• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

27 август 2024 

Дебар - Спортистот од Дебар, Јон Батку, кој живее и работи во  Швајцарија, успеа да го собори светскиот рекорд во „sit-ups“, што до сега го држеше Давид Бегиашвили, од Грузија, кој во 2011 година имаше 1430 sit-ups, во рок од 30 минути.

- Сега овој рекорд го држи дебранецот Јон Батку, кој за само 28 минути и 35 секунди успеа да направи 1430 sit-ups,  додека за 1 час и 17 минути достигна бројка од повеќе од 3200, објавија албанските медиуми.

Скопје - Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура-изградба, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта отпочнаа градежните активности за реконструкција на дел од ул „9“ и ул. „523“ во Марино, во Општина Илинден.

Со градежните работи планирано е да се изврши целосна реконструкција на улицата во должина од околу 820 метри и широчина 6 метри, реконстукција на тротоар во должина од 450 метри како и зафаќање на атмосферските води од коловозот. Оваа улица е од големо значење бидејќи претставува главна сообраќајница во општината што ги поврзува сите населни места во општината. 

Скопје - За еден сантиметар е намален водостојот на Охридското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Со тоа, водостојот на Охридското Езеро е за 15 сантиметри понизок од повеќегодишниот просек за месец август. Пониски од просечните се и нивоата на Преспанското и на Дојранското Езеро. Водостојот на Дојранското Езеро е 48 сантиметри под договорениот минимум, а нивото на Преспанско Езеро е 11 сантиметри под апсолутно појавениот регистриран минимум.

Струга - Струшкиот поет Димче Шипинкаровски доби меќународно признание и сертификат за посебен придонес и афирмација на македонската и црногорската книжевност од Меѓународното здружение „Неказано“ од Бар, Црна Гора.

Признанието, како што соопшти Здружението за литература и култура „Бран“ од Струга, чиј претседател е Шипинкаровски, му било врачено на седмиот меѓународен фестивал за љубовна поезија „Песник светисник“, на кој учествувале повеќе од 120 поети од Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Бугарија.

Скопје - Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска ќе ја посети Националната установа НУБ „Св. Климент Охридски“.

Како што информираат од Министерството за култура, за време на работната посета, Љутков ќе оствари средба со в. д. директорот Јовица Никчевски на која ќе се запознае со тековната состојба и со реализацијата на проектите во оваа национална установа.

Скопје - Подигнати над 100 кубни метри отпад од повеќе обемни диви депонии низ Скопје, лоцирани во општините Чаир, Аеродром и Центар и исчистена „црната точка“ на градот, „Пластичарска улица“, соопштија од ЈП „Комунална хигиена-Скопје“.

- Во текот на минатата ноќ, екипите на ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ реализираа активности за отстранување дива депонија лоцирана на булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица), на аголот со улицата „Максут Садик“, во непосредна близина на Амбасадата на САД. Во рамките на активностите се подигнати и транспортирани приближно 15 кубни метри непрописно одложен отпад, информираат од „Комунална хигиена“. 

Скопје - Во Берово и Лазарополе утрово е измерена најниска температура од 10 степени Целзиусови. Следат Маврови Анови со 12 степени, 13 во Битола, Претор и Попова Шапка, 14 Скопје-Петровец, Струмица, Крива Паланка, Тетово, Охрид, 15 во Демир Капија,
Прилеп, Дебар, 16 Куманово, Штип, Велес, 17 Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Крушево, 19 во Виница и 20 степени во Гевгелија.

За изминатите 24 часа до 8 часот утрово, според податоците од дождомерните места на УХМР, најмногу наврнат воден талог има во Пожаране 8 л/м2, 2 во Струмица и по 1 л/м2 во Скопје-Зајчев Рид, Битола, Гевгелија, Тетово, Ѓуриште.

Скопје - Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Центар и републичкиот Институт за трансфузиона медицина, утре, традиционално, по 22-ви пат, ќе ја организираат крводарителска акција по повод празникот Успение на Пресвета Богородица.

Целта на акцијата е да се обезбедат поголеми количини на крв во летниот период, заради можноста од недостаток на крв и крвни деривати.

Скопје - Без вода денеска од 9:30 часот се дел од жителите од населбата Ѓорче Петров 2. Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улица „Андреја Зограф“ во општина Ѓорче Петров.

Скопје - Без вода денеска од 09:00 часот ќе бидат корисниците од улиците „27 Март“ и „Никола Кљусев“ во Општина Центар. Како што соопштија од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради промена на вентил во шахта Ф-3/4 на улицата „27 Март“ (Амбасада на Кралството Шпанија).

Скопје - И во учебната 2024-2025 година, Општина Карпош ќе доделува осуммесечни стипендии во висина од 3.000 и 3.500 денари, за најталентираните основци - спортисти, кои учат во осмо и деветто одделение, во училиштата на нејзина територија, информираат денеска од локалната самоуправа. 

Рокот за поднесување на документите е заклучно со 6 септември. Повеќе детали за условите што треба да се исполнат со цел да се добие стипендија, може да се видат тука.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои, два се сѐ уште активни, а уште толку се под контрола, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- На планината Мукос, место викано „Котева круша“, во атар на село Оморани, огнот е изгаснат од дожд, додека, активен е кон селото Степанци и место викано „Кадиица“ на границата помеѓу општините Чашка и Долнени, каде гори мешана шума, се појаснува во соопштението.

 

Остани поврзан