• понеделник, 07 октомври 2024

Конференција за медиуми ЕУ-Западен Балкан: Демократиите не можат да опстојат без слободни медиуми, дезинформациите сериозна закана

Конференција за медиуми ЕУ-Западен Балкан: Демократиите не можат да опстојат без слободни медиуми, дезинформациите сериозна закана
Тирана, 10 ноември 2022 (МИА) – Слободата на говорот, слободата на медиумите и плурализмот се клучни за секое демократско општество и тие мора да бидат гарантирани. Демократиите не можат да опстојат без слободни медиуми кои денес се соочуваат со големи предизвици – дезинформации, лажни вести, дигитална трансформација, закрепнување во пост-ковид периодот. Слободата на медиумите во регионот на Западен Балкан има ограничен напредок и тука треба многу да се работи, беше посочено на Конференцијата за медиуми ЕУ-Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Тирана, јави известувачот на МИА од Тирана. Шефицата на Делегацијата на ЕУ во Албанија Христиане Хохман, на отворањето на конференцијата кажа дека слободата на медиумите се наоѓа во првиот кластер во преговорите со ЕУ – Фундаментални вредности, а тоа, како што вели, значи дека демократските општества не можат да опстојат без слобода на медиумите. -Деветнаесетти јули беше историски ден за Северна Македонија и за Албанија, овие две земји презедоа одлучувачки чекор напред што ќе го придвижи целиот процес на пристапување. Овој процес треба да ги вклучи сите општествени чинители, а тука медиумите играат клучна улога, рече Хохман. Таа истакна дека предизвиците со коишто денес се соочуваат медиумите се огромни, вклучително медиумската војна по инвазијата на Русија во Украина, и во нивното справување мора да биде гарантирана слободата на медиумите, што, како што рече е тешка и макотрпна професија. Хохман нагласи дека медиумите во целина го рефлектираат плуралистичкото демократско општество. В.д директорката за Западен Балкан во генералниот Директорат за соседска политика и преговори за проширување во Европската комисија, Микела Матуела, рече дека политиката на проширување има нов моментум, а тоа е новиот геополитички контекст во којшто се наоѓа Европа. Таа се осврна на посетата на претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен минатиот месец на регионот, потсетувајќи оти со тоа е испратена силна порака на охрабрување на Западен Балкан, да го продолжи патот на реформите и оти регионот не е оставен сам во справувањето со економско-енергетската криза. Матуела најави и дека Самотот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Тирана во декември ќе биде уште една важна порака што ќе биде испратена до регионот. -Слободата на изразувањето е дел од кластерот Фундаменти. Во извештаите на ЕК за напредокот на регионот беше нотирано дека во Западен Балкан има ограничен напредок во слободата на медиумите. Пред вас имате многу предизвици – како на пример политичко мешање во медиумите, физички напади врз новинарите, условите во коишто работат новинарите се, исто така, од големо значење. Надминување на овие предизвици треба да биде заеднички напор на властите и сите општествени чинители, рече Матуела. Европската комисија, додаде таа, поаѓајќи од фактот дека слободата на медиумите е суштински важна, дава финансиска помош на медиумите во справувањето со предизвиците, како што се дезинформациите и странското мешање коешто може да биде сериозна закана за демократиите. Пред официјалното отворање на конференцијата, Советникот во Директоратот за проширување за граѓанско општество и медиуми, Андреас Кестерис ги презентираше новите програми за поддршка на медиумите во Западен Балкан. На работилницата „Размислувајќи заедно“ во рамки на конференцијата, беше посочено дека медиумите беа многу погодени во ковид-кризата и се уште се обидуваат да преживеат, мнгоу новинари беа отпуштени од работа, некои медиуми беа затворени, а ковид-кризата како и пост-ковид периодот ја интензивираше миграцијата кон онлајн медиумите, при што поголем дел од рекламите, како што беше посочено, одеа од телевизиите кон онлајн медиумите. Во рамки на конференцијата ќе се одржат неколку панел дискусии за информациски манипулации и странско мешање, за дигитална трансформација на медиумите, за градење општества отпорни на дезинформации и заштита на демократиите. На конференцијата ќе се доделат и награди за истражувачко новинарство во Западен Балкан. Европската комисија во моментов има финансиска асистенција во регионални програми на Западен Балкан во износ од 31,6 милиони евра, што вклучуваат поддршка за слобода на медиуми, градење доверба во медиумите, јакнење на правната експертиза за слобода на изразување и медиуми... Поддршката за Северна Македонија изнесува 400.000 евра. нд/вг/ Фото: МИА
vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан