• среда, 27 ноември 2024

Медиуми: Германија ја очекуваат месеци политичка неизвесност

Медиуми: Германија ја очекуваат месеци политичка неизвесност
Берлин, 27 септември 2021 (МИА) - Германците се соочуваат со месеци неизвесност откако социјалдемократите и демохристијаните добија исклучително блиски резултати на вчерашните парламентарни избори, пишува британскиот весник Тајмс. Партијата на канцеларката Ангела Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), го бележи најслабиот изборен резултат, покажуваат податоците за исходот од изборната трка. Германската социјалдемократска партија (СДП) победи на изборите со околу еден процент пред ЦДУ. И кандидатот за канцелар на СДП, Олаф Шолц и кандидатот за канцелар на ЦДУ Армин Лашет изјавија дека ќе се борат за функцијата канцелар, што значи месеци неизвесност за Германците, за време на кои двајцата претенденти ќе се обидат да формираат владејачка коалиција, наведуува Тајмс. Левоцентристичката СДП освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Германија и со мало водство ја победи ЦДУ на Меркел, пишува Дејли Телеграф. Резултатите од изборите ја втурнаа Германија во политичка неизвесност и значат дека ќе бидат потребни недели, па дури и месеци, пред да стане јасно кој ќе биде наследникот на Меркел како канцелар. Шолц и Лашет вчера наведоа дека ќе работат на решавање на ситуацијата до крајот на оваа година. Највпечатливата илустрација за поразот на ЦДУ на овие избори е победата на Социјалдемократската партија во изборната единица Мекленбург-Западна Померанија, каде Меркел победи на изборите осумпати од 1990 година. Резултатите од изборите ги поттикнаа поддржувачите на социјалдемократите, за кои пред само неколку месеци повеќето набљудувачи рекоа дека нема шанси да победат на изборите. Резултатите од изборите се личен успех за Шолц, чија кандидатура за лидер на СДП беше одбиена пред две години. Сепак, Шолц се врати во политичката борба, стана кандидат за канцелар на социјалдемократите и речиси исклучиво со сопствени напори успеа да ја промени судбината на неговата партија. Германските социјалдемократи победија на парламентарните избори со кревко водство и со тоа ставија крај на 16-годишното владеење на конзервативците на Ангела Меркел, пишува Индипендент. Според весникот социјалдемократите добија „јасен мандат“ да формираат нова федерална влада. Резултатите од изборите во Германија покажуваат дека социјалдемократите добиваат помалку од два проценти предност пред демохристијаните на Меркел, пишува Њујорк тајмс. - На социјалдемократите им е потребна поддршка од други партии за да формираат влада. Германците гласаа за промена, објави Њујорк тајмс. Во Германија претстои борба за функцијата канцелар, пишува весникот Фигаро. Вчера првпат во поновата германска историја, гласачите по избори не го слушнаа името на новиот канцелар при објавување на изборните резултати на телевизија. Кандидатот на социјалдемократите Шолц има кревка предност пред конзервативецот Лашет. Сепак, Лашет рече дека ќе продолжи да се бори да стане канцелар. ми/  

Остани поврзан