МИА Општински пул
- 17 јули 2024
17 јули 2024
Скопје - Поради дефект, без вода денеска ќе останат неколку објекти кај Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“- Скопје, како и претпријатието, информираат од „Водовод и канализација“ - Скопје.
Вода за пиење ќе немаат кафаната „Балканика“, приватната градинка и неколку куќи позади објектот на претпријатието.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 7.30 часот до завршување на работните активности.
Крива Паланка - Над 150 дела, цртежи и слики, работени во сите сликарски техники од синоќа се изложени во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, во рамки на импресивната годишна изложба од на младите таленти од ликовното студио на оваа институција.
Според одговорните во Национална установа Центар за култура, на повидок се нови млади уметници со вонсериски таленти коишто се надградуваат и развиваат под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски.
-За мене како ликовен педагог е посебна чест да работам со вака талентирани и креативни деца. Целта не е сите да бидат уметници, но да ја развиваат својата идеја и креација во разни творечки професии. Целта е сите тие да развијат чувство за естетика и убаво, без разлика дали за ентериер или екстериер, да разликуваат убаво од шунд и безидејност, со кои сме преплавени, за жал. Да можат да бидат идни креатори, модни дизајнери, архитекти, проектанти, но пред сѐ да бидат почитувачи на вистинската уметност која е полна емоции и индивидуалност, рече Цветковски.
Скопје - Едно лице е повредено во сообраќајна несреќа што се случила рано утрово меѓу три возила на булеварот „Јане Сандански“ во општина Аеродром, кај „Мајчин дом“. Информацијата за МИА ја потврдија од Министерството за внатрешни работи.
- Во 5:43 часот е пријавена сообраќајката меѓу три возила. Станува збор за „хјундаи“, „шевролет“ и „кија“, сите со скопски регистарски таблички. Има едно повредено лице, информираа од МВР за МИА.
Повеќе детали, од МВР најавија во текот на денот.
Скопје - Без струја утре ќе останат делови од општините Сарај, Илинден, Аеродром и Центар, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје.
− Во периодот од 9:00 до 10:30 часот утре без струја ќе бидат селата Радуша, Свиларе, Дворце и Орашје во општина Сарај, од 10:30 до 12:00 часот селата Рашче, Бојане и Копаница во општина Сарај, од 10:15 до 11:15 часот корисниците од улиците „11“, „1“ и „9“ во село Кадино во општина Илинден, од 6:00 до 12:00 часот дел од ул.„Благоја Мучето“ во Аеродром, од 6:00 до 14:00 часот корисници од селата Ајватовци, Мршевци, Бучинци и фотонапонските централи ПВПП Ајватовци (Бис Оил), ТС Ајватовци, ТС Фреш Фарм, ПВПП Солант, ПВПП Симао 1, ПВПП Симао 2, ПВПП Симао 3, ПВПП Мијак, ПВПП МЕЦ Солар, ТС Мршевци 2, ТС во село Мршевци, ПВПП Го Страт во општина Илинден, од 6:00 до 9:00 часот, корисниците од ул.„Орце Николов“ бр.66 во општина Центар, а во периодот од 8:00 до 10:00 часот, корисниците од село Белимбегово улица „8“ (од бр.1 до бр.25) во општина Илинден, соопштуваат од РЦУК Скопје.
Штип - По 10 часот се очекува да пристигнат „ер тракторите“ во штипскиот дел на планината Серта, информира денеска за МИА градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Тој посочува дека од синоќа се прават и базени покрај реката Брегалница, кај штипското село Софилири. Ова било договорено во текот на вчерашниот ден и побарано од Центарот за управување со кризи.
Пожарникарите, припадниците на Армијата и полицијата се на терен и интервенираат од земја. Активни се пожари на две локации, над селата Драгоево и Селце и на ридот Штракалево кон полигонот Пенуш, каде месното население има забрана за движење во оваа зона бидејќи има неиспукана муниција.
Скопје - На плоштадот во Автокоманда вечер во 19:30 часот ќе се оддржи музички настан „Гази Баба на точак".
-За сите деца организираме лотарија со многу подароци, а како главна награда за најсреќното дете ќе доделиме велосипед, информираат од Општина Гази Баба.
Оттаму ги повикуваат граѓаните со своите велосипеди да дојдат на плоштадот во Автокоманда, каде во рамки на манифестацијата е подготвена и музичка програма.
На настанот ќе бидат доделени и решенијата за субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди кои ги доделува општина Гази Баба.
Неготино - Се реконструира фекалната мрежа на улиците „Владо Арсов Шпанац“ и „Ацо Аџи Илов“ во Неготино. Градоначалникот на општина Неготино Горан Стојанов денеска информираше дека согласно договорот склучен меѓу Вод-вар инженеринг ДООЕЛ Скопје и Општина Неготино, започнаа градежни активности за реконструкција на фекалната канализација на овие две улици во градот.
Градежните работи се однесуваат на реконструкција на фекалната линија од фекалната канализација на потегот од улицата „Владо Арсов Шпанац“ до улицата „Ацо Аџи Илов“ согласно основниот проект изработен од Астрекс ДООЕЛ Скопје. За вршење на надзорот на градежните работи се задолжени од Студио Архивисион од Скопје, соопшти градоначалникот.
Струмица - Пожарот на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, кој избвувна пред осум денови, од синоќа се проширил кон местото Рајаново. Од утрово го гаснат два хеликоптери-„Камов“ од Србија и „Блек хоук“ од Турција, кои се дел од меѓународната помош што ја доби нашата земја за гаснење на пожарите.
Прошрирувањето на пожарот го потврдија од ТППЕ Струмица и Ловното друштво „Елен“ од Ново Село. Според нив, пожарот се префрлил на западната страна на Огражден, но се надеваат дека со помош на хеликоптерите и со поддршка од земја ќе успеат да го запрат.
Од ТППЕ Струмица уште еднаш појаснија дека се работи за крајно недостапен терен, со екстремно високи температури, кои под влијание на големиот пожар имаат развиено специфична микроклима со температури преку 50 степени Целзиусови и засилен ветер.