и екипаж од четири пожарникари. Сето ова немаше да биде реалност без компанијата „Антура” и нејзиниот менаџерски тим. Благодарност и до Општина Кочани која ни отстапи едно од службените возила со кое заминавме на пат за Белгија, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Во моментот ДПД - Кочани располага со пет возила.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје од 26.08. до 01.09.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 89 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура. Затоа, ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар. Целта е да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, наведува ЈП Паркинзи на Општина Центар. 

Дебар - Во двете основни и нивните подрачни училишта, во општина Центар Жупа, во ученичка клупа по првпат денеска седнаа 26 првачиња, што е за 13 помалку во однос на минатата, односно 23 помалку во однос на претходната учебна година.

-Во ООУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Центар Жупа се 11 првачиња од нив седум се за настава на турски наставен јазик во училиштето во Центар Жупа, додека четири се за настава на македонски, од нив три во подрачното училиште во село Броштица и едно во село Горенци. Во училиштето во Центар Жупа, каде настава се изведува и на македонски и на албански наставен јазик, за првпат немаме првачиња по овие два наставни јазика, рече за МИА, Фехми Скендер, директор.

Според него на трите наставни јазици настава следат 200 ученици од нив 52 ученика на македонски, 137 на турски и 11 на албански јазик. Во ООУ „Неџати Зеќерија“ во Коџаџик, Горна Жупа, каде настава се изведува само на турски наставен јазик запишани се 15 првачиња, што е за шест помалку споредено со минатата учебна година.

Охрид – На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид од денеска до среда трае првиот уписен рок за идните студенти.

На високообразовната установа има места за 364 бруцоши, од нив 200 се за во државна квота, 90 со кофинансирање на студиите и 74 за вонредни студенти. По 80 бруцоши ќе може да се запишат на факултетите за компјутерски науки и инженерство, за комуникациски мрежи и безбедност, за информатички системи, визуелизација, дигитална, мултимедијална и анимациска техника и за информатички и комуникациски науки. На факултетот за применети информатички технологии, машинска интелегенција и роботика има 44 слободни места.

Заинтересираните кандидати своите документи можат да ги поднесуваат во периодот од 8 до 16 часот во просториите на Универзитетот. Повеќе информации за потребните документи може да се најдат во Конкурсот за запишување на студии од прв циклус објавен на официјалната веб-страница, како и на социјалните медиуми на Универзитетот, информираат од УИНТ „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Скопје - 612 првачиња од утрово за прв пат седнаа во училишните купи во основните училишта низ Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски присуствуваше на приемниот час во ООУ “Партенија Зографски” и во ООУ "Рајко Жинзифов" каде ги поздрави учениците и нивните родители и од каде започна делењето на бесплатните ранци со училишен прибор. Проект “Ранче за секое прваче” кој започна од Општина Кисела Вода пред три години, успешно функционира и им овозможува на сите семејства кои имаат првоодделенец со радост да го започнат наставниот процес, ослободени од финансиски грижи поврзани со потребите за наставата.

-Убаво е чувството да се биде дел од првиот училишен ден на првачињата, кој е исполнет со многу радост и возбуда. И оваа година се потрудивме дополнително да ги израдуваме со бесплатни ранци и училишен прибор кој им е потребен за следење на наставата. Трета година по ред овој наш проект претставува финансиско олеснување на семејствата кои имаат првоодделенец и за кои првиот училишен ден ќе им остане во сеќавање само по насмевките и среќата на нивните деца. Образованието е најважниот столб во животот на секој човек и затоа ние, како општина и јас како градоначалник правиме се’ на нашите ученици да им овозможиме најдобри услови да ги остварат своите потенцијали. Во таа насока, во текот на учебната година ќе реализираме бројни проекти кои ќе овозможат стимулативна средина и еднакви услови и можности за сите деца-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Во изминатиот период Општина Кисела Вода ги опреми сите училишта на своја територија со смарт уреди. Во учебната 2024/2025 година, во оваа општина се запишани  5400 ученици.

Битола - Млади на возраст од 15 до 25 години, од Битола и Крива Паланка го реализираа проектот „Заедно“ во кој учествуваа 50 активисти од различни националности, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци.

Деветмесечната активност на младите од Битола и Крива Паланка е сублимирана во кратко видео кое е достапно на македонски, албански и англиски јазик.

-Во рамки на проектот низ три он лајн часови, две работилници во Битола и една работилница во Крива Паланка, младите учеа како се создаваат вести, ги согледуваа разликите помеѓу лажните вести и вистинските информации, осознавајќи како да користат точни и проверени извори на информирање, соопштија организаторите на проектот.

 

 

Остани поврзан