• вторник, 26 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - На 21.11.2024 во 21.30 часот во близина на струшкото село Мали Влај, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга го лишиле од слобода Д.М.(26) од Струга. При преглед во патничко возило „опел кадет“ со струшки регистарски ознаки, во кое се превезувал, била пронајдена и одземена марихуана и грендер. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 21.11.2024 во 14.50 часот во Охрид, на булеварот „Туристичка“, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид ја приведоа Х.П.(30) од Струга, затоа што кај неа била пронајдена марихуана. По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 21.11.2024 во 20.20 часот во с. Горно Палчиште, тетовско, полициски службеници од Полициското одделение Камењане го привеле С.Р.(63) од с. Горно Палчиште, кој бил баран по потерница врз основа на судска наредба, за издржување на затворска казна. Тој е предаден во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната. 

На 21.11.2024 во 14.30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар ја лишиле од слобода С.Д.(36) од Гостивар поради сомнение дека извршила кражба во бутик во трговски центар во Гостивар. Од неа биле одземени предметите и биле вратени на сопственикот. С.Д. е задржана во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде изготвен соодветен поднесок. 

На 21.11.2024 во 09.00 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар ја лишиле од слобода Џ.Д. (44) од Охрид, којa била пријавена од вработена во продажен објект дека извршила кражба во гардероберот и на тројца вработени им одзела пари. Таа е задржана во полициска станица и по документирање на случајот против неа ќе следува соодветен поднесок. 

На 21.11.2024 во 08.45 часот во ОВР Прилеп, Е.Б.(25) од с.Десово, општина Долнени, пријавил дека околу 03 часот во неговиот двор во селото била фрлена експлозивна направа. Полициски службеници од ОВР Прилеп извршиле увид и било констатирано дека била фрлена рачна бомба, од чија експлозија биле оштетени неколку прозорци од куќата и две патнички возила „фолксваген голф“ и „опел корса“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на Е.Б.. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.11.2024 во 16.45 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле Д.П.(21) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 21.11.2024 во 11.40 часот во СВР Куманово, 59 - годишна жена пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 88.338 денари. Според пријавеното, лицето и се претставило дека е од „агенција за биткоини“ и ѝ кажало дека на нејзината  сметка има биткоини во вредност од 900.000 денари и побарало од неа да му го даде бројот од нејзината трансакциска сметка за да ѝ ги префрли парите. Како што е пријавено, за да може да и ги префли парите требало да има одредена сума пари на сметката, а откако пријавителката подигнала брз кредит, парите и биле повлечени од сметката, но не добила надомест за биткоините. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.11.2024 во 14.30 часот во СВР Скопје, А.Ј.(41) од Скопје пријавил дека на 17.11.2024 на подрачјето на Гази Баба бил измамен од едно лице за сума од 18.500 денари. Според пријавеното, лицето му се јавило телефонски и се претставило дека работи во Центарот за социјални работи и дека доколку пријавителот сакал да ги земе своите пари, кои не му биле подигнати од центарот, наредниот ден на 18.11.2024 требало да даде 18.500 денари за услугата. Откако пријавителот ги предал парите на претходно договореното место на едно женско лице, по кратко време сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.11.2024 во 13.30 часот во СВР Скопје, 48-годишен скопјанец пријавил дека на своето работно место во канцеларија на подрачјето на Кисела Вода бил физички нападнат од неговата поранешна девојка Е.Н.Б.(45) од Скопје, која употребила и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 22.11.2024 во ОВР Прилеп било пријавено дека околу 02.00 часот во Прилеп било опожарено патничко моторно возило „шевролет каптива” со прилепски регистарски ознаки, сопственост на А.С.(21) од Прилеп. Пожарот бил изгаснат од сопственикот, а повредени лица нема. Увид извршила увидна екипа на ОВР Прилеп и се преземаат мерки за расчистување на настанот. 

На 20.11.2024 во 12.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно меѓусебно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.И.(59) од една страна и С.А.(71) и А.А.(48), од друга страна, сите од Скопје, при што бил употребен и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 21.11.2024 во 14.40 часот во СВР Скопје, Р.В.(53) од Скопје пријавил дека на 20.11.2024 околу 18.30 часот на подрачјето на Карпош, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 21.11.2024 во 18.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „сеат алтеа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на МВР, и патничко возило „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.А.(46) од Скопје. Во незгодата со телесни повреди се здобиле А.А. и малолетен сопатник, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

Денеска (22.11.2024) во 08.20 часот во Полициската станица Кисела Вода, О.Л.(42) од Скопје пријавил дека на ул.„Мариовска“ во Скопје бил каснат од куче скитник. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ј.Р.(62) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „кражба“. На 16.10.2024 во парцела во државна сопственост, на место викано „Ачкалан“, атар на с.Русиново, пријавениот кроел бесправно исечени букови стебла. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против Љ.П.(35) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 18.02.2023 во Кривогаштани, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени кокаин и марихуана. Истиот ден, бил извршен и претрес во домот на пријавениот и патничко возило „голф“ сопственост на неговиот брат, при што биле пронајдени и одземени семки од канабис и дигитална вага. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против малолетник и И.В.(24), двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Полициски службеници извршиле преглед на патничко возило „фолксваген голф“, во кое сопатници биле пријавените, при што кај првопријавениот била пронајдена и одземена марихуана, која ја набавил од второпријавениот. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Б.(58) и А.И.(53) двајцата од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 22.03.2024 на ул.„Иво Лола Рибар“ во Тетово, полициски службеници го забележале првопријавениот како на второпријавениот му продава хероин. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.А.(40) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 17.09.2024 на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, едно лице откако ги забележало полициските службеници, фрлил кесичка со кокаин, кој го набавил од пријавениот. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово, поднесе кривична пријава против Е.И.(48) од Василево, Ѓ.Ш.(54) од Берово и правно лице од Берово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 03.01.2024, првопријавениот извршил пренос на ловечка пушка „застава“ и на второпријавениот му дал адреса да ја достави во Берово, при што второпријавениот, постапувајќи во име и во корист на третопријавеното правно лице, извршил неовластена достава на оружјето, спротивно на одредбите од Законот за оружје. 
  
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.С.(25) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Пријавениот, во периодот од 29.10.2024 до 04.11.2024 преку мобилна апликација, му испраќал заканувачки пораки на С.Б., заради изнуда на парични средства во износ од 100.000 денари. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, поднесе кривична пријава против И.А.(23) и М.Р.(19), двајцата од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 20.11.2024 на ул.„Никола Парапунов“ во Гостивар, пријавените физички нападнале полициски службеници кои извршувале службени дејствија. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Т.А.(73) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ во врска со семејно насилство. На 08.09.2024, пријавениот упатувал закани по животот на неговиот 48-годишен син. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против Р.С.(31) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „компјутерска измама“. Пријавениот, претставувајќи се како вработен во банка, исконтактирал друго лице и го довел во заблуда да му го даде кодот кој пристигнал на неговиот мобилен телефон заради наводно ажурирање на податоци, при што го оштетил за 683.000 денари. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против М.Н.(41) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“. На 06.10.2024 во с.Долна Бањица, гостиварско, пријавениот со воздушна пушка пукал кон куче. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.И.(57) од с.Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 22.09.2023 на катастарска парцела негова сопственост, пријавениот изградил бетонски ѕид без одобрение за градење издадено од надлежен орган. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Ш.(57) од с.Пирок, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 10.01.2023 на регионален пат Тетово-Пирок, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „форд транзит“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека врши јавен превоз без да поседува лиценца издадена од надлежен орган. 

Остани поврзан